Макромеметика

Макромеметика

Резиме
1 – Вовед и преглед
2 – Поделената западна философија
3 – Хиерархиската структура на мем-басенот и Поперовиот Свет 3
3.1 – Мем-басените и тоталниот културен апарат на општествата
4 – Културалната еволуционистичка школа во социјалната антропологија
4.1 – Еволуционистичка анализа на цивилизациите
5 – Меметиката и философијата на XX-иот век
5.1 – Мемите и прагматизмот
5.2 – Попер и еволуционистичката епистемологија
5.3 – Сосир и означувачите
5.4 – Фуко и епистемата
6 – Заклучок: Улогата на меметиката
Референци

Од времето на Имануел Кант /Immanuel Kant/ (1724-1804) западната философија се раздели на две главни традиции: имено, на континентална философија, која започна со Ј. Г. Фихте /J.G. Fichte/ (1762-1814) и се разви преку Г.В.Ф. Хегел /G.W.F. Hegel/ (1770-1831) и Карл Маркс /Karl Marx/ (1818-1883) во егзистенцијализмот и структурализмот од XX-иот век; и второ, на англо-американска философија, која ја продолжи радикално емпиристичката традиција на Дејвид Хјум /David Hume/ (1711-1776), онака како што ја разви Бертранд Расел /Bertrand Russell/ (1872-1970). Имињата континентална и англо-американска се несреќно избрани во смисла дека имплицираат некој вид географска раздвоеност на традициите. Макар што ова во одреден степен е вистинито, сепак многу од главните фигури од англо-американската традиција беа Германци по потекло или по говорно подрачје, како што се Лудвиг Витгенштајн (1889-1951), Карл Попер /Karl Popper/ (1902-1994) и разни други членови на Виенскиот круг. И обратно, континенталната философија сега е нараснувачки популарна во Велика Британија и САД, иако вообичано во поголема мерка во академските оддели за литература и културални студии, отколку во оние за философија (концизни прегледи на двете традиции се дадени во Scruton /40/ и Pears & Kenny /29/).
Англо-американската философија пред сè е заинтересирана за логиката, философијата на науката и лингвистичката анализа на значењето. Континенталната философија, од друга страна, е заинтересирана за теми од политиката, естетиката, културата и „умот“, кои генерално се сметаат како премногу дифузни и недофатливи за повеќе логички и научно ориентираните англо-американци. Извесно вкрстено оплодување се одигра неодамна со тоа што Витгенштајновите доцнежни трудови влијаеја врз обете гранки (21). Освен тоа, со развојот на когнитивните науки, полето на умот и свеста повторно станаа респектабилни во англо-американскиот философски свет (прикажано од Gardner /17/).
Принципиелната теза на овој есеј е дека меметиката, бидувајќи применлива врз целокупноста на пренесените информации, без оглед дали тие се научни или поопшто културални, обезбедува средства за повторно обединување на западната философија. Употребувајќи ја меметиката, може да се пристапи кон повеќето преокупации на континенталните философи, како што се состојбата на општеството и општествената промена; но, и голем дел од нивната терминологија и концептуална рамка може повторно да се изрази со меметички термини. Ова не е така неверојатно како што на прв поглед изгледа, со оглед на тоа што структурализмот ги наоѓа своите корени во културалниот еволуционизам од XIX-ти век. Пред да се соочиме со овој предлог подетално, ќе изложиме некои разгледби околу аналогијата мем/ген и нејзината релевантност за проблемот на „културата“.

АвторДерек Гедерер
2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 27|