ЗА ПРИРОДНАТА СОСТОЈБА НА ЧОВЕШТВОТО

/, Литература, Блесок бр. 101-102/ЗА ПРИРОДНАТА СОСТОЈБА НА ЧОВЕШТВОТО

ЗА ПРИРОДНАТА СОСТОЈБА НА ЧОВЕШТВОТО

ЗА ПРИРОДНАТА СОСТОЈБА НА ЧОВЕШТВОТО

Превод од англиски: Калина Малеска

Природната еднаквост на луѓето. Природата ги создала луѓето со речиси еднакви телесни и умствени способности, иако понекогаш може да се наиде на човек по сила поголем или по ум поспособен од повеќето; сепак, општо земено, разликата од еден човек до друг не е толку голема, за да може едниот да си бара за себе корист што не би ја заслужувал другиот. Бидејќи, што се однесува до телесната сила, најслабиот има доволно сила да го убие најсилниот, било со тајни интриги или во сојуз со други кои се наоѓаат во иста опасност како и тој самиот.
А што се однесува, пак, до умствените способности, не земајќи ја предвид умешноста на говорењето, а особено вештината да се донесуваат заклучоци врз основа на општи и непогрешливи правила, наречена наука – која малкумина ја практикуваат и само за некои феномени, зашто таа не ни е некоја вродена способност; ниту е стекната, како мудроста; по другите умствени способности, значи, луѓето се дури и послични меѓу себе одошто по силата. Бидејќи мудроста не е ништо друго туку искуство; кое подеднакво им е поделено на сите луѓе кои се занимаваат со исти дејности за ист временски период. Причината што оваа еднаквост се чини неверојатна е суетната вообразеност која, знаеме, е особина на многумина, зашто секој се мисли помудар од сите останати, освен од неколку исклучоци за кои смета дека можат да му се приближат умствено, а ова верување се должи на нивната слава или на тоа што нивните мисли се совпаѓаат со неговите. Таква е природата на човекот, да се согласи дека има многумина кои се поитри, поелоквентни, поучени; но тешко да поверува дека има други толку мудри како него самиот; оти својот разум го познаваме, а туѓиот не. Но ова е само доказ дека луѓето се еднакви по умствените способности. Фактот дека секој е задоволен со она што го добил најдобро сведочи за тоа дека сите нешта се подеднакво распределени кај луѓето.

Од еднаквоста произлегува недоверба.
Од еднаквоста на способностите произлегува еднаква надеж дека ќе ги достигнеме своите цели. Затоа, доколку двајца го посакуваат истото нешто, кое сепак не можат и двајцата да го имаат, тие ќе станат непријатели; и за да ја постигнат својата цел – што е најчесто нивната сигурност, а понекогаш и само уживање, се обидуваат да се уништат, да се потиснат еден со друг. Со ова ја побиваме претпоставката дека освојувачот нема од што да се плаши, зашто неговиот страв треба да лежи во силата на другиот; ако некој сади, сее, гради или поседува погодно земјиште, веројатно можеме да ги очекуваме другите, подготвени со здружени сили, да пристигнат за да му ја одзмат сопственоста и да го лишат не само од плодовите на неговата работа, туку и од животот, или слободата. И освојувачот го демне иста ваква опасност како и секој друг.

Од недовербата – војна.
Поради ваквата взаемна недоверба, постои само еден разумен начин на кој човекот може да си обезбеди сигурност, а тоа е – прв да нападне; значи, сѐ додека гледа моќ доволно голема за да би можела да го загрози, треба, по пат на сила, или со измами, да ги потчинува луѓето околу себе: а ова е само за да си ја зачува својата безбедност. Освен тоа, има и такви кои имаат обичај да се занесат во примена на својата моќ при освојувањата, при што одат подалеку одошто е потребно за зачувување на сигурноста; ако другите, кои инаку би се задоволиле со живот без страв во скромни услови, не се обидуваат да ја зголемат својата моќ со напади, не ќе бидат во состојба уште долго да преживеат само бранејќи ја својата безбедност. Со оглед на тоа дека, за да може човекот да ја сочува својата сигурност, неопходно е да ја зголемува својата власт врз луѓето, тоа треба и да му се дозволи.
Луѓето не уживаат, туку напротив, многу се незадоволни во друштво на луѓе кои не можат да ги држат во страв. Зашто секој си бара пријател кој ќе го цени во истата мера како самиот што се цени: па штом забележи презир, или потценување, се обидува, се разбира до каде што ќе се осмели (што меѓу оние кои не умеат да одржуваат дисциплина е доволно за меѓусебно да се уништат), да изнуди поголема почит од оние кои го презреле така што ќе им наштети, а од останатите со тоа што нанесената штета ќе им служи за пример.
Кај човекот, значи, наоѓаме три причини за непријателство. Прво, натпревар; второ, несигурност; трето, слава.
Поради првата човекот напаѓа за добивка; поради втората за сигурност; поради третата за углед. Поради првата користи насилство со цел да загосподари со други луѓе, нивните жени, деца и нивната стока; поради втората со цел да ги брани истите; поради третата заради ситници, како на пример – зборови, потсмев, поинакво мислење, или друг знак на потценување, било тоа да се однесува дирекно на него или на неговите роднини, пријатели, нација, професија или име.

Надвор од државата се одвива постојана војна на секој против секого.
Од овде произлегува фактот дека живеат ли луѓето без авторитет кој би ги држел под своја власт, настанува состојба што се нарекува војна; и тоа војна на секој против секого. Зашто ВОЈНАТА се состои не само од битките, или чинот на борба; туку се одвива со текот на времето, пришто добро е позната желбата за натпревар по пат на војување: а со тоа, кога се зборува за војна треба да се земе предвид и поимот време; како што се зема кога зборуваме за климата. Како што тмурното време се огледа не во еден или два врнежа, туку во дождови што траат со денови; така и војната се состои не во самата борба, туку од постојаното непријателство, и е присутна се додека постои склоноста кон непријателство. Другото време е МИР.

Непријатноста на таквата војна.
Времето на војна, во која секој е непријател со секого е време кога луѓето живеат без друга сигурност освен онаа која самите, со својата сила и својот разум, можат да си ја обезбедат. Во ваква состојба не може да се развие призводство; оти плодовите негови се несигурни: а поради тоа и земјата не се обработува; нема навигација; не се увезува стока со бродови; удобни зданија не се градат; машини кои би служеле за пренос на тешки материјали не се произведуваат; недостига знаење за земјината површина; времето не се пресметува; уметнички дела не се создаваат; луѓето се неписмени; општество не постои; а најлошо од сѐ, присутен е постојан страв, и закана од насилна смрт; а човековиот живот е самотен, беден, опасен, суров и краток.
Може некому, кој овие нешта не ги согледал убаво, да му се чини чудно што природата ги разединила луѓето толку што тие се желни едни со други да се напаѓаат и уништуваат: и тој, не верувајќи им на ваквите заклучоци изведени од интуицијата, може да посака истиве да му се потврдат преку искуството. Тогаш, нека се набљудува самиот себеси кога оди на пат, како убаво се вооружува и не тргнува без добра придружба; кога си легнува како ги заклучува портите; како дури и во сопствената куќа си ги заклучува кофчезите; и го прави сето тоа иако знае дека постојат закони и вооружени чувари на редот, спремни да ја одмаздат секоја повреда која би му била нанесена; какво ли му е мислењето за придружниците штом вооружен јава; за сограѓаните штом портите ги заклучува; за сопствените деца и слуги штом ковчезите му се запечатени. Нели и тој го обвинува човештвото со своите дела исто колку јас со моите зборови? Но ниту еден од нас не ја обвинува со тоа и човековата природа. Желбите и другите страсти на луѓето сами по себе не претставуваат грев. Ниту се грев делата поттикнати од овие страсти, додека не наидат на закон кој ги спречува: зашто додека закони не постојат делата не знаат што е забрането: а закони ќе се донесат дури кога ќе се избере личност надлежна да ги донесе.
Се мисли, веројатно, дека никаде и никогаш ваква воена состојба не постоела; и јас, главно, верувам во тоа: сепак, има многу места каде дури и денес се живее слично. Дивите народи во многу краеви на Америка, на пример, со исклучок на авторитетот во помали семејства каде слогата зависи од задоволување на природните потреби, воопшто немаат власт; и до ден денес живеат на истиот дивјачки начин за кој зборував. Во секој случај, според начинот на живот на кој за време на една граѓанска војна спаднале луѓето кои претходно живееле под мирна власт, можеме да заклучиме како би се одвивал животот додолку би немало сила од која луѓето стравуваат.
И да не постоело никогаш време во кое поедини луѓе би биле во состојба на војна на секој против секого сепак, уште од памтивек, кралевите и други личности со голема власт, поради својата независност, се во постојано ривалство, заземајќи состојба и став на гладијатори; со своите оружја спремни и со очите вперени еден во друг; војската и топовите поставени на границите од нивното кралство; а шпионите постојано присутни кај соседите; значи, спремни за војна. Но бидејќи со ваквиот став ја одржуваат трудољубивоста на своите поданици, меѓу нив не владее беда, во која живеат голем број слободни поединци.

Во таква војна ништо не е неправедно.
Од оваа војна на секој против секого следува и ова: дека ништо не може да биде неправедно. Поимите правилно и погрешно, правда и неправда таму немаат никакво значење. Без власт нема закон: без закон нема неправда. Силата и измамата се главните доблести во време на војна. Правдата и неправдата не се во доменот на телото, ниту на разумот. Да беа, би ги поседувал и човек сам на светот во истата мера во која ги поседува своите сетила и страсти. Тие се својства врзани за човекот во општеството, не во самотија. За истата состојба е карактеристично и тоа што во неа нема сопственост, власт врз работите, не се разликува мое и твое; овде постои само она што може секому да припадне, а му припаѓа на оној кој прв ќе го зграби: и тоа, додека е во состојба да го задржи. Со ова доволно кажавме за бедната состојба во која самата природа го сместила човекот, но од која може да најде излез, потпомогнат делумно од чувствата, а делумно од разумот.
Чувствата поради кои човекот се стреми кон мир.
Чувствата поради кои човекот се стреми кон мир се страв од смртта; желба за она што овозможува удобен живот; и надеж дека со работа ќе ги добие. А разумот предлага мировни договори, со кои многумина може да се согласат.

АвторТомас Хобс
2018-08-21T17:20:40+00:00 ноември 12th, 2015|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 101-102|