КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

/, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 142/КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

Имено, ако сакаме да ги разбиваме родовите стеротипи како една од најконзервативните форми, неизбежно е да прочепкаме низ уметничките порции што имаат широка комерцијална примена кај публиката. Еден таков пример е феноменот Бриџит Џонс разработен низ романите на Хелен Филдинг и филмовите снимени по нив. Главната хероина Бриџит Џонс за култот кон младоста и теророт на совршенството, како доминантни одредници на женските магазини, вели: „Се фаќам себе си како постојано си го гледам ликот во огледалото и проверувам дали ми се појавиле брчки и очајнички го читам Хелоу!, проверувајќи кој колку години е стар, безнадежно барајќи примери, борејќи се со стравот од минатото дека еден ден во своите триесетти, без предупредување ќе носам голем, дебел, плисиран фустан, торба за пазарување, ќе имам трајна ондулација и лицето ќе почне да ми се распаѓа во стилот на филмски специјални ефекти и тоа ќе биде крај на се“ (Филдинг, 1996: 81). Опсесијата со годините во романите и филмовите за Бриџит Џонс всушност се обработува низ две наративни линии. Првата е поврзана со минливоста на убавината, а втората со љубовта и репродукцијата, односно копнежот и стравот од мајчинството. Опседнувајќи се со убавината, Џонс вели дека има потреба да го сопре процесот на стареење, но дека не може да си дозволи затегнување на лицето бидејќи е многу скапо. Денес, естетската хирургија зема голем замав кога е во прашање процесот на подмладување. Со доза на иронија би можеле да констатираме дека во некои општества се случува ботокс-револуција. Сето ова им оди во прилог на трговците и огласувачите на декоративна козметика, како една од најпродаваните работи меѓу женската популација и една од најкомерцијалните придобивки на конвенционалната женственост. Следствено, „љубовната врска“ помеѓу родовите стереотипи и идеологијата на консумерзимот, односно нормираната конвенционална женственост, е во функција на потрошувачката култура.

Другата линија е онаа за бидувањето „сингл“ девојка над одредена возраст и притисокот на биолошкиот часовник којшто ги потсетува жените за минливоста на нивниот репродуктивен период.  Една од главните репрезентации на современата жена е како ловец во потрагата по маж, односно сексуален партнер и истата ја покажува женската перцепција за самотијата како очајна и (само)сожалувачка. Чест наратив во филмската уметност се емоционалните состојби во кои женските јунакињи се соочуваат со осаменост, анксиозност, дефетизам и песимизам токму од тие причини. Опседнатоста со пронаоѓањето на љубовник се прикажува и во филмската сцена кога Бриџит Џонс е на работа, седната пред својот компјутер на канцелариската маса, кога наместо да се концентрира на професионалните обврски, таа зборува по телефон со нејзината пријателка за љубовните проблеми. Во моментот кога колегите ја забележуваат нејзината несериозност и непрофесионалност, таа почнува да се преправа дека разговара со некој автор со кој издавачката куќа соработува, расфрлајќи се со термини како „традиционална маскулиност“ и слични интелектуални фрази, за да ги камуфлира тривијалните „женски“ теми за љубовта и романсата.

Имено, од една страна се потенцира тривијалноста на романсата, а од друга страна, филмот го исмева интелектуалниот снобизам како пост-модернистичка вербална дијареа. Но она што е индикативно е што и главниот машки лик во филмот, Марк Дарси, кој е портретиран како образован, еманципиран и прогресивен маж, во еден миг вели: „Каде и да се свртиш, некој сака да ти намести некоја луда жена на одредена возраст која бара принц на бел коњ за да ѝ ги реши сите нејзини проблеми: финансиски, физички и сите други“. Ваквите маскулинистички перцепции во комбинација со очајот на Џонс која мисли дека ѝ истекува сексуалниот рок на траење се плодна почва за стигматизација на „сингл“ жените.

Притисокот за реализација на жената како мајка е сеприсутен во патријархалната култура. „Да бидеш жена која ближи кон четириесеттата година од животот и да немаш деца е најтешкиот период за една жена. Зошто сите се обидуваат да направат да се чувствуваш глупаво затоа што немаш деца? Мислам, речиси сите се по малку амбивалентни за целата оваа работа, вклучувајќи ја и мајка ми. Колку пати само има кажно, „Понекогаш посакувам никогаш да немав деца душо“. И не е толку лесно да родиш дете во овој современ свет, со оглед на тоа што мажите сè повеќе и повеќе се претвораат во неразвиен примитивен вид (Филдинг, 2016: 15 и 34). Во ваквата репрезентација на современата жена се декодираааат смисла и значења кои се надвор од зоната на мајчинството, но се под постојан притисок на конзервативниот менталитет за реализирање на жената исклучиво низ/во улогата на мајка. „Како што жените преминуваат од дваесеттите кон триесеттите, рамнотежата на моќта се менува суптилно. Дури и најсамобендисаните девојки ги губат нервите, борејќи се со првите болни знаци на егзистенцијална загриженост: стравот дека ќе умрат сами и дека нивното тело ќе биде пронајдено три недели подоцна полуизедено од некој германски овчар“ (Филдинг, 2016:  82). Стигмата кон неомажените жени е кодирана во дијалозите не само во популарната култура, туку и низ секојдневниот живот. Ако на ова се надоврзат често слушаните фрази – „вие кариеристки“ и „тик так тик так, времето ти чука“, ќе заклучиме дека секој си дозволува да ги патронизира жените за нивната одлука за репродукција, што всушност претставува право на секоја жена индивидуално да одлучува за своето потомство и за своето тело.

АвторАна Јовковска
2022-04-04T09:39:01+00:00 март 30th, 2022|Categories: Есеи, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 142|