За Македонија

За Македонија

Апсолутното црнило на празното Ништо, пред создавањето на Космосот, е исполнето тука, на оваа слика, не со делото, не со резултатот, туку со концептот. Ете што in concreto, она што е креативната шифра на создавањето и што е, едновремено, кодексот и канонот, упатството и советот за опстанокот и развитокот на универзумот. Сè може да биде создадено од Тоа – но, само Тоа е аксиомот кој, за своето создавање нема ништо друго, освен себеси. Ако нашето тело, ако кое и да е тело е реализација на идејата вградена во душата на вселената, ова чудесна градба е реализација и соматизација на самата таа душа!
Слушнете го она што таа му го соопштува на светот! Што мислеле мудреците кога ја истакнувале тричленоста, тријадичноста на создавањето?! Што ако не дека сето она што Е, е составено од внатрешно двојство, од универзалниот интеграл – биномот! – и дека светот е раздвоен затоа што во спојувањето ја остварува својата највисока способност – творештвото во новото, перпетуирање на блескавиот Прв Револт против празното, црното Ништо. Емпедокле, уште еден од оние што ја имале среќата да бидат родени во близина на „Спојот на световите“, разбрал дека коренот на светот е во раздвојувањето на она што изворно било Едно. Само така, барајќи се, совладувајќи го безмерниот копнеж по оној Другиот, Космосот може да ги наведе своите креативни капацитети да создаваат нови и нови содржини на вредности и убавина. Што е Љубовта, се прашува Емпедокле, ако не силата со која се стремиме по Другиот и со која Другиот нè има нас за услов на сопственото постоење?!
Зар истиот тој величествен мудрец не го илустрира тоа со сопствената сандала – откога скокна во вулканот Етна, таа излезе на бранот на вжештената лава, токму на местото на коешто кажа Емпедокле дека пријателите треба да ја очекуваат!
Зар Хегел, не токлу привилегиран да биде на местото во кое е закажана и остварена средбата на световите – значи, роден далеку од Македонија – не беше сосема сигурен дека мудроста од тој предел е најдлабокото што им се открило на смртниците!?! Зар не сметал дека одгатката на вселенската енигма е – таму каде што е Македонија?! И зар неговата дијалектика е нешто друго, освен темелна филозофска анализа – еден ерудитски коментар на токму ова што е тука, на сликата пред нашите очи:
ПАФТАТА ОД МАКЕДОНИЈА!
Тука има три елементи. Секој достатен да опстане. Неповрзани, пак, сите три неспособни да создадат што и да е! Тајната на пафтаста е тајната на поврзувањето!
Околу секоја, тенок филигрански кован синџир: две раздвоености, поврзани со трета, средната резултанта. И во целина: на секоја основното тело ѝ е само сугестија на поврзувачкиот елемент за двете раздвоени, ненаметливо, но недвосмислено нагласени назнаки на крилјата. И на секоја, сред динамичкото тежиште, во самиот фокус на вкрстување на силите и масата на секој од трите делови, зар не е кругот – совршената хармониска партитура на вселената. И не свети ли, однатре, испакнатиот жар на Сончевиот оган?! А од самото средиште, зар повторно не се подвлекува истата ука: три синџири, завршен со три нови круга?! А сите споени во заедничкото средиште – зар не се!?!
А централниот дел од „Македонската пафта“ – таа концептуална лулка на генезата, нели и тој е повторно, нагласена и зголемена, па сепак, сосема истата формула?! Основното тело сега, самата таа. Нејзините крилја, сега веќе сосема раширени, како што и мора да биде за летот што треба да трае, да продолжи во вечноста, зар не се оние две целини, левата и десната, во кои ја препознаваме и ја најдовме истата шифра. Сега, бездруго, таа основна маса е монументална,зашто треба да ги одржи дури и, супсумира и двете странични, преку неа обединети целини. И кругот во средината е поголем, од истата причина. И сонцето врежано во кругот, посилно е, потопло – зашто ги избира сјајот и топлината на двата со кои е поврзано. А синџирот, фрлен како ректорски, кралски знак, не е празна орнаментална параферналија, туку вистинска инсигнија на клучниот столб на светот. И тој синџир е трикратно исплетен а со него се надополнува оној што е врзан во центарот – за онаа „Catena Mundi!“ од која сè излегува и во која сите линии одново се сечат. И централниот е опточен со тројна бисерно филигранска тока што тече околу него, а на крајот од централните три синџира, пак се прицврстени трите совршени круга!
Оној што ќе ја разбере концепцијата на „Македонската пафта“, тој ќе ја разбере анатомијата на нашата Планета. Земјата ги создаде Островите само затоа што Македонија не е остров. Само затоа што Македонија покажува како Островите стануваат Континенти.

Од книгата „Македонија – копчата на светот“, „Табернакул“, 1994

АвторФерид Мухиќ
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 01, Литература|