Коленич и неговите инспирации

/, Литература, Блесок бр. 74/Коленич и неговите инспирации

Коленич и неговите инспирации

Некаде на полпат, по седумдесет, осумдесет страници, прашањето сè уште беше отворено. Коленич нашол одлична инспирација за централната приказна. Замислил таинствена болест која сите нормални конвенционални луѓе ги лишува од нивните физички и психички способности, на што е имун поетот – како и масата од најниските слоеви, на којашто и самиот ѝ припаѓа. Ова е многу стара, дури архаична тема: таа е централната тема на стариот ирски еп Táin Bó Cuailnge или Истерување на стоката од Кули. Во Táin имуниот суперјунак Кухулин самиот ја одбранил провинцијата Алстер од остатокот на Ирска, додека борците од Алстер лежат онеспособени од еден вид „породилни болки“. Кухулин, за разлика од Проколнатиот поет, воопшто не е еден од толпата, но и тој е аутсајдер. Немам поим како Коленич се сетил на темава; за својата намена ја оживеал како нешто ново и свежо.
Сепак, за жал, храброста на нашиов автор потфрла на крајот. Лирскиот очај го намамува кон едно трагично лесно решение. Како што успеав да разберам, неговиот поет се откажува од гордоста на Проколнатиот и се урива ниско во (сега веќе онеспособената) конвенционална толпа. Веќе не е Проколнат и станува само обично, непоетски злобен… просто, вулгарно вообразен. До крајот се разочарав и се налутив.
И покрај тоа сметам дека романов е интересен книжевен експеримент. Не сум среќавал често толку лирски талент во прозата на нашево време.
Може ли такво нешто да се преведе, а притоа да се задржи хуморот што е негов составен дел? Јас се обидов, за списанието Slovak Literary Review во декември 2004.
Потоа една госпоѓа од една издавачка куќа во Илиноис, САД, заинтересирана за нови автори од Средна и Источна Европа, прашала дали има некој погоден за издавање од Словачка. Стапи во контакт со мене, а јас веднаш ѝ ги пратив моите десет страни од Коленич. Навистина отскокнуваше од прозните автори кои ги имав преведувано и, покрај тоа, ме интересираше: што ли ќе помислат за него во земјата на Едгар Алан По? Но веднаш откако ги пратив по електронска пошта, се покајав. Некој глас однатре ми велеше, „Будало една! Ако го прифати… ќе мора да преведеш сто и педесет страници од оваа фантазмагорија… дури и деловите што не можеш да ги поднесеш!“
Госпоѓата од Илиноис веднаш ми одговори, „Ви благодарам што ни го испративте извадокот од Иван Коленич. Откако ќе го разгледаме, веднаш ќе Ве контактирам.“ Минаа три недели, месец дена; си замислував најразлични препирки во книжевната заедница во Илиноис. Госпоѓата на крај ми одговори, „Уште еднаш Ви благодарам што ни го испративте извадокот од Иван Коленич. За жал, според нас, не е прикладен за серијата што сакаме да ја објавиме.“ Ми ги понуди и своите причини. „Воопшто не ме привлече. За мене авторов е неуверлив.“ Грубо и просто речено: „Ми личи дека има лош однос кон жените…“
Прво, издивнав со олеснување. А второ… па, што има да ја критикувам госпоѓата од Илиноис за нејзиното неразбирање и прозаичната политичка коректност? Оти во крајна линија сепак е во право: односот кон жените на авторов може да биде и подобар. Иако, да се разбереме, госпоѓава не му е мајка на Коленич туку е книжевен стручњак кој го разгледува како автор. Тука може треба да се прави разлика. Ќе мора да остане отворено прашањето кој од нас е виновен: дали Коленич, кој не знаел уверливо да пишува, или јас, бидејќи не сум успеал да направам уверлив превод на англиски, или, пак, госпоѓата од Илиноис, на која можеби малку ѝ недостига од онаа карактеристика што ја викаме хумор. Како и да е, оваа приказна за словачкиот книжевен упад во Америка остана без среќен крај.

Превод од англиски: Калина Јанева

АвторЏон Мојнахан
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|