Игор

Игор


Не го познавав Игор многу. Само еднаш го сретнав, бевме во бар, имавме состанок за Блесок. Тоа ми беше првиот состанок, требаше да се запознаеме од редакцијата. Не го знаев ни Игор, ниту Калина, никој. И, носев една песна, сакав да ја прочитам таа вечер, онака, на брзина начкрабана, извадена од некаде, мислев дека е убава. Не знаев дека Игор е поет, немав поим кој е Игор Исаковски – знаев само дека тој е главен во Блесок, толку. Прашував по луѓе, да не бидам без ич, и ми викаа: „Абе, оној поетон, како не го знаеш.“ А јас климав со глава, и ми беше срам. Ми кажаа: „Доаѓа чат-пат во кафичов, и стално мрчи зошто е вискито толку скапо. Па, ако ти е скапо, не го пиј, ебате!” И јас си помислив, ете ти беља, што го знам сега каков ќе биде на состаноков. И му се налутив таа вечер, искрено. Ни нарача мали шотчиња: „Овие се нови тука, ептен убави, има мед во нив,” и ги испивме, неколку, едно по друго. Имаше полно луѓе, се читаше поезија, луѓе излегуваа на бина, секој да каже по нешто, да се проба. И јас си помислив дека можеби и јас би требало да се пробам. Му ја дадов песната на Игор (седеше до мене), си помислив, ете, сега најверојатно ќе ми каже дека ми е добра – надежта последна умира, се разбира. И ја исчита цела, ме праша само на едно место кај што не се разбираше, а јас си помислив – ете, не му држи внимание, значи е лоша. Да, се сврти, ме погледна и само заниша со главата и ми го врати листот, ништо не кажа, мислам дека ги поткрена веѓите, и толку. И јас му се налутив. Се разбира дека не ја прочитав потоа. Се прошуткав, тргнав да си одам, заборавив да платам, се вратив, Игор беше на шанкот, ми наздрави оддалеку, како за поздрав, некако безволно, крајно сеедно… и си заминав.

Потоа, многу потоа, налетав на песната “Еби се Исаковски“, и си помислив, мора некој да ја напишал за него. Ете, толку знаев, а и надежта последна умира, нели? И потоа, откако подзаборавив на него, се најдов во друг бар, во кој исто така се читаше поезија, неговата поезија. И не ми беше грижа што зборуваа за него, колку бил добар, пишувал, преведувал, и што ли уште не… јас само сакав да ги слушам неговите зборови. Тогаш му простив, тогаш разбрав. Го разбрав погледот и поткренатите веѓи, нишкањето со главата, она, задоцнетото живели… сите тие ги разбрав во себе преку зборовите во неговата песна, и во водата, и во ноќта, во неговиот бескрај. Потоа земав да читам, да ги читам неговите песни, да влегувам во неговите зборови и пукнатини, да се гледам и себеси таму, да си мислам – „ете, јас сум тоа и други се тоа, едно и исто“. И некој, дури мислам дека тоа бев јас, ќе рече: „Предоцна е сега, него веќе го нема” — и ќе се замислам, обично, длабоко во ноќта, и оваа ноќ исто, и ќе си речам: „Еве го, како го нема, и да сакаш да го снема, не може – некако мрмори и шепоти, од зад ролетните, под креветов, во ходникот на среде мракот, се истураат зборовите што ги смислил и сè уште ги смислува, тоа е живот, тоа е живот, тој живее”. И на овие зборови тој им е причина, и на многу следни кои ќе ги кажам, ќе им биде причина, и не само тој, туку и други, зашто кај него живеат, и ги гледам, да.. сите можам да ги видам, толку јасно и толку убаво.

„Па, Игор И., ти благодарам барем за тоа.“

АвторГорјана Јордановска
2018-12-19T13:09:14+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 100|