Каде после последната поезија на Анте?

/, Литература, Блесок бр. 60/Каде после последната поезија на Анте?

Каде после последната поезија на Анте?

Поезија која има сила и право да ви се вмеша директно во вашите животи, – повеќе од мајка, повеќе од добронамерен родител или премудра старица, повеќе од најблиските, – таа е не само врвна умница, туку таа е и најпотребната „куќа“ во која треба „да влеземе“. Таму ќе не потсмират и утешат дека:

Верно, животот можеби, не беше добар
Но беше убав

Што правиме со оваа реченица сега? Може ли да биде сечија? Можеме ли да се сложиме дека, можеби иако „не беше добар“ кон нас лично, тој сепак е … – неодоливо убав.
Та и да имаме 90 години, таа реченица „беше убав“, сепак посакува – да не биде во минато време. Тука, во тоа место на „згусната свест“, почнува да расте идејата за убав живот. А ние сфаќаме дека во меѓувреме само сме „се подготвувале“ за тој општ, нечии т.н. „убав живот“.
Но, парадоксот ни се враќа како бумеранг: Можеби за другите, токму нашиот „никаков“, „недобар“ живот – е нивниот замислен, а туѓ „убав живот“. Тагуваме ли по туѓите „убави“ животи, а ги живееме ли сопствените „недобри“?
Најчесто – да. Оти „туѓиот“ двор е некако поубав од нашиот, нашиот е позапустен.
Или пак ако сме умислени дека нашиот – е најубав, тогаш сме слепи дека на соседот – и воопшто не му треба двор.
Зборуваме ли за „среќа“, за „убав живот“, поточно за идејата или за „рекламата“ за т.н. „убав живот“?

Вака Анте ги поставува работите. Прво нè советува и нè поучува на отвореност кон себеси:

Оваа светлина која поучува
како
најотворено да се разговара
со себеси, (161)

а потоа:

Сè зависи од отвореноста со која
се разговара со себеси
и готовноста
за се восприемаш и како камен… (16)

Степенот на „отвореност“
, јас би рекла големината, па и „возраста на искреноста“ која ја поседуваме (или не), – е најдобриот приод кон – сознанијата за проценка на: квалитетот на животот, па и на сè останато. Кога, како, ќе се соочиме со неа? Дали на старост ќе го изговориме она: „животот беше ваков или онаков“, или порано, ќе решиме ние да бидеме „режисери“, „архитекти“, „пилоти“, „газди“ на својот живот. Колку и да не си го сакаме или прифаќаме. Ако најпрво си го прифатиме или се согласиме, барем со своето лице, тогаш, полесно ќе го прифатиме: и својот глас, својот стих, своите желби, своите заблуди, своите грешки, а наскоро потоа – и туѓите.
Така Анте „влезе“ во сите нас, престојуваше во сите оние на кои им посвети или не им посвети песна, така сакаше и да „излезе“ од нас, и да нè смири:

Дека и не е многу тешко
Да се стане камен; бигор и мрамор,
дури. Сè зависи од отвореноста
кон себеси, од искреноста
со која ја прифаќаш или не –
вистината
која те опкружува и која има
големи, крупни очи
кои гледаат
и отаде невидливото. Кога ќе се случи тоа
ти тогаш ќе можеш да речеш: камен си,
светот израстува и врз твоите урнатини… (162)

Кога пред нас умираат оние кое нè сакаат, – како да нè престрашуваат, како да ни подготвуваат помек, потопол „терен“ – кој нè чека кога ќе им се придружиме. Одат пред нас, како „во ладна вода“. Така и Анте, кој „го закопа стравот“ со песна, – токму неа ја замоли да ни помогне, да ни се најде, кога ни е најтешко. Својата песна. Своите тишини и нетишини.

* * *

А сега и јас имам право да прашам: Каде после поезијата на Анте Поповски? Каде после најновата потресна вистина или искреност? Оти според него:

Зборот има големи очи, помисли,
тој гледа далеку зад себеси… (202)

А во друга песна зборот го удостојува како „душа на душата“:

Зашто зборот е излез
од темниот заборав на материјата
и душа – на душата. (213)

Каде
после оваа поезија?
Анте си кажа во последните стихови:

Уште малку и ќе си се вратам дома… (137)

Кажа и како, во една друга песна:

Еве сум, огреав и зајдувам во зборот… (191)

Кажа и како ќе се случи тоа:

(…) Таму некаде
ќе си легнеме сами,
зашто ние на животот му подаривме
само нешто свое,
а на смртта – сè… (61)

Во Две тишини поетот се прости со сите, а се прости и се испрати и себе си, преку најмилото – а тоа е зборот. Го стори тоа во песната Си легна со зборот:

Не е тој тука,
замина.

(…)

Си избра трогателна постела
и си легна со зборот
и сега никој не знае
дали молчи или – сонува.

Не е тој тука,
замина. (192)

* * *

Каде после последната поезија на Анте?

* * *

Денес „влеговме“ заедно во неа, а ќе мора да „излеземе“ сами.
Денес сите ќе одмолчиме иста тишина, ист молк ќе понесеме секој во своите домови.

* * *

На крајот, сакам јавно да ѝ се заблагодарам на Македонија што ни го даде Анте, но и да и се налутам на смртта што ни го зеде…

2018-08-21T17:21:10+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 60|