Историја на сексуалноста

/, Литература, Блесок бр. 108-109/Историја на сексуалноста

Историја на сексуалноста

Историја на сексуалноста


Овој говор за современата репресија на сексот, добро се држи. Несомнено, бидејќи не е тешко да се држи. Зад него стои дебела историска и политичка гаранција; поместувајќи го настанувањето на епохата на репресија во XVII век, по стотици години отвореност и слобода на изразување, укажуваме дека таа се совпаѓа со развитокот на капитализмот: таа се сплотува со граѓанскиот поредок. Малата хроника на сексот и на понижувањата на кои бил изложен, веднаш се пренесува во возвишената историја на производствените односи: неговата бесполезност исчезнува. Co тоа, воедно, се насетува принцип на толкување: ако сексот се потиснува со толкава строгост, тоа е зашто тој не можел да се усогласи со општото и засилено работно ангажирање; зар можело да се дозволи, во време кога систематски се експлоатирала работната сила, таа непотребно да се троши на задоволства, освен на оние, сведени на најмала можна мера, кои ѝ овозможуваат да се расплодува? Можеби сексуалниот живот и неговото влијание не можат лесно да се протолкуваат; но, од своја страна, нивната вака поместена репресија лесно се анализира. А, прашањето на сексот – на неговата слобода, но и на сознанијата што се добиваат за него и за правото да се зборува за него – со сиот свој легитимитет – се поврзува со чесноста на некоја политичка кауза: и сексот станува составен дел од иднината. Некој сомничав дух можеби ќе се запраша, дали сите тие мерки на претпазливост за да ѝ се даде на историјата на сексот толку угледно покровителство, и понатаму ги носат трагите на некогашната воздржаност: како да биле потребни сите тие корелации на вреднување, за да може овој говор да се одржи или да се прими.

Меѓутоа, можеби постои уште една причина што ни овозможува на толку благодарен начин да ги искажеме, со термини на репресија, односите на половоста и на власта: она што би можело да се нарече повластица на говорникот. Ако сексот е изложен на репресија, односно подложен на забрана, на непостоење и на премолчување, самиот факт што се зборува за него и што се зборува за неговото задушување, остава впечаток на решителен и промислен престап. Оној кој се изразува на овој начин се става себеси, во извесна мера, надвор од власта; тој го подбуцнува законот; ја навестува, колку и да е малку, идната слобода. Оттаму произлегува свечениот тон со кој денес се говори за половоста. Кога требало да го спомнат половиот живот, првите демографи и психијатри од XIX век, сметале дека треба да им се извинат на своите читатели што ќе го задржат нивното внимание на толку прости и ништожни теми. А ние, барем во последниве десетина години, речиси секогаш кога зборуваме на таа тема, тоа го правиме со одредена доза на позирање: поради свеста дека му пркосиме на воспоставениот поредок, поради тонот со кој зборуваме и кој укажува дека знаеме оти сме субверзивни, поради жестината со која ја отфрламе сегашноста и ја повикуваме иднината, за која навистина веруваме дека ќе го забраза зазорувањето на новиот ден. Малку револт, ветената слобода и блиската иднина во која ќе владее некој друг закон, провејуваат во овој говор за подјармувањето на сексот. Овде повторно почнуваат да дејствуваат некои од старите, традиционални функции на прорекувањето. Добриот секс е за утре. И токму затоа што се потврдува оваа репресија, и понатаму е возможно истовременото и невпечатливо постоење на она што, стравот од потсмевот или огорченоста од историјата, ги спречува повеќето од нас да ги доближат: превратот и среќата; или превратот и некое друго, поново и поубаво тело; или пак, превратот и задоволството. Да се зборува против власта, да се изнесе вистината и да се ветат животните радости; меѓу себе да се поврзат вдахновението, ослободувањето и намножените наслади; да се држи беседа во која се здружуваат ревноста во спознавањето, желбата да се смени законот и посакуваната градина на наслади – еве што во нас, несомнено, ја потпалува истрајноста да се говори за сексот, користејќи го терминот на репресија; со тоа, веројатно, може да се објасни и пазарната вредност, не само на она што се вели на таа тема, туку и на едноставниот факт што внимателно се слушаат оние кои сакаат да ги разоткријат нејзините последици. Впрочем, ние сме единствената цивилизација каде што поединци од определени служби добиваат надомест за да ги ислушаат сите оние кои им го доверуваат својот сексуален живот: некои дури ги дале своите уши под наем, божем желбата да се зборува за половоста и ползата што се очекува од тоа наголемо ги надминале можностите за слушање.

Меѓутоа, наспроти оваа економска несуштественост, ми се чини многу поважно тоа што во нашево време, постои говор во кој се поврзани во една целина половоста, откривањето на вистината, соборувањето на законитостите на поредокот, навестувањето на еден поинаков ден и ветувањето на определена благосостојба. Денес, токму сексот служи како потпора на таа стара, на Западот мошне позната и важна форма, како што е проповедањето. Една голема проповед за половоста – која имала свои суптилни проповедници и, меѓу народот, свои омилени гласови – се пренесла низ нашите општества во неколкуте последни десетлетија; таа го искамшикувала стариот поредок, го обелоденила лицемерието, го воздигнала правото на непосредното и на вистинското; таа ги разбудила мечтаењата за некој поинаков поредок на нештата. Да си спомнеме на Фрањевците. И да се запрашаме како можело да се случи лиризмот и религиозноста, кои долго ги придружувале превратничките потфати, во индустриските и западните општества, во голем дел да се пренесат врз сексот.

Според тоа, замислата за сузбивањето на половоста не е само работа на теоријата. Потврдата за сексуалност која никогаш не била подјармена со поголема строгост отколку во времето на лицемерното, со работа презафатено и пресметливо граѓанство, се поврзува со сувопарноста на говор чија цел е да ја изнесе вистината за сексот, да ја промени неговата економија во стварноста, да го собори законот кој управува со него, да ја смени неговата иднина. Искажувањето на угнетувањето и формата на проповедта упатуваат едно на друго; тие меѓусебно се зацврстуваат. Изјавата дека половоста не е сузбиена, односно дека односот меѓу половоста и власта не е репресивен, со себе го носи ризикот да биде само стерилен парадокс. Тоа не би значело само нафрлање врз една општоприфатена теза. Тоа би било противставување на секојата економија, на сите дискурзивни „интереси” врз кои таа се темели.
Токму околу таа точка јас би сакал да ја поставам низата од историски анализи за кои оваа книга е вовед и воедно, еден вид првичен преглед: да укажам на неколку историски значајни точки и да дадам скица на определени теориски проблеми. Накратко, се работи за разгледување на општество кое повеќе од едно столетие гласно се обвинува себеси поради сопственото лицемерие, опширно расправа за своето молчење, нашироко го изнесува она што не го вели, ги обелоденува силите со кои се служи и ветува дека ќе се ослободи од законите што му овозможиле да функционира. Сакам да ги разгледам не само овие говори, туку и желбата што ги води и стратешката намисла што им служи како потпора. Прашањето што би сакал да го поставам не е: зошто сме подјармени, туку зошто со толку страст, со толку огорченост против нашето најблиско минато, против нашата сегашност и против нас самите, велиме дека сме подјармени? По која спирала дојдовме дотаму што тврдиме дека половоста е порекната, отворено да покажуваме дека ја криеме, да велиме дека ја премолчуваме – и сето тоа го правиме, искажувајќи ја со експлицитни зборови, обидувајќи се да ја разоткриеме во нејзината најсоголена стварност, потврдувајќи ја во позитивноста на нејзината моќ и нејзините дејанија? Сосем е оправдано да се запрашаме зошто толку долго сексот го поврзувавме со гревот – допрва треба да видиме како настанала таа врска и да се вардиме од општа и избрзана оценка дека сексот бил „осуден“ – но, треба да се запрашаме зошто и денес толку жестоко се обвинуваме себеси што некогаш сме го претвориле сексот во грев? По кои патишта стигнавме дотаму да бидеме „грешни” во однос на нашата половост? И да бидеме мошне необична цивилизација, за да си кажеме дека таа самата долго време, па дури и денес, „грешела” во однос на половоста поради злоупотреба на власта? Како дошло до тоа поместување, кое претендирајќи дека ќе нè ослободи од грешната природа на половоста, нè оптоварува со голема историска грешка која се состои токму во тоа што таа природа се замислува како грешна, и од тоа верување се извлекуваат погубни последици?
Може да ми се забележи дека, штом денес има толку многу луѓе кои можат да ја потврдат таа репресија, тоа значи дека таа е историски очигледна. А тоа што луѓето зборуваат за неа толку многу и толку долго, само потврдува дека репресијата е длабоко вгнездена, дека има цврсти корени и силни причини, дека толку силно натежнува врз половоста што само со нејзиното обелоденување не ќе можеме да се ослободиме од неа; работата ќе биде долга и макотрпна. Дотолку подолга, нема сомнение, што на власта ѝ е својствено – особено на власт каква што функционира во нашите општества – да биде репресива и со особено внимание да ги спречува и ги задушува неполезната енергија, силата на задоволствата и неподобното однесување. Треба, значи, да се очекува дека ефектите на ослободувањето од таа репресивна власт бавно ќе се манифестираат; овој потфат – слободно да се зборува за сексот и тој да се прифати во сета своја реалност – е толку туѓ на насоката во која се движи една, сега веќе милениумска историја и меѓу другото, толку спротивен на внатрешните механизми на власта, што уште долго ќе мора да си го пробива патот пред да ја оствари својата задача.

АвторМишел Фуко
2018-12-14T08:50:24+00:00 август 19th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 108-109|