Историја на сексуалноста

/, Литература, Блесок бр. 108-109/Историја на сексуалноста

Историја на сексуалноста

Историја на сексуалноста


I: Ние, Викторијанците

Превод од француски јазик: Владо Ефтимов
(Copyright © за македонското издание издавачки центар ТРИ)

Според некои општи уверувања, долго време го поднесувавме, а дури и денес го трпиме викторијанскиот начин на живеење. Срамеживата лицемерна богомолка стои на грбот на нашата сексуалност, воздржана, нема и лицемерна.

Се вели дека во почетокот на XVII век сè уште постоела определена простодушност. Исполнувањето на верските обврски не барало ни најмала тајност; зборовите се кажувале без премолчување, а работите се именувале без премногу заобиколување; со недозволеното била воспоставена толерантна блискост. Нормите за недоличното, за непристојното, за бесрамното биле мошне лабави во споредба со оние од XIX век. Непосредните постапки, разговорите без срамење, видливите престапи, разголените тела што се изложуваат на туѓи погледи и лесно се сплотуваат, слободните деца што безгрижно и бесрамно талкаат меѓу насмевките на возрасните: тела што ја распослале својата заводничка моќ.

На овој јасен ден, се надоврзал краток самрак, кој им го отстапил местото на едноличните ноќи на викторијанското граѓанство. Тогаш, сексуалноста била внимателно затворена. Вовлечена во семејниот дом. Ја присвоила брачната заедница. И целосно ја претопила во сериозна задача на размножувањето. За половоста се молчело. Брачниот пар, легитимен и со родителска обврска, ја наметнувал својата волја. Тој се наметнувал како модел, се здобивал со вредност на норма, ја задржувал вистината, си давал право да зборува, оставајќи го за себе начелото на тајната. Во општествениот простор, како и во секој дом, на признатата сексуалност ѝ било отстапено само едно, но полезно и плодотворно место: спалната соба на родителите. Останатото морало да исчезне; конвенцијата за однесувањето ги одминувала телата, пристојноста во зборувањето ги прочистувала разговорите. А неплодноста, доколку станела премногу нагласена и забележлива, се претворала во анормалност: таа се прогласувала за таква и морала да ги понесе последиците.

Она што не било подредено на создавањето потомство или приспособено на таа задача, повеќе немало право на постоење. Ни право на глас. Наеднаш, тоа било протерано, порекнато и сведено на молчење. Тоа не само што не постоело, туку не смеело да постои и се спречувало секое, дури и најмало негово пројавување – во постапките или во зборовите. Добро е познато, на пример, дека децата немаат пол: причина да им се забрани половоста, причина да им се брани да зборуваат за неа, причина да се затвораат очите и да се затнуваат ушите, секогаш кога тие ќе ја откријат и покажат, причина да се наметне општо и отворено молчење. Таков е белегот на репресијата, и по тоа таа се разликува од забраните содржани во обичниот кривичен закон: таа дејствува главно како осуда на исчезнување, но и како наредба да се молчи, потврда за непостоење и како заклучок што сам се наметнува дека за сето тоа нема што да се каже, да се покаже или да се знае. Така, во својата осакатена логика, се движи лицемерието на нашите граѓански општества, кои сепак, се принудени на неколку отстапки. Ако веќе мора да се направи место за незаконски пројавената сексуалност, таа нека крева врева на некое друго место: таму каде што може да се вметне, ако не во кругот на создавањето, тогаш барем во оној на добивката. Јавните куќи и психијатриските клиники ќе бидат тие места на толеранција: проститутката, клиентот и подведувачот, психијатрот и неговиот хистеричен пациент – овие „други викторијанци“, би кажал Стивен Маркус (Stephen Marcus) – божем крадешкум и без дозвола го пренесле задоволството за кое не се зборува во важечкиот поредок на нештата; зборовите, постапките што сега премолчено се дозволени, се разменуваат по висока цена. Само таму дивиот секс има право на вистински, но строго омеѓани форми, на скришни, ограничени и пропишани разговори. Сегде другде современиот пуританизам го наметнал својот троен декрет на забрана, непостоење и молчење.

Дали се ослободивме од овие две долги столетија, чијашто историја на сексуалноста требало да се чита првенствено како хроника на сè поизразената репресија? Сосем малку, сè уште ни велат. Можеби, преку Фројд. Но, со каква внимателност, со каква медицинска претпазливост, каква научна гаранција за нештетноста и со колку голема грижа за да остане сето тоа, без страв дека ќе се „прелее“, во најсигурниот и најдискретен простор, меѓу отоманот и говорот: уште едно полезно шепотење во креветот. А, дали би можело да биде поинаку? Ни објаснуваат дека од репресијата можеме да се ослободиме само по мошне висока цена, ако таа навистина била, уште од времето на класицизмот, основен начин на поврзување меѓу власта, знаењето и сексуалноста: потребни би биле безмалку непочитување на законите, укинување на забраните, насилно упаѓање на зборот, враќање на задоволството во стварноста, и сосем нова организација во механизмите на власта, бидејќи политиката го условува и најмалиот изблик на вистината. А такви ефекти не можат да се очекуваат од некоја едноставна лекарска практика, ни од некоја теориска расправа, колку и да е ригорозна. Токму затоа се разоткриваат конформизмот на Фројд, функциите за нормализација на психоанализата, големата срамежливост скриена зад жестината на Рајх (Reich) и сите последици на интеграција, произлезени од „науката“ за половоста или од донекаде сомнителните искуства на сексологијата.

АвторМишел Фуко
2018-12-14T08:50:24+00:00 август 19th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 108-109|