Каде после последната поезија на Анте?

/, Литература, Блесок бр. 60/Каде после последната поезија на Анте?

Каде после последната поезија на Анте?

* * *

Во Две тишини „бара“ од нас да ја побараме, да ја доживееме „тишината меѓу два збора“, како во првата, ненасловена „песна-портал“:

Ене го долу, меѓу два брега
во тишината меѓу два збора,
топло семе на својот јазик,
потпрен на својата сенка
чека ништо и – никого (25)

Не само што бара да ја „вдишиме“, да ја „вкусиме“ тишината меѓу два збора, туку и да го осмислиме растојанието: меѓу два човека, меѓу две мисли, меѓу две емоции, меѓу два брега…
Тој „простор“ „меѓу два збора е „свето место“ за нивниот Создател Анте. Вака тој го доживува тој простор во сосема друга песна:

Во пределот меѓу два збора,
во преминот од едниот до другиот
е крајот. Тишината претходи а потоа
со мојот мајчин јазик
сраснат за мене како близнак
заедно ќе ја паметиме
оваа светлина –
нашето место на раѓање. (193)

Поетот е „брат-близнак“ со својот и наш јазик. Нивно место-родилиште е токму таа тишина-светлина. Тоа „раѓалиште“ се создало (ако добро сфаќам и ако сум на вистинскиот пат како толкувач), од „топлото семе на својот јазик“ – од претходната песна.
Ако Шопов сакаше да ни го долови „раѓањето“ на зборот, тогаш Анте оди подалеку, – тој сака да ни открие – нова тајна. Ако пред „раѓањето на зборот“ е – тишината, како што самиот вели „тишната претходи“, тогаш следува и уште едно „раѓање“, не само „раѓање на зборови“, туку и „раѓање на тишини“ меѓу нив. Осмислувањето, па и дозирањето на тишините помеѓу зборовите е слично на биолошките феномените. Ако на животот му претходи – небиднина или тишина, пратишина, – тогаш, раѓањето е зборот – животот. Но, и животот обилува со тишини, празнини, бездни, – или епизоди, фази, кои ги надраснуваме. Тогаш – новиот, соседниот збор кој следува, – наполно ја осмислува тишината која „живеела“ меѓу два збора.
Ете Анте собра цела „планета“ меѓу два збора, им даде „ум“ на „милиметрите“ или пак на „океаните“ помеѓу нив.
Ќе си дадам право да разберам дека можеби сакал да нè охрабри и да нè поттикне сами да ги осмислиме нашите „празнини“ во нашите животи. Да нè поучи како „да ги прикрпиме“ празните, темните места.
А како? Како што би го прашале некој можен „учител за живот“ – ако воопшто постои таков или таква професија. Ако некогаш некаде се воведе предмет наречен „учење живеење на живот“, тогаш – прва литература може биде – оваа поезија. Поезија која, на свој начин, веќе го „надрасна“ психотерапевтот, лекарот, проповедникот, или секој наводно компетентен по диплома, по вокација.
Празнините меѓу две тишини, можеби меѓу „небидта“ и смртта, Анте на еден дискретен, индиректен начин, предлага да ги пополниме со – живот. Ако помеѓу тие две тишини – е животот, тогаш, помеѓу двете тишини во поезијата е – зборот.

Тоа култно место, таа „утроба“ на родилка, која „расте“ со некое природно време, ме потсетува на она време кое Јулија Кристева го нарекува „женско биолошко време“ (наспрема машкото, кое е – „време проект“). Тоа „женско време“ го понесува природата, таа и го дава – онаму каде таа сака. А сакала ете да го подари и на – поезијата на поетот великан. Плодна е, сосем фертилна е „почвата“, земјата-родилка меѓу двата благословени збора на Анте. Дури и меѓу секои два. И меѓу секои две фонеми или меѓу два поетски геста или движења. А неговата самосвест за тоа – е кристално јасна, но непокажана јавно, од скромност. Затоа и никогаш не нè потцени, иако очигледно повеќе нè разбрал нас, отколку ние него, затоа и ни остави стихови, како оние од песната наречена Ги одбираше тој зборовите:

Тоа е така, помислуваше,
зашто без вас почеток нема
но без вас нема ни – крај… (201)

Без патетика, смирено, одмерено нè потсети, не само на првиот крик при раѓањето, како и на последниот збор пред смртта, туку и на малите мини- епизоди, животи-блокови, фази од нашиот живот. Малите субраѓања и субумирачки, повеќекратни во текот не еден обичен смртнички живот. Овој оксиморон бара од нас повторно да се раѓаме: во еден живот, „да сместиме“ повеќе свои животи. Онака како што песната „собира“ повеќе свои животи (и помали песни), и така добива повеќе осмислувања (нешто како мултиплицирана полисемија во теоријата на литература), така и нашите животи – да станат „стан“ или „куќа“ на повеќе осмислувања.

* * *

Една од најубавите, најскапоцени, најраскошни „куќи“ во кои сум „живеела“ – е токму поезијата на Анте Поповски. И искрено, и најтопло ви препорачувам, па и ве молам, да посакате да се „вселите“ и „поживеете“ во тие дворци, палати, каде ќе бидете удостоени како – цар.
Ако се прави научна, компетентна проценка на фрески, ако постои „мерка“ за бесценетоста на нашите гордости од храмовите на оваа земја, тогаш постои ли мерка, проценка, или постои ли супспецијалист да ја премери бесценетоста на овие стихови? Ако постои, тогаш овие стихови ќе треба да ги заштити UNESCO, тогаш уште денес треба да нè примат во Европската унија, тогаш Македонија ќе расте и ќе биде една од најголемите земји на светот… Но, не постои мерка за оваа проценка, не постои дури ни наука, или пак ако постои, не ѝ е – достојна на оваа поезија. Дури и ако се здружат повеќе науки, повеќе „читања“, знам дека ќе се стигне само – до некаде. Оти – пак нему ќе му биде појасно – од нас сите.
Оваа национална колекција замислете ја како уметнички слики или како галерија на икони. Ако секоја негова песна – ја врамиме и изложиме како слика, или ја исправиме како икона, – тогаш ќе имаме непроценлива изложба, која ќе бара да изградиме посебен огромен објект, наше „свето место“.
Зошто Анте е великот македонски донатор, добротвор, добродетел, беспоштеден инвеститор, Создател … кој аманетно ни ги остави најдрагоцените „учебници за живот“. На херменевтичарите, филозофите, стилистичарите, поетите, па и лекарите, ни остави наследство. „Поетски тестамент“ е токму книгата Две тишини, која денес ја промовираме. Таа е круна (или последниот збор) на неговата поезија. Сосем свесно.
Па ако отворено често се консултираше со врвниот Создател, во вид на мастрални Свети песни, тогаш несвесно станал наш, македонски Создател, кој скромно ќе ве поздрави на улица, ќе си поразговара со вас, а некаде таму, насамо ќе „резба“ стихови, сакајќи да ни помогне, како на блиски. Нам, на родот свој, на семето…

2018-08-21T17:21:10+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 60|