Каде стоиш додека го создаваш своето дело?

/, Литература, Блесок бр. 64/Каде стоиш додека го создаваш своето дело?

Каде стоиш додека го создаваш своето дело?

Ние со децении на часовите по книжевност во транс им повторуваме на нашите студенти една востановена мантра, дека имаме најдобра литература во светот. Па сепак, кога ќе го отворат светскиот канон, нашите студенти гледаат дека нашата литература никаде ја нема; значи, ние ги лажеме. При што светскиот канон не ни е виновен заради тоа што нас нè нема во него. Тие едвај чекаат литература што ќе биде универзално прифатена, за да може да ја продаваат и да ја проучуваат. Кога на часовите по книжевност ќе добијам прашање: „Зашто да го читам Коле Неделковски, а не Виктор Иго“, признавам дека немам естетски, имам само национален одговор. Но, на моите студенти таков не им треба. Тие веќе доаѓаат како носители на оваа култура, не им треба некој дополнително да им го набива националното на нос. Тие само искрено прашуваат дали постои Македонец што ќе ги натера да не спијат до пет изутрина, како што не спијат заради Достоевски. Што би им одговориле вие?
Кога читам дека причината што нè нема во светскиот канон е дека не сме адекватно преведени, тоа просто не е точно. Сите позначајни поети од првите пет поетски генерации во Македонија се преведени барем на српски и на словенечки, а со одделни опуси и на англиски, германски, француски, руски. Тоа е доволно за некаков почеток, па сепак ние не комуницираме со светот. Ова важи донекаде и прозата, со таа ограда дека прозата е „покабаста“, па технички е покомплицирана за превод. Но, многу од најзначајните македонски писатели се преведени во странство, некогаш и со повеќе изданија, а и со подновени преводи. Па, сепак тие не комуницираат со светот.
И кога велиме дека светот не нè прифаќа затоа што сме мала култура, тоа е, исто така, неточно. Барем половина од најдобрите светски опуси се родени во агоничната битка со големите јазици и сцени. Кафка е еден пример – прашки Евреин кој зборувал германски, кажете ми на која сцена по автоматизам ѝ припаѓал, на австроунгарската, на еврејската, или на германската? Со која култура можел да се идентификува за светскиот канон да го прифати? Работата е дека Кафка пишувал како раштрафувач на идеологиите, на системите, на вредностите, на големите јазици и култури, работел како куче што копа дупка, како стаорец што прави дувло. Кај нас сите сè уште пишуваат како шрафчиња од колективната машинерија, во занесот и екстазата од колективната глупост. Така навистина ќе успеете да ве бројат како шрафче, но само во вашата книжевност: за светот сепак ќе ви треба нешто повеќе. Кафка во едно писмо вели: „Само малата книжевност е способна да ја преработи постоечката граѓа“. Кафка вели дека големите автори може да дојдат само од малите книжевности. Ако речникот ви е скуден, направете го да трепери. Интензивирајте го. Џојс, Бекет и многу други ги напуштале своите матични, големи јазици и култури и се префрлувале во други, каде што биле едвај номади; свесно оделе во сферите што не ги владеат; таму имале посиромашен израз, но добивале можност да играат на „затегнатото јаже“ на немоста, за да кажат нешто важно.
Малата книжевност е предност, не е маана. Таа може да го револуционаризира изразот, да каже работи што „утабаната“ култура веќе не може да ги каже. Малата култура во старт е веќе повластена. На голем јазик, денес, може перфектно само уште да опишете неделен ручек, бебе украдено од колепка, да сместите политичка фигура во некоја трилер-заврзлама, но на малите јазици сè уште имате нечуени можности за преврат. Секој јазик произведува смисла само ако избие од самиот себеси, кога ќе се скараат јазикот со забите, кога ќе се скараат јадењето со зборувањето. Има извесна неспоивост помеѓу јадењето и пишувањето. Кај нас се пишува како кога се ждере. Ние немаме светски вредности, затоа што целата литература ни е составена од: „о мамо“, „о доме“, „о земјо“, сето е: „лалала“ или: „лелеле“. Тоа е ужас од колективното „дерење и ждерење“. Кој сака да направи разлика во светскиот канон, мора да произведе зборови што ќе може да се натпреваруваат со храната, да ве остават гладен до пет изутрина, како што мене ме остава Бекет, како што моите студенти би го трампале последниот колбас за Шекспир. Тоа е суров натпревар, но тој не е политички, тој е интимен натпревар и тој е валиден од античките времиња до денес; така се создава светскиот канон.
Нашиот проблем, проблемот кој се вика „невидливост на македонската книжевност во светот“, „македонскиот неквалитет“, „естетската минорност“ се состои од фактот дека ние и не знаеме да пишуваме освен во занаетчиски цели. Тоа и не е секогаш погрешно, но тогаш барем да не се лажеме дека сме голема книжевност. Ние во сите 45 години комунистичка Македонија не успеавме да напишеме ниедна книга што класично ќе биде цензурирана. Не е финтата да пишувате наменски дисидентска литература. Ние и тогаш не знаевме да напишеме книга што ќе „избие“ од мрежата на соседските очи, од вреднувањето што го очекувам од теткицата од самопослуга, камо ли од некрунисаниот владетел на мојата културна каса. Нема таква литература, а да биде врвна. Затоа нам ни некогаш, а ни денес, не ни требаат цензори и никогаш не сме ги имале, дури ниту во најкласичната, комунистичка смисла на зборот. Така сме воспитани, самите сме си своите најголеми цензори. Си ги сакаме паланечката удобност и писателското достоинство.
Ако секој петти жител во Македонија до крајот на 1950-тите бил неписмен, тогаш не чуди дека писателот бил нешто како месија. Дочекан со цвеќе и од партискиот врв и од соседот кој под тезга му ја чувал најдобра зелка за киселење. Во канонот се влегувало според библиската парабола: „Многумина се повикани, а малкумина избрани“, само кај нас, тоа значело, просто – според законот на писменоста. Кој бил писмен, бил писател. А, тоа не е доволно, Не велам дека дури и така не може да се создава голема книжевност – може, но само како исклучок. Истото важи и за обратните примери. Ретките примери на големите писатели со кралското опкружување од светот, се само тоа – ретки.
За политичарите во литературата, за тие што сакаат и пишување и јадење одеднаш, постои готова формула за успех, може да ја скицираме во пет потези. За да влезете во македонскиот канон, треба да припаѓате на што повеќе од следниве графи: 1. подобро е да сте Македонец, одошто од етничките групи, 2. подобро е да сте маж одошто жена, 3. подобро е да сте од Скопје, одошто од кој било друг град или село од Македонија. Добро е освен тоа, (4.) да имате тривијален детаљ во биографијата (самоубиство, несреќно загинување во земјотрес, револуционерна пресметка, и слично), (5.) да сте биле и да сте политички и морално подобен и секако да имате пријатели на важни позиции. А најдобро е самите да сте со таков статус. Ние и ден-денес најлесно ги канонизираме професорите по книжевност, издавачите, мецените со книжевни амбиции…
А најтраорно ми е кога буквално во секој публикуван разговор, македонските писатели ја повторуваат истата жалопојка, како се „разочарани од народот“. Како макроа на народот, па „сексуалните работнички“ не ги задоволиле. Што па има народот да им должи, или пак тие на народот? Нашиве писатели можеби и имаат право да се бунат, сега, од дистанца, затоа што во својата литература лажеле во името на агендите. Тоа ми е жално, но толку ми е реактивно, што ми измамува само човечка емпатија, но не и професионално разбирање. Или пишуваш затоа што сакаш да кажеш некаква вистина за светот, за себеси, или – ако си работел програмирано – немој да се жалиш.

2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 64|