Како одговор: китка

/, Литература, Блесок бр. 51/Како одговор: китка

Како одговор: китка

Во полето на белетристиката, таквата постмодернистичка поза е веќе видена, додека во полето на премислување за нештата од световно значење воопшто и не ѕирнала. Уметничките решенија да ја претекнуваат секојдневната стварност е повеќе правило отколку исклучок, но нема многу време за одговорите на глобалните промени да се бараат и на некое друго место освен во интерпретациите за борбата на религиите и цивилизациите и во незавршената приказна за модернизациските процеси. Што би било, ако за промена, ги сослушаме исповедите на оние на чиишто плеќи се скршија големите приказни? Не се малку оние кои успеале од под нив да се измолкнат во светот на човечкиот говор.
А тоа не е само говорот на поезијата и уметноста воопшто, макар што искуството на Балканот сведочи за тоа дека таквиот јазик најлесно и го отвора патот на меѓусебната комуникација. Ако сакаме да дознаеме што на човекот навистина му помага да преживее, тогаш треба да ги сослушаме секојдневните приказни. Но не е доволно тоа само да го дознаеме. Ако сакаме да сфатиме што значат, треба да разговараме за нив. И, ако сфатиме како преживеавме, ќе сфатиме и што преживеавме и што ни причинуваше маки.
Тука не можеме да ја заобиколиме патетиката, но тоа и не е потребно! За разлика од доминантно пејоративно значење на овој збор во англискиот јазик, кај нас во зборот патетичност освен болката се зафатени и силните чувства, мудроста и моралноста, кои ја прегласуваат состојбата на бедата (англискиот збор pathetic на словенечки обично се преведува како beda). Чинот што по својата патетичност му е сличен на распадот на Југославија, е самоубиството на Есенин. Со крвта од пресечените жили ја напишал својата последна љубовна песна.
Прашањето дали на смртта може да ѝ припаѓа смисла, е вонредно осетливо. Тоа го прават сите насилни космогонии. Кога смртта на поединецот ја вклучуваат во (спасувачка) приказна за верата, идеологијата, народот …, навидум ѝ даваат смисла. Многумина луѓе ја прифаќаат со олеснување, зашто бесмисленоста на смртта е многу тежок товар. Но, на овој начин смислата на секој поединечен живот всушност е елиминирана, украдена и изманипулирана поради ниските намери на космократите, кои таквите приказни ги произведуваат. Мајстор над мајсторите на ова подрачје бил Платон, кој државата ја основал врз злоупотребата на смртта на Сократ. Радикално спротивни примери се Јан Палах и Ганди, кои не допуштиле нивната смрт да ја лапне некој од насилничките легитимациски дискурси, туку со нив радикално го потврдиле животот: својот и поединечните, од космократските принуди ослободените животи на другите.
Балканското искуство за кое зборуваме овде може навистина да ни проговори само ако сме способни да го носиме товарот на илјадниците несмислени смрти. Од ова искуство можеме да црпеме мудрост – уште еден збор што модрината на нашата планета на словенечки ја прикажува во благородни а на англиски во жалосни нијанси – само ако се соочиме со сопственото учество во приказните што доведоа до овие смрти. Тоа е најтешката задача. Колку повеќе нашите дејства се фаќаат во приказните кои барале свој данок во човечки животи, толку потешко е да се признае нивната несмисленост, зашто веќе товарот на една сама смрт е речиси неподнослив. Затоа и не е реално да се очекува генерациите кои си ги извалкале рацете со крв да го соблечат оклопот со којшто се бранат пред вината и своите дејства да ги увидат без оправдувачките толкувања. Таквиот поглед е навистина ужасен, а го поднесуваат само исклучителни поединци. Но за него обично не е потребна никаква исклучителна карактерна одлика, туку е тој само последица на увидот што го овозможува сплетот на околностите. Планерите, помошниците и крвниците на крвавите стихии, кои стануваат поразени, понекогаш пред своите ужаси се наоѓаат поради принудната осаменост во затвор, на некои победници ова им се случува и без опиплива надворешна причина, а на блиските на жртвата тоа обично им се случува во моментот на загубата. Проблемот на последниве е во тоа што немајќи со кого да го споделат увидот, обично се пикнуваат во „безбедното“ засолниште на приказните за мачеништвото.
Апокалипса во последните години ги бележи интимните зборови на оние што насетуваат или знаат дека таквата безбедност всушност им ја краде човечноста. Овие исповеди имаат непроценлива вредност, бидејќи не се фатени во стапката на космократските приказни, а сепак се запишани и собрани в китка. Иако не може да се верува дека врз основа на нив во блиската иднина ќе изникне разбирање што ќе стане доминантно, тие во себе ја носат сензибилноста, искуството и одговорот на крајната неволја во којашто се наоѓа светот. Нивната фузија е единствен можен одговор на фисијата што ја предизвика научното поимање на светот.
Така, со мислата за неможноста на словенските јазици во нив да се формира кохерентен одговор на ропска положба во западниот свет (името Словен етимолошки произлегува од латинскиот роб), дојдовме до суштинското. Не се работи за панславистичка желба што може да се споредува со желбата на арапските земји заедно да му се спротивстават на Израел што го сметаат за подружница на западот во арапскиот свет. Не се работи за формирање на словенската претстава за светот што би можела да се споредува со освојувачките идоли. Како што спомнавме, таквите процеси секогаш резултирале во тиранството и нетрпение. Затоа уште еднаш да нагласиме дека трауматичното искуство што го споделуваме со Балканците (и не-Словени), не е работа на јазикот, макар што низ него сепак се нуди можност на поинаков поглед, поради што треба да се сфати разликата меѓу јазикот и (херменевтичкиот) говор.
Прилозите од Балканот кои ги собира Апокалипса не нудат интерпретации на настаните од нашите координати, но сепак одат во истата насока како Хана Арент, којашто рече дека единствено средство против насилството е разбирањето на ужасните настани што ни се случиле или што сме ги направиле. Се работи, значи, за тоа да се обидеме да разбереме што на луѓето, коишто не им се поклонија на насилничките интерпретации на светот, или на оние што станаа свесни за нивното создавање, им овозможило да преживеат. Потоа, можеби, ќе бидеме способни да размислуваме поинаку и ќе се обидеме да одговориме на првото прашање од почетокот на текстов. Да се обидеме, сега за сега, да одговориме со против-прашање: Што ако останатите Европјани последната војна во XX век ја избегнаа затоа што беа способни да размислат за своите минати дејства и вината за нив да не ја бараат кај другите?
Ним веројатно сопствените, од освојувачката традиција произлезените, претстави навистина им ги попречуваат излезите од незавидната положба во којашто се најде светот кога им се истргна од узди, но тоа уште не значи дека тие не ги бараат. И ако ги бараат во својот одраз на Доријан, односно на Балканот, тоа значи дека гледаат кон себе. Крајно време е да го слушнеме одговорот што секогаш одново намерно не сакавме да го чуеме. Тоа не е едностраниот одговорот на победникот.

Превод од словенечки: Намита Субиото

АвторСашо Газдич
2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|