За името и за идентитетот

/, Литература, Блесок бр. 75/За името и за идентитетот

За името и за идентитетот

Интерпретирајќи ја драмата „Ромео и Јулија“, Ж. Дерида посочува на улогата на името без референт, поточно на неговото преживување и по смртта на неговиот носител, но спротивно сопствените тези за контингентност и времена стабилизација на значењето, Дерида го става акцентот на името како суштина, како есенција на поединечно суштество, неделиво од неговиот носител, а само патем посочува на можноста за одделување на субјектот од името на некој идентитет. Би можеле, всушност, да кажеме дека ниту Јулија, а уште помалку Ромео, не се сигурни каде припаѓаат, односно дека нивната трагедија е резултат на потрага по идентитет. Имено, сосема е очигледно дека и двајцата не успеваат да се сместат себеси меѓу различните стилови и примери на однесување. Во таа смисла, во право се оние кои велат дека идентитетот е етикета која значи бегство од несигурност. Најпосле, и кризата на идентитет е, во најголема мера поврзана со несигурноста која предизвикува збрка и загриженост. Иако најчесто се поврзува со дисфункционалноста на општествените институции во целост, кризата на идентитет има подлабоки корења во превирањата во самата култура, поради што доаѓа до промени во парадигмите и моделите на општествената комуникација и општественото однесување. Во своите текстови Д. Бел ја поврзува кризата на вредноста (и создавањето аномии) со брзите промени на моделите во културата, кои се проследени со многу поважната појава на дезинтеграциски фактори. Ми се чини дека оценката на Т. Розак, онаа за драматичните промени во современата цивилизација кои тој ги опишува како време во кое „приватното искуство за откривање и исполнување на персоналниот идентитет станало субверзивна политичка сила со големи размери“, би можеле, сосема слободно, да ја аплицираме и врз времето на Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“.
Значи, чинот на именувањето го содржи и односот помеѓу оној кој го дава името и оној кој се одѕива на него, но воедно со него се отвораат и релациите кон сродството, културата и историјата кои се, на извесен начин, проникнати во тоа име. Со тоа уште еднаш се потврдува дека во секој чин на именување е содржан етичкиот момент, па станува сосема јасно дека од името (поточно, од борбата за името – како во случајот со Македонија) произлегуваат и општествениот ангажман и етичката обврска. Сосема е јасно дека секоја промена на името секогаш е дел и од определена политичка акција! Но тие акции најчесто се конструкции на погледот на „Другиот“, негова проекција на тоа како нешто треба да изгледа и како би требало да се именува. Така, во секој акт на именување, и чинот на насилството станува иманентен!
Прашањата од типот „кој сум јас“, „кои сме ние“, „кој е другиот“, често се поставуваат. Во нив не треба да се гледа ништо невообичаено бидејќи поимот идентитет е темелно својство на човечкото постоење. Прашањето „кој сум јас“ неопходно го провоцира и одговорот на едно друго прашање „каде јас припаѓам“. Човекот не е сам во вселената, нити поединецот во групата, ниту општеството (какво и да е) не постои само за себе. Во секојдневниот живот, ние ги распрснуваме овие континууми на едно специфично „ние“ – на моето семејство, на мојата класа, на мојата заедница. Но, треба да се нагласи дека единката различно го дефинира тоа свое „јас“ имајќи ја предвид припадноста кон некоја етничка или граѓанска нација. Во првиот случај, етничката припадност се смета за фундаментална во самоопределбата на идентитетот – ја следи Хердеровата формула – па, единката ја доживува самоидентификацијата примарно како етничка идентификација – присвојувајќи си некои од атрибутите кои ѝ припаѓаат на нацијата (како „трудољубивост“, „чесност“), т.е. на нејзиниот национален карактер кој го „вовлекува“ во својата персонална структура – и секундарно, како колективен идентитет, кога проблемите се разгледуваат, пред сè, преку категоријата припадност, но и преку конституирањето на претставата за поимот „ние“, како израз на партикуларна (етничка) заедница. Со тоа се постигнува цврста врска помеѓу поимите „јас“ и „ние“, во еден специфичен, етнички контекст. Но, релацијата „јас“ и „ние“ може да биде конституирана и преку хомогенизирање на поимот „наше“ и исклучување на поимот „другост“. Во тој случај, „јас“ станува субординирано на „ние“, на една етничка група во која националниот авторитет ја презема улогата на примарен супер-его.

Белешки:
(1) Овде е, пред сè, интересно Статеновото читање на „Филозофски истражувања“! Имено, овој автор ги чита како деконструкција на традиционалното разбирање на знакот, при што реферира и на процесот именување, на релацијата меѓу името и именуваниот, како „чудна врска меѓу зборот и објектот“. Во далечната интерпретација на Витгенштајновата филозофија на јазикот, како и онаа на Дерида, Статен изведува заклучок за зборот како за „транзитна“, преодна есенција. Секој нов контекст со себе носи и сопствен аспект на значење, кое станува непредвидливо до неговото активирање во некој иден контекст.
За современите теоретски проучувања границите на идентитетот често се дефинираат со помош на концепти или системи од правила, а според Витгенштајн правилата не се друго туку „стандарди за споредба“. И стандардите и границите можат да се определат, но ниту правилата, ниту границите не мораат да бидат определени. Како што вели Х. Статен: „со оглед на тоа дека секоја општествена пракса продолжува преку различни лица, меѓусебно различни во смисла на примена на кое било правило, секоја форма на живот секогаш е пресечена со дивергентни линии на можна пракса: формата е преодна есенција, секогаш во процес на есенцијално варирање на себеси. Според ова гледање, формата на живот не познава самоидентичност, ниту пак има единствена форма, ниту ја имаат правилата, ниту пак ја имаме ние“ (1984, 134). Прашањето кое се отвора од наведената формулација, гласи: како да се разберат другите, како во такви околности да се живее со Другите? Слично прашање поставуваат и теоретичарите на „радикалната“ демократија (Е. Лаклу и Ш. Муф), кога врз основа на претпоставките на Л. Витгенштајн и Ж. Дерида (кои пак, се однесуваат на проблемот одговорност на политичкото дејствување), се обидуваат да воспостават нов концепт на мислење за демократијата кој суштински се разликува од оној, рационалистичкиот, а поместувањето се гледа во тоа што, освен залагањето за еднаквост, „радикалите“ се залагаат и за постоење на различност. На тој начин „радикалите“ го афирмираат постмодернистичкиот пристап кон идентитетот кој акцентот го става на самата дилема за избор на идентитет, т.е. како воопштена афирмација на плурализмот и хетерогеноста, на „политиката на разлики“ која пак, претставува удар врз догматскиот универзализам. И токму во еден таков амбиент, граѓанскиот (културно-политички) идентитет се доживува како заедница која не е заснована врз митот за заедничкото потекло на „крвта и почвата“, туку историски формирана преку државата и културата како „симболички универзум“ кој на единките им нуди општи рамки на ориентација во дадена политичка заедница. Во такви околности, единките не се во крвно сродство со нивната заедница, туку се нејзин дел бидејќи живеат и дејствуваат во неа, како граѓани кои добиле државјанство на таа политичка заедница и така стекнале „граѓанство“. За тоа нешто не е неопходна хомогенизација по етничка линија, бидејќи во националитет не се случува потполна идентификација меѓу „јас“ и „ние“, туку единките можат да припаѓаат истовремено и на својата етничка група и на пошироко сфатената (граѓанска) нација, оставајќи си простор за формирање и на други видови колективен идентитет. Бидејќи едно национално „ние“ не подразбира редукција на етничкиот/националниот идентитет (како едно од обележјата на некоја културно-политичка заедница), националната идентификација не станува ексклузивна (во смисла на вклучување/исклучување) и не генерира етнички/национални антагонизми.

2023-06-07T22:10:00+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 75|