Како одговор: китка

/, Литература, Блесок бр. 51/Како одговор: китка

Како одговор: китка

Јас сето тоа го набљудував од непосредна близина, со своето учество. За разлика од многуте луѓе и проникливи мислители од подрачјето на некогашна Југославија, коишто беа принудени да се занимаваат со голо преживување, јас во деведесеттите години имав време и за студии и за контемплација. Многу ретко наоѓав соговорник, обично во интимниот круг. А сознанијата беа мошне едноставни. Спознав дека архаичниот механизам на изгонување на насилството, ритуалното жртвување јарец, коешто толку добро го обработил Рене Жирар, и политичките начини на неговата легитимација, коишто всушност веќе од Платон не се менуваат, дејствуваат и во постмодерната ера. Глобализациските процеси во нов контекст го поставуваат во еден единствен, но решавачки облик: бидејќи објектот на насилство веќе не може да се најде надвор од (глобалната) заедница, лошото однесување кон дежурниот виновник предизвикува одмаздничко насилство, кое е погубно. До слични заклучоци, по свои патишта, дојдоа бројни мислители кои тогаш ги читав, и не ми преостана ништо друго освен да се сложам со нив.
Сепак, не се задоволив со голото дешифрирање на конкретната слика на погубниот софтвер, како што прецизно го изведе Жан Бодријар, туку барав излез. На крај го најдов кај Хана Арент. Таа го преобмисли пред-платонистичкиот поим на политиката, каде што изворното насилство не било/е надминато во постапката на симболизација туку во отворањето на просторот во којшто луѓето комуницираат и дејствуваат без страв од насилството. Политиката, значи, може да се сфати и како средство на човековото ослободување од одреден митолошки круг, којшто го зацртува ритуализираното изгонување на насилството. Моќта и власта не се нужно само друго име за владеење на насилството, замаскирано со изгледот на неодминливата неопходност. Насилството не е услов на човековата слобода, туку закана на која треба цело време да ѝ се спречува влезот во полето на слободното дејствување и комуницирање.
По сознанието дека решението, сепак, постои, ми олесна. Но, само накусо. Проблемот е во тоа што треба да се има волја решението да се реализира, а воено-технолошкиот комплекс или погон, како што погубната сила уште подобро ја дефинирал Мартин Хајдегер, не ја поседува таа волја. Значи, дијагнозата воопшто не е светла, но сепак остава отворена врата. Излезот е навестен во будистичкото слово за двата монаси. На првиот свеста за илјадници километри оддалечената цел потполно му ја убива надежта и волјата да постигне нешто, па затоа не се поместува од местото, додека другиот од истата причина веднаш тргнува на пат.
Во Словенија, набиеноста на менталниот простор со војна речиси го оневозможи движењето. Потоа најдов место за исчекор кај Апокалипса и сè уште доаѓам таму да земам воздух. Се работи за една од ретките „ослободени територии“ каде што и покрај постојаната воена бучава, се слушнаа и гласови од Балканот. При тоа ми е многу мило што наследените лични и институционални односи од бившата заедничка држава при отворањето на просторот за комуницирање не играат никаква улога. Поединците од круговите на Апокалипса, кои тргнуваат во собирачки акции, не ги тера носталгијата по некогашните привилегии, какви што за утврдување на меѓусебните врски ги наметнуваше заедничката држава (затоа допираат подалеку: до Бугарија, Грција, Словачка, дури и до Израел и Полска), туку едноставна љубопитност и желба за разбирање и сознавање. Генерацијата што во деведесеттите години се формира во Словенија, исто така нема комплекси, какви што кон западна Европа (и покрај тоа што нашите граници со Италија и Австрија беа отворени) ги негуваа социјалистичките генерации. Гласноговорниците на оваа генерација, кои тргнуваат во Србија, Бугарија или Македонија, не патуваат во однапред одредени „пакет аранжмани“. Помладата генерација по успех и уметничка лежерност веќе повеќе од една деценија не се врти кон југоисток. Во деведесеттите години во уметнички амбалажи спакуваните „балкански филинзи“ навистина одлично се продаваа, но профитите се коваа на западот – на берза, не на нива!
Но, би било лицемерно да се премолчи дека оние кои своето внимание сепак го насочуваат кон југот и истокот на Европа, таму се чувствуваат пријатно, како да се дома. Од каде ова чувство, ако Венеција и Виена ни се многу поблиску отколку Белград и Сараево? Делот на одговорот сигурно е во пословичната срдечност и гостоприемство на луѓето од овој дел на светот. Но само мал, всушност небитен дел, кога знаеме колку касапски страсти можат да се сокриваат под нив. Вториот одговор често го наоѓаме во јазикот. Навистина, српско-хрватскиот јазик, кој во некогашна Југославија имаше статус сличен на „меѓународниот англиски“ во западниот свет, во овој простор сè уште функционира како „домашен“ јазик, макар што ниедна страна не го признава за свој. Но, дали јазичната сродност веќе сама по себе може да биде причина за некаква посебна наклонетост? Случајот со Германците и Холанѓаните (што не е единствен) не ја потврдуваа оваа теза. И макар што е вистина дека полесно е да се комуницира меѓу јазично сличните јазици, исто така е вистина дека Словенците со Словаците, и покрај сродноста на јазиците, обично разговараат на англиски. Останатите („не српско-хрватски“) словенски јазици Словенците ги знаат битно помалку отколку што ги знаат англискиот, германскиот или италијанскиот.
Словенската близина (искрено, со несловенските народи на бившата Југославија не ја делиме во еднаква мерка) сама по себе не е она поради што во српско-хрватското јазично поле се чувствуваме како дома. Се работи повеќе за тоа дека во овој јазик е вкодирано некое заедничко искуство, што ни е блиску и без зборување. Траума за која не говориме, иако би требало. Тука наидуваме на неволја во којашто се најдов веќе за времето на долгогодишните студии на насилство, но не ја одгатнав на начин кој ме задоволува.
Најрелевантните толкувања за случувањата на Балканот и за насилството воопшто, ни се пренесени од странски јазици. Наместо самите да се обидеме да дојдеме до дното на своите лудости, како што тоа, да речеме, го сторија Германците во врска со искуството на нацизмот, толкувањето им го препуштаме на другите. Сопственото размислување е нешто сосем друго од оправдувањето на ужасите (коишто лесно можат да се засведочат во автохтони изведби) и би можеле да кажеме дека е неопходно, веќе поради тоа што етимолошките карактеристики на зборот насилство и мир во словенските јазици имаат сосема други конотации од оние во англискиот, германскиот или францускиот. А за неопходноста на интроспективниот поглед за разбирање на општествените појави и настани и да не зборуваме. Можеби најкарактеристична заедничка црта на балканските народи е токму тоа дека никогаш не формирале таков поглед на свет, што би бил соодветен на нашите искуства и јазици.
Објаснувањето на светот оди заедно со обидите за негово освојување, и во тоа народите на југоисточна Европа никогаш не биле претерано успешни. Сите словенски поврзувања, не само оние на Балканот, се огледуваа на западните диктатури или беа устроени по идеите на странските теоретичари (на пример, оние на Маркс). Како да немале моќ за слободно формирање и реализирање на своите претстави. Но којзнае, можеби денес, кога доминантниот проблем на светот е неспособноста на завојуваните космогонии да се соочат со границите поради коишто станале исклучително деструктивни, конечно дојде момент да им се даде збор на искуствата што секогаш биле премолчени, бидејќи не спаѓале во херојските дискурси на големите приказни?

АвторСашо Газдич
2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|