МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

/, Литература, Блесок бр. 126 - 127/МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

На читателот не му останува ништо друго освен да се препушти на магијата на раскажувањето. Зашто, „впечатокот што останува по читањето е пријатен, за прозата на Урошевиќ треба да се рече дека е убава“ – нагласува Миленко Паиќ5 во еден свој есеј и како главни особености на прозата на Урошевиќ, меѓу другите, ги посочува: леснотијата, атмосферата и набројувањето. Урошевиќ пишува со леснотија, смета тој, но со право предупредува дека не се работи за површност и едноставност на нарацијата, туку за „леснотија што залажува“ или за „привидна леснотија“, за една специфична лелеавост во стилот на онаа Кундерина „неподнослива леснотија“. Натаму, според Паиќ, атмосферата во расказите на Урошевиќ „е остварена маестрално, во неколку силни и вешти потези со оригинална и карактеристична разработка на детали“. Впрочем, и за самиот Урошевиќ, атмосферата е „врв на прозното мајсторство“, нешто што ја „обвиткува приказната и ѝ дава некоја особеност“ 6. Во поглед на атмосферата, нашиот автор не го крие влијанието од неговиот омилен писател Бруно Шулц, чиј стил е препознатлив и во книжевната постапка или стилската фигура набројување. Урошевиќ важи за „голем мајстор на набројувањето“ (М. Паиќ); натрупувањето, складирањето предмети, мошне често, се јавува во неговите раскази како сведоштво за авторовата речиси детска љубопитност и богата фантазија да создава „соѕвездија на мали предмети“ (според синтагмата на Леонид Шејка), од една страна, а од друга страна, буди алузии на надреалистичката потрага по „чудесниот предмет“. Илустративни во оваа смисла се расказите: „Ќерката на старинарот“, „Старинарница во Солун“, „Продавница ‘Илузија’“ и др.

„Имаше тука оружје – долги пушки кременарки, пиштоли со рачки украсени со срма, уметнички изработени ножови, сабји со пискули што висат од балчакот; имаше ламби, руски самовари, часовници со нишала, дуљбии, рогови за барут, кадилници, крстови, бродски ѕвона, песочни клепсидри, табакери, прстења, клучови, кутичиња, ладала, цвикери, монокли, ордени, фенери, глави од стари порцелански кукли, фурки, икони, обетки, пафти, компаси, свешници, ѓердани, кантари, мандала, катанци, бурмутици, белезици, игли за шапки, бројници, копчиња од униформи, печати, еполети, мамузи, напрстоци, медалјони, запалки, шаховски фигури од слонова коска, муслимански амајлии наречени ‘Фатимина рака’, пожолтени разгледници, стари пари…“
(расказ „Старинарница во Солун“)

Фасцинира овој раскошен список на обични и необични предмети, оваа врвна артифициелност како стилска особеност на нашиот Урошевиќ кој, по повод аналогната постапка во прозата на Димитрие Дурацовски, ќе запише: „Во оваа низа од ‘куриозуми’ ја препознаваме склоноста кон екстравагантните колекции што ја пројавуваат пребогатите англиски аристократи, заболени од сплин, во расказите на Едгар Алан По, потоа – на еден реален, историски план – приказните за неверојатната ‘Соба на чудесности’, кој во Прага, во замокот на Храдчани, ја имал царот Рудолф II, егзотичниот паноптикум од излозите во Крокодилската улица на Бруно Шулц, натрупувањето на разни видови отпадоци во ателјето на Курт Швитерс, главната личност на хановерската Дада, како дел од еден грандиозен уметнички проект, но и збирките на непотребни и отфрлени предмети од сликите на Леонид Шејка и од асамблажите на Оља Ивањицки, настанати во врвните мигови на ‘Медијала’“.7

Изречените согледби, несомнено, имаат автореференцијален карактер и се речит пример за чудесната симбиоза на писателот Урошевиќ (homo-fabulus) и теоретичарот и есеист Урошевиќ (homo-poeticus), врвниот зналец и познавач на бројни области од доменот на културата, уметноста, науката… Постапката на набројување игра значајна улога во засилување на визуелниот ефект на неговите прози, кои и инаку се одликуваат со впечатлива, речиси филмска нарација. Говорејќи за „сликарската имагинација“ на Влада Урошевиќ во истоимениот есеј, Светозар Бркиќ се осврнува и на феноменот „наброени предмети“, феномен кој, според него, ги шири асоцијациите не само на древниот и сегашниот свет на Источниот Медитеран, Египет, Грција, и не само на егзотиката од другите континенти, туку и на човековата мисла и подвиг да се следат ѕвездените патишта и движења.8

„Сите тавани на нашето детство, сите острови со закопаното богатство, сите пештери со скриени азна беа собрани тука: времињата и просторите беа измешани на најневозможен начин, епохи, векови, царства и војски се спојуваа во една нова, своеволна и хаотична историја, во една археологија ослободена од научната егзактност и препуштена на налуничавоста на сонот.“
(расказ „Старинарница во Солун“)

Врз мапата на имагинацијата, овој автор, со своето перо, ги исцртува контурите на еден лавиринт од борхесовски вид кој ги опфаќа: минатото и иднината, сонот и реалноста, ерудицијата и измислицата, човечкиот свет и светот на ѕвездите. И како секој суверен господар на лавиринтот кој ја поседува Аријаднината нишка за влез и излез, „нуди билет за едно сонолико патување низ времето и просторот“ (како што пишува на корицата на неговата книга Детство, лето, град).

2. Стапиците на времето и просторот

„Просторот е нешто што можеби повеќе ме интересира како топос отколку односот простор-време. Изгледа дека сум повеќе, особено во прозата, писател на просторот“ – вели Влада Урошевиќ во разговорите со Владимир Јанковски и појаснува: „Во ова наше секојдневие, паралелно со обичниот простор што го познаваме, постои еден друг, таен простор во кој може во определени мигови да се навлезе и кој тогаш ни дава еден друг вид доживување. Мислам дека чувството на паралелни простори, на обичниот и тајниот простор кои честопати се мешаат и чии граници, се повторувам себеси од песната ‘Еден друг град’, не се секогаш видливи, тоа во мене постоело уште од младоста и кај мене се јавило токму во врска со Скопје. Секогаш сум мислел дека може низ некаква мала тесна скопска уличка (…) да се навлезе во еден друг свет. Тоа е една од клучните идеи кои ги обликувале повеќето од моите раскази. Веројатно тоа е потреба од бегање од секојдневието, раскинување, но не целосно, со реалноста (…) Значи, сепак постои желба да се остане во овој простор, но во него да се откријат можности за некакви негови други видови“. 9


5 Миленко Пајиќ, „Роднината Емилија“. Разгледи (темат: В. Урошевиќ), оп. цит., стр. 174.
6 В. Јанковски, Огледало на загатката (разговори со В. Урошевиќ), оп.цит., стр. 77-78.
7 В. Урошевиќ, „Волшебната кутија на Дурацовски“, Манускрипт, МАНУ, год. IV, бр. 2, 2019, стр. 270.
8 С. Бркиќ, „Сликарската имагинација на В. Урошевиќ“, Разгледи (темат: В. Урошевиќ), оп. цит, стр. 156.
9 В. Јанковски, Огледало на загатката (разговори со В. Урошевиќ), оп.цит., стр. 65-66.

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2019-08-06T13:00:07+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 126 - 127|