Каде после последната поезија на Анте?

/, Литература, Блесок бр. 60/Каде после последната поезија на Анте?

Каде после последната поезија на Анте?

* * *

Аманетната поезија на Анте Поповски е „врвно осмислување“ помеѓу две тишини што можеше да ѝ се случи на оваа земја и на оваа култура, за која тој се грижеше како за родена ќерка, загрижен да не ја „обесчести“ никој мислејќи на:

Честа што се обидовте да ѝ ја одземете
на татковината ни… (153)

* * *

Можеби е време да се извинам за својата емотивност, можеби е време да ми простите што воопшто се дрзнав да се удостојам за Неговата реч, но можеби оваа поезија – ме направи ваква. А ќе ве обликува и дообликува и вас. Чинам од денес, од овие првпат слушнати антеови стихови, поетите ќе станат попоети, лекарите – полекари, политичарите – пополитичари, или кратко – луѓето – полуѓе. Оти нам ни се обрати почовек, нешто повеќе од човек, попоет… Нека се горди сите на кои им посвети песна во оваа книга, но да се гордееме и ние, неименуваните – на кои ни се обраќа.
Како да не му веруваме, кога ни предлага, дури и ако изгубиме сè во животот, и ако сме неротки, дека, колку и да е парадоксално – единствениот „излез“ е – „раѓањето“ или „прераѓањето“. А кое е „семето“ на новата плодност, после некоја „смрт“? Вака вели Анте:

Не постои ништо што не е збор.
Дури ни вечноста, дури ни минливоста.
Жив остаток од епохата на создавањето
зборот продолжува да создава живи светови
наспроти пустините во душите ни. (143)

„Зборот-создател“, „зборот-мајка“ на иднината, која сами треба да ја осмислиме, е најкултното „семе“ на новите светови. Така „раѓа“ и поезијата на Поповски, така се „оплодуваат“ и синтагмите, преку: љубовта, магнетизмот, „хемијата“, па и „браковите“ меѓу зборовите. Така „партнери“ стануваат и речениците. Така „разговараат“ и самите песни помеѓу себе.
„Златно семе“ е поетската оставнина, Две тишини, Коска паленица, Пророчки труби, Светата песна и знаете уште на кои збирки мислам.

* * *

Оти само Анте ќе нè праша насамо и никој друг:

Кого
да молчам,
кој
да ме поучи
како да се живее без себеси? (36)

Кога веќе „сме се напуштиле себе“ или кога сме станале свесни дека тоа одамна, несетно, тивко, се случило, – имаме право да се прашаме сите: „Како?“ „Како понатаму?“
Ако веќе се приморавме и привикнавме без другите, без оние што ги сакаме, да „живееме“ или само да го „доизживееме“ остатокот, „рестото живот“, па дури и со сила, – та толку ли сме накажани – да се примораме „да живееме и без себе“? Поголема осама нема. Стануваме „гости“ на својот живот. Се испраќаме себе, уште пред другите да нè испратат. Се гледаме како си заминуваме. Секојдневно. Без да дознае никој. Тајно.
А сето тоа се случува – во време. Сега ќе ме корегира Анте со стиховите и ќе ме поучи: „(она) што ние живите го поимаме како време“. Оти песната Проповедникот е следна:

Никогаш и никаде Тој не спомна нешто
што ние живите го поимаме како време,
и ете, во суштина, ние
се разликуваме од Проповедникот
не сакавме
или пак не можевме
да сфатиме дека нам не ни одминува
времето
туку –
животот.
(32)

И така, навистина, ние постојано жалиме за „времето“. Она што „сме го изгубиле“, она што „не се случило“ или пак што „се случило“ во тоа време, или пак што немаме или нема да имаме „време“ да ни се „дослучи“. Ако добро го разбрав Анте: „не ни одминува времето“, туку – животот. Зошто вели: „не сакавме или не можевме да сфатиме“. Или пак сака да ни каже дека воопшто не ни разбравме: „што е време?“, а „што е живот?“ – Не се исти овие категории после овие стихови. Не би бил ист учебникот или толковниот речник по филозофија, после оваа дистинкција. Не сме исти ни ние. Што правиме? Пополнуваме „време“? Наивно веруваме дека „го осмислуваме“? Заблудата е дури и симпатична. Кога најмногу сме убедени дека „ни одминува“ дека „ни бега“ – времето, Проповедникот знае дека – ни одминува „животот“. Но, патетична или непотребна е драмата со која повремено се потсетуваме – дека ни мине животот. Кога мислиме дека сме најсвесни дека се случува тоа – преку драстични споредби – преку нечја туѓа смрт, тогаш или во таквите, подраматични ситуации, себично мислиме – само на себе. Токму тогаш сме во стапицата или илузијата дека – „ни одминува животот“. Не, тој ни одминува и во далеку побанални ситуации, во далеку поживотни епизоди, … а можеби не одминува само на едно место. Каде?
Во поезијата.
Ако Анте осозна и тврди дека „постар е стравот од песната“, може ли таа да го надживее, совлада, победи, надитри, како старица. Може ли таа да го победи – со живот, а тој да изгуби – со смрт? Како во секоја игра, како во шахот на пример?
Мислам дека таа веќе тоа го стори, го стори храбро, најхрабро и итро што може. Поезијата на Анте расчисти со „стравот“, оти вели:
„Стојам пред благороден предизвик: на стравот да му возвратам со – песна! Стравот е постар од песната, но во тоа е и големата предност на животот кој го бранам: сè што имав му го завештав нему, сè што можев направив за него и сосем природно е јас да го бранам а не неговата сенка.“ (30)
Значи ли победата над стравот – зрелост? Значи ли дека поезијата е место каде што најкристално може да се види таа победа? И да се подели со друг?
Значи. Значи дека ако се напрегнеме да побараме најделикатни, најсуштински прашања од најновата поезија на Поповски, дека: ќе ни се скрати патот кон сознанието, дека ќе заштедиме можеби и години на непотребни размисли, можеби значи дека конечно ќе собереме сила –, со него и само со него, како со „лекар на душата преку речта“, како невидлив и непрогласен „проповедник“, – конечно да расчистиме со долгогодишни компромиси, илузии, заблуди, маски, …

2018-08-21T17:21:10+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 60|