Макромеметика

Макромеметика

Резиме
1 – Вовед и преглед
2 – Поделената западна философија
3 – Хиерархиската структура на мем-басенот и Поперовиот Свет 3
3.1 – Мем-басените и тоталниот културен апарат на општествата
4 – Културалната еволуционистичка школа во социјалната антропологија
4.1 – Еволуционистичка анализа на цивилизациите
5 – Меметиката и философијата на XX-иот век
5.1 – Мемите и прагматизмот
5.2 – Попер и еволуционистичката епистемологија
5.3 – Сосир и означувачите
5.4 – Фуко и епистемата
6 – Заклучок: Улогата на меметиката
Референци

Основачот на континенталната философија од XX-от век е швајцарскиот лингвист Фердинанд де Сосир /Ferdinand de Saussure/ (1857 – 1913). Практично непознат за време на животот, тој имаше огромно постхумно влијание, благодарение на објавувањето на забелешките од неговите предавања, одржани во1916 г., кои ги собрале двајца негови ученици. Мноштво од неговите тематски преокупации беа исти со оние на нему современите англо-американски философи: природата на јазикот, значењето и неговата кореспонденција со стварноста и.т.н., но неговите резултати беа многу поинакви од оние на неговите современици, Вајтхед и Расел. Изворно, Сосир беше компаративен лингвист кој работеше врз проблемот на еволуцијата на индо-европските јазици, но неговите подоцнежни теории имаа за цел да го истакнат синхронискиот пристап т.е. обработката на постојната јазичка структура во даден временски момент, над дијахронискиот т.е. обработка на развојот на јазикот низ временскиот тек. Сепак, голем дел од неговата терминологија останува компатибилен со меметичкиот пристап.
Сосировата теорија кружи околу поимите „означувач“ и „означено“. Да го употребиме примерот што го дава Сарап /Sarup/ (/37/ р. 3): во случајот со јаболкото означувачот е звучната слика направена од зборот „јаболко“, а означеното е концептот на јаболкото (не, како што некој би помислил, самото јаболко). „Знакот“ во Сосировиот речник е односот помеѓу означувачот и означеното, и тој е арбитрарен, зашто зависи од договор. Претходно веќе ги изедначивме логичко-атомистичките искази и псевдо-исказите со мемите; но, во овој случај не е така лесно да се размрси коренсподенцијата. Дали мем е означувачот? или означеното? или знакот?
Дополнителна тешкотија произведува фактот што Сосировите следбеници, структуралистите, налик на логичките атомисти, не беа посебно заинтересирани за промената. Нагласувајќи го проучувањето на структурните релации, кои постојат во еден временски момент, т.е. синхронискиот пристап, над начинот на кој овие релации се менуваат низ времето, т.е. дијахронискиот пристап, структуралистите го потиснуваат развојот до позиција на помала важност. Како што структурализмот преминуваше во пост-структурализам се појави тенденцијата да се сосредоточи повеќе врз означувачот отколку врз означеното, што се толкуваше како обид да се отстрани едно – едно коренсподенцијата помеѓу исказите и стварноста. Ова претставува значаен философски предизвик (посебно за англо-американците), но всушност тоа повеќе го доближи структурализмот до меметиката. Потенцијалната двосмисленост на Сосировиот комплексен тријадички систем на означувач, означено и знак се отстрани. За пост-структуралистите означувачот е сега доминантна единица и може да се разгледува како аналогон на мемот. Така, ја имаме „играта на означувачите“ (le jeu des signifiers), омилена на пост-структуралистичката школа позната како деконструкционисти. Процесот на распарчување на текстот на неговите компоненти – означувачи е сличен на меметичкиот редукционистички процес. Анализирајќи го комплексниот систем верувања, меметистите сакаат да ги откријат, расчленат и опишат мемите кои се присутни во него, во термини на нивните репликациски моќи: прилагодливост, себичност и.т.н.
Водечкиот деконструкционист Жак Дерида /Jacques Derrida/ ја презентираше идејата дека сме сочинетии од јазик(от). Изгледа дека ова е невообичаена идеја за многу научници и англо-американски философи. Сепак, Даниел Денет /Daniel Dennett/ (10) употреби мем-концепт да каже нешто за свеста, многу слично на ова. Денет ги гледа мемите како некој вид софтвер за „виртуелната машина“ на свеста, која функционира благодарение на „хардверот на мозокот“. Да се рече дека ние (или нашите свести) сме сочинети од јазик(от), следејќи го Дерида, не е толку далечно од Денетовото гледиште дека нашите свести се „сочинети“ од комплексната интеракција на мемите.
Како што споменавме погоре, деконструкционистичкиот процес, кој Дерида и неговите следбеници го применуваат на текстовите, е таков вид процес кој меметиката го применува на културата воопшто, за да ја сведе на нејзините базични содржински делови: мемите или меметичките нуклеотиди. Еден пример за должината во која деконстукционистите одат во сецирањето на текстот наоѓаме кај Дерида /12/, кој посветува книга од 139 страни на испитување на зборот “Geist” од Хајдегеровите дела. Додека кај деконструкционистите процесот е дизајниран за да го „разбие“ значењето (Sarup /37/), во меметиката процесот има за цел да го сецира начинот на кој културата се развила. Деконструкцијата се гледа себеси како процес на читање текстови на радикално нов начин, различен од традиционалниот начин на гледање на стварите. Во истата смисла и меметиката е нов приод кон културата и науката, и всушност, кон целокупното научено однесување и убедување – таа не е само оживување на културниот еволуционизам, туку е вистински дарвинистички пристап кон културата.

АвторДерек Гедерер
2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 27|