Истанбул: Сеќавањата и градот

/, Литература, Блесок бр. 144/Истанбул: Сеќавањата и градот

Истанбул: Сеќавањата и градот

Наративната организација во Истанбул го олицетворува метафоричното патување на Памук. Наративот се проширува однатре кон надвор: започнува пред раѓањето на Памук и полека преминува од станот на неговите родители, а подоцна во целата зграда во која „секој стан изгледаше како различна земја, посебен универзум“. За време на неговото детство, светот на Памук постепено се протега до населбите околу неговиот дом и конечно напредува во околните области, од кои секои на почетокот на неговиот живот изгледаат како „далечна земја“. Наративот завршува со дел во кој мајката на Памук бара тој да излезе на улица, во нејзините напори да го убеди да ја добие својата диплома по архитектура, наместо да мирува дома со соништата да биде сликар. Светот на Памук, кој се шири и надвор од Истанбул, ги означува првите чекори на неговото сфаќање за социјалната и економската разлика помеѓу неговото родно маало и оддалечените населби што го опкружуваат. Не случајно, поголемиот дел од Истанбул се фокусира на сеќавањата на Памук од детството и раната младост. Темата на мобилноста во наративот отсликува преговарање на границата помеѓу ова метафорично, реактивно детство и зрелата адолесценција.

Нарацијата на Памук за неговите сеќавања од Истанбул наликува на загатка чии делови се лични и колективни спомени, кои се вкрстуваат и кои често ги нарушуваат очекувањата на читателот. Уште од самиот наслов и почетокот на романот, забележлива е персонализацијата на градот, како тој самиот да умее да ги раскажува сопствените спомени и оние на своите жители. Спојувањето на личните и просторните рамнини, имајќи предвид дека второто го сочинува колективниот план, станува очигледно во рамката на наративот, кога Памук се осврнува на својата фантазија поврзана со постоењето на негов двојник, кој живеел во имагинарна куќа во Истанбул. Интересно е да се набљудува како Памук во првото поглавје од книгата го поврзува своето јас и неговиот двојник во однос на неговиот поглед кон родниот град, сметајќи го вториот за негова „судбина“. Всушност, неговата професионална судбина неизбежно е поврзана со неговото искуство во градот, за време на распаѓањето на империјата, чија меланхолија дефинитивно има значително влијание врз неговиот идентитет, како и врз него како писател. Со претставувањето на „другиот“ Орхан и неговиот посебен однос со Истанбул, Памук интересно создава направа преку која не само што ја прави жанровската карактеристика на книгата прилично двосмислена (дали е книга на спомени или роман?), но и го отвора патот кон интерпретација на неговиот процес на анамнеза како симболично препрочитување на националната историја врз основа на деталните описи на Памук на определени места во Истанбул. Имено, првите сеќавања на Памук се од зградата каде што неговото семејство и повеќето од неговите блиски роднини живееле во различни станови. Овој познат простор, конотиран со републиканските средно-високи класи, започнува со претставување, од една страна, на противречностите која ги доживува цела нација поделена меѓу сеќавањата за големината на Османлиската Империја и потребата да се обликува секуларна нација, што го оправдува карактеризирањето на дневната соба како еден вид музеј. Од друга страна, испитувањето на безбројните фотографии пронајдени во станот на неговата баба од страна на Памук укажува на важноста која писателот ја дава на зачувувањето на сеќавањата, што е нагласено во неговата книга илустрирана со многубројни стари фотографии и слики кои го запознаваат читателот со град што веќе не постои. Доколку се обрне внимание на суптилната критика на Памук за потребата на Турците да докажат дека ја усвојуваат културата на Западот, тој опишува нешто што требало да биде интимна и безболна поделба на куќата на семејството. Оваа критика воведена во второто поглавје од книгата е особено значајна, со тоа што е проширена на макропросторот на градот кој постепено се менува за да се наметне гореспоменатата потреба на државата да изгледа сè повеќе западна.

Еден од најинтересните аспекти во описот на Памук на Истанбул е важноста што ѝ ја дава на меланхолијата, чувство што се смета за врска која ги обединува сите жители на Истанбул, без разлика на нивниот социјален, културен или економски статус, а тоа му помага на писателот да се осврне на комплексниот турски идентитет. Според Памук, Истанбул е град на меланхолија, аспект што сепак директно не се смета за негативен. Епиграфот на книгата е цитиран од Ахмет Расим, еден од омилените колумнисти и писатели на Памук од Истанбул, а е земен предвид, бидејќи, како што вели тој, „убавината на еден пејзаж е во неговата сопствена меланхолија“. Оваа меланхолија е повеќеслојна и нејзината имплементација во ова дело би требало да биде детално анализирана. Начелно, таа би можела да се припише на политички спроведувани дејствија од страна на Републиката, бидејќи многу белези на отоманското присуство биле намерно отстранети од градот. Во ова дело, меѓу многу други примери, четвртото поглавје претставува дел каде што се зборува за уништувањето на пашините куќи. Меланхолијата е, всушност, изговор кој му дозволува на Памук да се осврне на злоупотребите и манипулациите со меморијата во нетолку дамнешното минато на Турција (Пол Рикер, 2000):

Сепак, меланхолијата на оваа култура која умира, беше насекаде околу нас. Колку и да беше голема желбата кон западот и модернизација, поочајната желба, се чинеше, беше ослободувањето од сите горчливи спомени на паднатата империја (…). Но, бидејќи ништо, западно или локално, не дојде да ја пополни празнината, големата желба за западна модернизација беше најмногу како бришење на минатото; ефектот врз културата беше редуктивен и закржлавен, што доведе до тоа, семејства како моето, кои до некаде беа среќни за напредокот на републиканците, да ги опремуваат своите куќи како музеи. (Памук, 27)

Чувството за меланхолија кај Памук е обликувано и следствено, засилено со необичниот начин на кој тој ја сфаќа душата на градот, т.е црно-бела, нешто што ја нагласува симболичната вредност која тој му ја дава на градот, бидејќи:
„Да се гледа градот во црно-бело значи да се види низ оцрнувањето на историјата: патината на она што е старо и избледено и веќе не е важно за остатокот од светот. Дури и најголемата отоманска архитектура има скромна едноставност што сугерира меланхолија на крајот на империјата, болно потчинување на сè помалиот европски поглед и на древна сиромаштија што мора да се издржи како неизлечива болест; предавање кое ја храни душата на Истанбул кој гледа навнатре.“ (Памук, 38)

АвторСанберк Јусуф
2022-07-12T12:40:54+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 144|