Како одговор: китка

/, Литература, Блесок бр. 51/Како одговор: китка

Како одговор: китка

Зошто на крајот на XX век сите Европјани, освен ние кои живееме на југоисточниот дел на континентот, беа поштедени од искуството на војна? Ова прашање обично се поставува на друг начин: Зошто Студената војна заврши со војната на Балканот? Се чини дека меѓу двете прашања нема некоја битна разлика, но ако навистина ја немаше, вообичаените толкувања немаше да произлегуваат само од второто прашање.
Врз првото од таквите толкувања се таложи ’рѓа што со топењето на Студената војна почна да ги нагризува оклопниците и артилеријата. Војната би требало да биде последица на претсмртните грчеви на комунистичкиот диносаурус (олицетворен како огромен индустриски робот, збор кој произлегува од рускиот роботник, работник), кој во претсмртниот грч уште еднаш мавнува со опашката. Иако атрактивно, таквото согледување имаше голем недостаток бидејќи не објасни зошто до војна дојде токму во Југославија, која од блоковскиот судир се измолкна веќе со конституирањето на движењето на независните. Затоа толкувачите недостатокот го поткрепија со теорија за разбудените национализми, коишто индустрискиот диносаурус/робот за времето на својот живот ги држеше под сенка. И за оваа теорија не би можеле да речеме дека одеше во вистинската насока, зашто дебатата за демократизација ја доведе до насилните извори на модерната европска држава. Но забелешката за недоволноста останува, оти во Европа и на територијата на некогашниот Советски сојуз истовремено настанаа многу нови држави, без притоа да застранат во војна. Затоа толкувачите беа принудени да посегнат уште подлабоко во историјата, сè до настанокот на трите религии од еврејскиот извор – католицизмот, православието и исламот, коишто на територијата на некогашна Југославија добија нов елан – при што сето време не правеа ништо друго освен што ги следеа аргументите кои, истовремено, го легитимираа насилството.
Умерените толкувања ги дополнуваа маргиналните: од оние што војната во Југославија ја објаснуваа како обичаи на дивите племиња, до оние што првата и последната цел на сите настани ја наоѓаа во дијаболичниот нацрт на главниот штаб на ЦИА, со чијашто помош САД би требало неотповикливо и дефинитивно да заседнат врз престолот на новиот светски поредок. Иако и во ваквите интерпретации може да се најде зрно вистина, главниот тек на размислување сепак течеше по свое и на крај запре на точката кога САД со воени средства ја парализираа балканската војна. Во тој момент актуелното толкување беше воопштено и применето на глобалната стварност: како причина за сите војни на планетава – денешните и идните! – беа наследените цивилизациски разлики. На неа се потпреа елитите кои ја одредуваат денешната слика на светот, а нејзиното влијание на дебатата за можните излези од неподносливата положба беше еднакво на резултатите на воената интервенција на Балканот. Го парализираше размислувањето. Од оваа перспектива не се гледаат решенија.
Еден од погледите што веќе од самиот почеток беше со сите сили оттурнат на страна е оној на мировниците. Уште пред вооружените судири во некогашна Југославија, меѓу европските мировници дојде до разминувања, и во однос на разбирањето на балканските конфликти и во однос на начините на дејствувањето. И покрај тоа што разликите беа толку големи што би било полесно да се претстават како „мировничко неразбирање на положбата“, постои добра причина за игнорирање на различните демилитаризациски иницијативи од крајот на деведесеттите години на минатиот век. Имено, откако заврши Студената војна, под знак прашалник се доведе и смислата на понатамошниот опстанок на (глобалните) воени системи. Аргументите за суштинско намалување на нивното значење, па дури и за укинување, беа на дланка: советскиот воен блок се покажа како потполно неефикасен во одбраната на своите идеолошки и стратешки цели, а југословенската армија, тогаш една од најсилните во Европа, не беше способна да го спречи распадот на сопствената држава, па се сврти против сопствените граѓани, додека државите, кои во северно-атлантското воено сојузништво ги држел заеднички непријател, останаа без него. Одговорот на овој, од страна на мировниците, впрочем, никогаш недоволно јасно изразен, а за воено-економско-политичките елити сосема очигледен аргумент против понатамошното вооружување, беше крајно едноставен и ефикасен. Најблизок и неоспорлив аргумент на страната што не ја признава можноста за ненасилно решавање на судирите (бидејќи од нив живее), дури ни тогаш кога причината за судир фактички исчезнува, е „една по муцка“. После Кувајт, со секој воен удар, по муцка добиваа и мировниците. На крај им остана само правото молчешкум да ја извршуваат својата хуманитарна дејност.

АвторСашо Газдич
2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|