Концепцијата на светот во македонските народни легенди

/, Литература, Блесок бр. 150/Концепцијата на светот во македонските народни легенди

Концепцијата на светот во македонските народни легенди

Општо гледано, концепцијата на светот во македонските народни легенди во себе го крие сето тоа што претхристијанскиот и христијанскиот религиозно-филозофски ум подразбирал под поимот свет. Таквата концепција значи, била под директно влијание на старите и големи религиозни системи како што се ирано-халдејските филозофии и космогонии, особено манихејството, кое подоцна преку ерменското павликијанство, доживеало реафирмација на своите мисловни токови и во дуалистичката филозофијата на богомилите, чии трагови се сè уште видливи и во современото христијанство. (Драгојловиќ Д., Антиќ, В. 1990).
Во оваа смисла најмистични и секако најезотерични македонски легенди – кои по својата структура не се оддалечуваат многу од митовите – се космогониските легенди за создавањето на светот и животот, каде што поимот свет опфаќа главно дуалистички структуирани феномени како што се господ и ѓаволот, светлото и мракот, земјата и небото, сонцето и месечината, растенијата и животните, мажот и жената и др. (Саздов, Т. 1987)
Тоа што е најсуштествено за ваквите легенди е што во нив може да се открие едно филозофско-религиозно толкување на поставеноста и заемниот однос помеѓу човекот и светот и да се долови барем приближно, одговорот на прашањето за онтолошкиот или гносеолошкиот статус на светот во однос на човекот. Се разбира дека како и во големите религиозни космогониски системи, така и во македонските космогониски легенди едно од можните решенија води кон одговорот дека човекот и светот се наоѓаат во едно нераскинливо единство, односно во процес на постојан дијалог. Дијалогичноста може да се смета за основна категорија во комуникацијата помеѓу човекот и светот. Од ова следи дека тие комуницираат врз основа на еден сопствен јазик заснован врз симболичко толкувани прашања и одговори. (Топоров,1971, 9-62)
И додека светот му поставува најразлични прашања на човекот тој на нив одговара со симболичка интерпретација на најразлични митолошки концепти како што се: претставите за господ и ѓаволот, светлоста и мракот, светителите, свештениците, светите места (црквите), светите бракови, светото дрво и др. Со таквите симболични претстави всушност човекот воведува ред во претходниот хаос.
Ваквиот дијалог, со посредство како на симболичкиот така и на комуникативниот јазик, можеби е најочигледен во словенските јазични системи, следствено и во македонскиот јазик. Зборувајќи за влијанието на јазикот врз православното религиозно сознание Б.А.Успенски (Успенски, Б. 1967, 159 -168) посочува неколку примери на взаемно влијание помеѓу рускиот јазик и религиозните претстави и сознанија како што се крст (крест) – Христос (Христос) – крсти или покрсти (креститЭсФ) потоа преподобни (преподобнм) – неподобен (Неподобнми), бог – богат (богатми) и.т.н. Успенски на овој начин ги бара јазичките основи и корените на некои религиозни претстави. Иако во неговата студија не посветил внимание на зборот свет и неговите надградби во религиозната сфера како што се да речеме зборовите (свФтие) или (свФèтено), во словенските, следствено и во јужнословенските јазици, митологија, религија и фолклор, зборот свет (словенечки свèт, хрватски свјет, српски свкт, бугарски светЭ, македонски свет) го наоѓаме во коренот на многу зборови кои можеме да ги земеме како манифестантни во религиозните сознанија одразени во народните легенди. Во македонските космогониски легенди такви зборови се свет, светлост, светец, свештеник, свето дрво, свет брак (хиерогамија) и др. Преку ваквите изведеници од коренот свет, како и преку поединечните усмени творби кои во себе директно или индиректно го вклучуваат овој поим можно е да се вообличи еден концепт на свет кој би бил карактеристичен и одделен од рационалниот или современиот животен контекст. Јазички гледано, сите клучни зборови или синтагми што ги среќаваме во космогониските легенди за создавањето на светот како што се светот (неговото создавање, дуалистичко или монотеистичко, односно свет надвор од човековото битие) светлоста, светецот, светото место, свештеникот, светото дрво, светиот брак во својот корен го содржат зборот свет што може да имплицира извесен аналитички пристап кон проблематиката.

Светлината

Во голем број на претхристијански како и во христијанските легенди за создавањето на светот, процесот на создавањето е недвосмислено поврзан со процесот на создавањето на светлината. Тоа го среќаваме на пример во гностицизмот на Иранската митологија, потоа во некои Индиски космогониски легенди за создавањето на светот, во Кинеските и во библиските митови. Ова покажува дека концептот на двојноста: светлина-мрак, е меѓу основните митолошки концепти за создавањето на светот. Дури и развојот на чувствувањето на времето и просторот поаѓа од митското мислење за спротивноста помеѓу денот и ноќта, светлоста и мракот.
Како што рековме на почетокот, во јужнословенските религиозни концепти постои недвосмислена јазичка комплементарност помеѓу двете космогониски категории свет и светлост. Под влијание на Иранскиот гностицизам и подоцнежното христијанство во македонските космогониски легенди создавањето на светот се совпаѓа со создавањето на светлината од мракот, прикажани честопати преку нивните супститути: денот и ноќта или сонцето и месечината. Една македонска легенда вели: „Господ имал две клопчиња, едното бело а другото црно; белото било врзано за црното. Кога ќе го одвиткал белото, ќе било ден а кога ќе го одвиткал црното ќе било ноќ. Толку многу долго било преденото, што дури да го соберел белото клопче, ќе почнело да се одмотува црното, и ќе било ноќе. Бидејки врзани биле крајојте на клопчињата, кога го виткал белото во зимно време, Господ виткал и од црното предено на белото клопче и од тоа се малел денот а се големела ноќта. Така и во лете растел денот, и ноќта се малела…“ (Цепенков, М. 1972, VII, 7).
Светот настанал, како и во големите космогониски митови, во мигот кога светлината го победила мракот. Светлината е потполно идентична со светот. Во мигот кога господ ја создал светлината почнал да функционира и светот. Во една друга македонска легенда собрана од Цепенков, се вели дека пред било што друго да постои на земјата, Христос го создава сонцето од грутка кал која ја фрлил на небото а господ ја благословил да свети (Цепенков, М. 1972, VII, 9).
Од тој миг натаму почнал да постои и светот. Светлината и светот се два различни а сепак слични изрази за феноменот на постоењето .

Светецот

Во македонските космогониски легенди се среќаваме со уште еден мотив, симбол кој ја остварува врската помеѓу човекот и мистичниот неразбирлив свет, односно помеѓу човек и бог, а тоа е светецот. Во претхристијанските религии светецот бил божество. Подоцна тој се христијанизирал. Така улогата на претхристијанските божества и во македонските легенди ја превземаат христијанските светци. Тоа е особено очигледно во космогониските легенди каде светците, честопати директно или индиректно ја играат улогата на создатели на светот или на нивни помошници, што не се совпаѓа со христијанската идеологија. Такви светци се св. Петар, св. Илија, св. Архангел и др. Во една македонска варијанта на легендата за дуалистичкото создавање на светот со вадење песок од морето св. Петар игра клучна улога во воведување ред во хаосот што владее на светот. (А.И.Ф., м.л., б.р., 2079) Во друга пак св. Арангел се бори со господ околу тоа кој да владее со светот (А.И.Ф., м.л., б.р., 3517)
Јазички гледано и зборот светец го содржи коренот свет. Во религиозно познајна смисла светецот е исто толку мистичен колку и светот. Светецот е носител и толкувач на скриените пораки на светот. Светецот е синџирот кој недостасува во комуникацискиот синџир кој се воспоставува помеѓу човекот и светот.

Свето место (црква)

Градењето на црквата, односно ритуалот на градењето на црквата според многубројни толкувања претставува ритуал на градење на светот. И не само тоа. Црквата како свето место ја крие во себе тајната на создавањето на светот. И светото место во својот корен го содржи зборот свет. Светото место односно црквата е патот кон откривањето на тајните на светот. Црквата е патот кон отвореноста на светот. Таа е оружје во борбата против владеењето на лошиот свет. Една македонска варијанта за создавањето на светот од борбата помеѓу господ и ѓаволот вели: Кога умрел царскиот син Соломон, ѓаволот го зел во неговото царство морето. Соломон зел едно дрвце и почнал нешто да мери на дното. Ѓаволот го прашал што прави а тој рекол дека мери некое место за да си изгради црквичка. Ѓаволот се уплашил од тоа дека во неговото царство некој ќе изгради црква и го вратил Соломона на земја. (А.И.Ф., м.л., бр. 2079)

Светото дрво

Ако светлината е исто што и светот, светското (светото) или космогониското дрво претставува толкување на тој свет. (Топоров 1971) Тоа е повеќе од очигледно подеднакво како во македонските средновековни легенди така и во современите. Во космогонијата на Разумникот на пример среќаваме сфаќање според кое земјата ја придржува еден железен даб (Антиќ, В.1984) додека во зборникот на Цепенков се вели дека земјата се држи на две греди кои стојат на два вола (Цепенков, М. VII, 26).
Во космогониските легенди од овој тип јасно е дека станува збор за претхристијански религиозни погледи на свет и влијанието на феноменот на „светското дрво“ врз нив. Не навлегувајќи во потеклото на ваквиот концепт, само ќе споменеме дека се работи за митско објаснување и предлогичко верување – во Леви-Бриловска смисла – со кое се објаснува концепцијата на светот. Овие се таканаречени чисти космолошки концепти кои немаат христијанизирана карактеристика. Таков еден пример наоѓаме и во приказната од зборникот на Цепенков: „Девојчето и дванаесетте месеци“ (Цепенков, М. 1972, III, 144). Во ова приказна ја среќаваме митската слика на космичкото време и воопшто на светот преставен преку ликовите на единаесет мажи и една жена седнати на едно тркало околу едно дрво, што всушност ги преставуваат дванаесетте месеци и космичкото дрво во средина. Оваа слика претставува симбол а во исто време и имагинација на космички временски циклус. Таа е еден вид духовна материјализација на создавањето на целиот космос, и годината која постојано се врти во круг (тркалото), што на некој начин преставува Хераклитовска динамичка космологија и слика на периодичното обновување на светот за кое толку многу говореше Елијаде. А обновувањето или создавањето е замислено како дрво кое следејќи ги космичките ритми секоја година периодично се обновува.

Свет брак

Светиот брак е брак склучен помеѓу две божества – два исти света, или пак помеѓу божество и човек – два различни света. Ако светското дрво преставува слика на светот и толкување на светот, светиот брак е објаснувањето на таа слика. Според тоа објаснување светот настанал исто како што настанал и човекот, односно со еротско спојување на два исти или различни света, што имплицира извесен степен на антропоморфизација. Суштината на овие бракови – во зависност од тоа во која категорија спаѓаат – е да биде плодно земјиштето, животот, или со еден збор – целото човештво.. Ова е во директна врска со сфаќањата на прастарите цивилизации во кои тие создавањето на светот и на животот го претставувале по примерот на своите создавачки способности, односно создавањето на потомството. Таквите космогониски спарувања или љубовни врски имаат света цел и потекло: соединување на спротивностите и подигнување на љубовта на повисок степен на општоста, со аналогии на микрокосмосот и макрокосмосот.
Во македонскиот фолклор среќаваме голем број на легенди кои зборуваат за свадбата помеѓу земјата и снегот (А.И.Ф., м.л., б.р., 1497) небото и земјата (Цепенков, М. 1972, VII, 5), сонцето и земјата или сонцето и месечината (А.И.Ф., м.л., б.р., 1771), како универзални космогониски елементи кои оставија видни трагови во балканската усна раскажувачка проза. Во овој контекст појавата на овие космички елементи во некои балкански приказни ја сметаме како појава на претхристијански божества (уранска епифанија) олицетворени во ликовите од народните легенди.

Библиографија:

АИФ – Архива на Институтот за Фолклор, Скопје, Македонија
Драгојловиќ Д. Антиќ, В.С. 1990, „Митологумена“, Македонска книга, Скопје
Антиќ Вера Стојчевска, 1984, „Разумникот“, во средновековната книжевност, Прилози, Ману, Скопје IX,2
Саздов Томе, 1987, „Македонска народна книжевност“, Скопје
Б .Н. Топоров 1971, „О структуре некотормх архаических текстов, соотносимм с концепциеи мировог дерева“ Трудм по знаковмм системам 5, Тарту
Б.А.Успенскии: 1967, „ВлиФние ФзЭика на религиозное сознание, Трудм по знаковмм системам“,Тарту, 159-168
Цепенков, М. 1972, „Македонски народни умотворби“, (I-X) Македонска книга, Скопје

АвторЕрмис Лафазановски
2023-06-08T11:50:33+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 150|