За преведувањето

/, Литература, Блесок бр. 43/За преведувањето

За преведувањето

Само збор за книжевната критика. Тоа ќе е доволно, а можеби и премногу.
За повеќе од дваесет години, колку што сум професионален книжевник, за моите книги се напишани неколку стотици осврти. Некои беа добри, некои беа лоши, а некои и самите за себе не знаеја какви се.
Но, кога ќе умрам и кога ќе застанам пред Господ и кога Тој не ќе знае дали да ме прати во рајот или во пеколот и кога ќе ми го постави одлучувачкото прашање: Што си научил од сите осврти за твоите книги, драг мој, јас ќе одговорам:
Боже мој, прости ми, од нив не научив ништо. Баш ништо. Ниту за некоја од моите книги, ниту за моето пишување воопшто, ниту, пак, за самата книжевност.
Без оглед дали Господ ќе ме прати во пеколот или на небото потоа: ова е чиста вистина. Моја вистина, ако не друго.
Толку за книжвната критика. Еден збор, можеби и веќе премногу.

*
Книжевниот превод е многу спротивен на критиката. Тој е корисен и креативен и освежувачки. Ти го отвора умот кон богати искуства. Тоа е возбудлива авантура за секој оној кој се грижи за јазикот. Во минатото, кога делата ми ги преведуваа, не бев многу загрижен. Верував, можеби и премногу, во можностите на професионалниот преведувач. Го земав здраво за готово.
Но сега, во прекрасниве денови во Ајова Сити, сфатив колку многу може да се научи од чинот на преведување кога авторот е вклучен во него – колку многу научив за моето пишување, за мојот јазик, за јазикот воопшто.
Следново може да се сфати и како признание и благодарност за Синди Опиц, Теган Рали и Јан Вајсмилер кои овде преведоа неколку извадоци од моите дела.
Во разговорите што ги водевме, ми се потврди уверувањето:
Секој збор е музеј. Богатство од убавини и ѓубриња на човештвото, од неговата мудрост и од прашината на вековите. Ние, поетите, сме музејските куратори – највисоката чест во нашата професија.
Дозволете да наведам само еден, неодамнешен пример:
Теган Рали преведе еден од моите први раскази, „Вториот лик на Менхетн“. Во расказот, двајца луѓе случајно се сретнуваат на една улица на Менхетн: млад професор од Германијс и постара жена од градот, во своите доцни шеесетти. За дваесет минути, таа му ја кажува својата лична приказна на странецот, особено за нејзиниот незадоволителен сексуален живот. Опишувајќи ја, ги претопив цртите на жената во ликот на Вуди Ален. И таа имаше траг на ќелавеење на главата, токму на оној дел кој во Германија го викаат Geheimratsecken.
Geheimratsecken – вкусете. Зарем тоа не е прекрасен збор? Аглите на Тајниот Советник, во буквален превод. Возбудливо! Но, што значи тоа воопшто, по ѓаволите?
Теган Рали и јас испивме безброј чаши топла јаболковина во една кафеана, додека се обидувавме да го решиме овој суштински проблем: паѓањето на косата од двата агли над челото – длабоко разочарувачка болест со која се проколнати само мажите, од Адама наваму. Geheimratsecken врз главата на старата Њу Јорчанка беше, нели, клучот на мојот расказ. А во англискиот речник имаше дупка.
Сета јаболковина не помогна. Дури не можев ни на Теган да му објаснам што е Geheimrat. Морав да отидам во Главната библиотека и да спроведам детално истражување.
Geheimrat (Таен Советник) е титулата на највисокиот службеник во дворецот, од времето на кралевите и принцовите. Корените му се од Европа во XVII век, кога била создадена државната администрација. Денес, би можеле да го наречеме Секретар. Од 1918, кога кралевите и принцовите излегоа од мода, Geheimrat во Германија веќе не постои. Но зборот Geheimratsecken е во употреба и ден-денес. Сите го знаат и не постои друг збор за него.
Зарем ова не е прекрасна составка на животот?
Во 1982, јас невино го ставив зборот Geheimratsecken во мојот расказ. Ми требаа дваесет години и требаше да дојдам во Ајова Сити за да разберам што се крие зад него…
После ова, потполно сум убеден:
На врвот на Кулата Вавилонска треба да се зборува само еден јазик. Јазикот на човечките суштества. Никој во семирот не го дели со нас овој единствен и скапоцен подарок. Но, просторот на Кулата Вавилонска, некаде во денешен Ирак, е многу тесен (и опасен, деновиве…). Затоа, секој од нас таму може да застане на само неколку мига, за да го чуе и да го употреби примарниот јазик на човекот. Потоа мора да им го отстапи местото на другите писатели од сиот свет, и да слезе.
Но, овие неколку мига на врвот секој ќе ги памети, и до крајот на животот ќе пишува и ќе кажува за она што го слушнал на врвот на Кулата Вавилонска.
Ви благодарам, Синди и Јан и Теган, и на сите преведувачи, насекаде низ светот.
Ви благодарам, пријатели и колеги.
Ти благодарам, Ајова Сити.

Текстот е прочитан на Интернационалната програма за пишување во Ајова Сити, октомври 2002 година.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторМихаил Зелер
2018-08-21T17:21:32+00:00 јули 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 43|