Историја на сексуалноста

/, Литература, Блесок бр. 108-109/Историја на сексуалноста

Историја на сексуалноста

Историја на сексуалноста


Во однос на она што јас би го нарекол „хипотеза за репресија“, можат да се посочат три големи сомневања. Прв сомнеж: дали репресијата на половоста навистина е историска очигледност? Дали она што се открива веќе на прв поглед – и според тоа, овозможува да се постави појдовна хипотеза – претставува нагласување или можеби, устоличување на режим на репресија на половоста, почнувајќи од XVII век? Историско прашање во вистинската смисла на зборот. Втор сомнеж: дали внатешниот склоп на власта, особено на власта што е ставена во дејство во општество како нашето, во својата суштина е од репресивен карактер? Дали забраната, цензурата, оспорувањето навистина се форми на општото спроведување на власта во секое општество и, сосем сигурно, во нашето? Прашање од историско-теориски карактер. И, конечно, третиот сомнеж: дали критичкиот говор што се упатува на репресијата, се вкрстува, за да му го попречи патот, со механизмот на власта што дотогаш функционирал без да биде оспоруван или пак, и тој претставува составен дел од истиот историскиот сплет како и она што го разоткрива (и, несомнено, го извртува), нарекувајќи го „репресија“? Дали навистина постои историски прекин помеѓу епохата на репресија и критичката анализа на репресијата? Историско-политичко прашање. Воведувајќи ги овие три сомневања, јас немам намера само да поставам спротивни хипотези, симетрични и обратни од првичните; не сакам да кажам: сексуалноста, не само што не била потиснувана во капиталистичките и граѓанските општества, туку сосем спротивно, ги имала погодностите на систем на постојана слобода; не сакам да кажам: во општества како нашето, власта е потолерантна отколку репресивна, а критиката на репресијата, иако може да прилега на раскол, претставува дел од многу постар процес од неа самата и според начинот на кој ќе се протолкува тој процес, таа ќе се јавува како нова епизода во ублажувањето на забраните или како попрефинета или подискретна форма на власта.

Сомнежите што би сакал да ги противставам на хипотезата за репресија немаат за цел да покажат дека таа е погрешна, туку да ја поместат во општата организација на говорите за половоста во рамките на современите општества, почнувајќи од XVII век па до денес. Зошто се зборувало за сексуалноста, што е кажано за неа? Какви биле постапките на власта, поттикнати од она што било кажано? Какви биле врските меѓу овие говори, овие постапки на власта и задоволствата кои со нив биле запоседнати? Какво знаење било создадено на тој начин? Накратко, сакам да го определам, во неговото функционирање и во неговите причини за постоење, системот власт-знаење-задоволство, кој кај нас служи како потпора на говорот за човековата сексуалност. Оттаму и фактот дека не е суштествено (барем во почетокот) да се дознае дали на половоста ѝ се вели „да“ или „не“, дали се формулираат забрани или одобрувања, дали се потврдува нејзината важност или се одрекува нејзиното влијание, дали се казнува или не се казнува употребата на зборови со кои се служиме за да ја означиме, туку да се земе предвид фактот дека за половоста се зборува, оние кои зборуваат за половоста, местата и гледиштата од кои се зборува за неа, институциите кои поттикнуваат да се зборува за неа, кои го прибираат и го растураат она што е кажано, накратко севкупната „дискурзивна појава“, „преточувањето во говор“ на половоста. Оттаму и фактот дека е важно да се дознае во какви форми, по кои канали, со провлекување низ какви говори, власта допира дури до најсуптилното и најличното однесување, кои патишта ѝ овозможуваат да допре до ретките или одвај забележителни видови на желбата, како го проникнува и го контролира секојдневното задоволство – сето тоа со постапки кои можат да бидат во форма на одбивање, попречување, исклучување, но и на поттикнување, на засилување, накратко, „полиморфните техники на власта“. Оттаму, најпосле, и фактот дека нема да биде важно да се определи дали овие производи на говорот и овие дејанија на власта водат до искажување на вистината за половоста или сосем спротивно, до лаги чија цел е таа вистина да се скрие, туку да се ослободи „волјата за знаење“, која истовремено им служи како потпора и како орудие.

Треба да се разбереме; јас не тврдам дека, уште од времето на класицизмот, сексот не бил забрануван, попречуван, прикриван или непризнаван; јас дури не велам дека оттогаш наваму, тоа се случувало во помал обем отколку порано. He велам дека забраната на сексот е измама, туку дека е измама од неа да се направи основен и составен дел од кој ќе може да се појде при пишувањето на историјата на она што е кажано за половоста, почнувајќи од современата епоха. Сите овие негативни елементи – забрани, отфрлање, цензура, оспорувања – што хипотезата за репресија ги сместува во еден голем централен механизам наменет да каже „не“, несомнено се делчиња кои имаат само ограничена и тактичка улога во преточувањето во говор, во техниката на власта, во волјата за знаење, кои ни оддалеку не можат да се сведат на нив.

Сè на сè, би сакал да ја изделам анализата на привилегии што обично ѝ се признаваат на економијата на реткости и на принципите на разредување за да ги побарам, наспроти нив, инстанциите на создавањето говор (кои разбирливо, управуваат и со молчењата), за создавањето на власта (кои понекогаш имаат задача да забрануваат), за создавањето знаење (поради што често се јавуваат грешки и систематски непознавања); би сакал да составам историја на тие инстанции и на нивните преобразби. Но, само еден површен преглед, направен од оваа гледна точка, како да укажува дека од крајот на XVI век, „пренесувањето во говор“ на сексот не само што не било изложено на процес на ограничување, туку сосем спротивно, било изложено на зголемено поттикнување; дека техниките на власта што се применуваат врз половоста не се потчинети на принципот на строга селекција, туку сосем спротивно, на принципот на расејување и на всадување на полиморфни сексуалности и дека волјата за знаење не застанала пред табу што не смее да се собори, ами жестоко се зафатила – правејќи притоа и многубројни грешки – со создавање наука за сексуалноста. Токму овие промени би сакал да ги истакнам на шематски начин, поаѓајќи од неколку историски факти кои имаат вредност на белег, заобиколувајќи ја притоа на извесен начин хипотезата за репресија и појавите на забрана или на исклучување на кои таа се повикува.

АвторМишел Фуко
2018-12-14T08:50:24+00:00 август 19th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 108-109|