КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

/, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 142/КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

Во корпусот на темите за хегемонијата на телото и сексизмот е и темата за мајчинството, односно митот за совршената мајка или мајките кои одлучуваат да работат. Жените кои одлучуваат да бидат активни на пазарот на трудот после раѓањето дете популарно се нарекуваат „working mоms“, термин кој е често присутен низ блогерската пропаганда. Социјалните мрежи, како нови медиуми, влегуваат длабоко во приватноста и интимноста на луѓето, етикетирајќи ги и судејќи ги личните избори. Социјалните мрежи се плодна почва на која женската психа е распната помеѓу ставовите дека мајките не треба да се вратат на своето работно место брзо по породувањето, дека не треба физички да се одвојат од новороденчето во првите месеци од неговиот живот, наспроти ставовите дека жените имаат право да одлучат како ќе го микроменаџираат својот живот и каков баланс ќе воспостават меѓу децата, семејството и професијата. Со ова навлегуваме во две важни теми како што се репродуктивните права и работничките права на жените. Законот за работни односи во Република Северна Македонија предвидува можност и татковците да користат родителско отсуство, но Фондот за здравство во 2016 година, на пример, регистрирал само 54 татковци кои го искористиле тоа право. Скандинавските земји, пак, имаат модел на задолжително (споделено) родителско отсуство помеѓу родителите. Европската унија ја редефинираше директивата за постигнување баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот и побара активно вклучување на мажите во сферата на домот и чувањето на децата. Значи, покрај мерките што активно ќе го вклучат таткото во чувањето и грижата на децата, потребни ни се современи мерки и родово одговорни политики кои активно ќе ја вклучат мајката на пазарот на трудот.

И додека голем број жени минуваат низ разни емоционални состојби и себепреиспитувања за тоа што е важно во животот, барајќи го чувството на слобода или ослободеност од прангиите на општествениот затвор, водејќи ги битките против патријархатот и шовинизмот, кокетирајќи и осудувајќи го сексизмот, мечтаејќи за самостојни одлуки и целосна независност, се прашуваме дали популарната култура ги зацврстува или ги подрива родовите стереотипи? Дали феминизмот е искористен како сценариска подлога за забава и хумор или за сериозна критика и осуда на родовата дискриминација?

Конечно, ќе заклучиме дека покренувањето на прашањата за хегемонијата на телото, култот на младоста, мајчинството, сексуалноста, репродуктивните права и слично низ популарната култура се важни поттикнувачи на антидискриминаторските политики. Неопходно е креирање на системски решенија што би биле во прилог на родовата еднаквост, конкретни заложби за поодговорен однос кон позиционирањето на жените и мајките на пазарот на трудот, како и буџетирање на родово сензитивни политики коишто треба да направат реални промени во општеството.

АвторАна Јовковска
2022-04-04T09:39:01+00:00 март 30th, 2022|Categories: Есеи, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 142|