За името и за идентитетот

/, Литература, Блесок бр. 75/За името и за идентитетот

За името и за идентитетот

Со предавањето „За името“ би сакал да предупредам на некои трауматични прашања (како името, идентитетот, идеологијата, родовата политика…) со кои моментално се соочува и македонската книжевност и теорија, како и македонската политика. Нема никакво сомневање дека сите тие прашања истовремено се и предмет на интерес на многу современи хуманистички дисциплини (антропологија, етика, теорија на политика, теорија на литература, деконструкција, теорија на говорни чинови, феминистичка теорија…). Проблемите врзани за идентитетот се појавуваат најчесто во времињата на криза: кога се доведени во прашање сите постоечки вредности и принципи, кога постоечките шеми на животот не даваат задоволителни одговори на предизвиците на времето, а ништо „ново“ со кое би се супституирало „старото“ не се нуди. Се работи за состојба во која поединци/општества се наоѓаат во некаков „празен простор“ на социјални норми, а сè заедно доведува до засилена несигурност и неизвесност. Во една таква „немирна состојба“ потрагата по идентитет се сведува на решавање на односите помеѓу поединецот и општеството во целост. Она што може да дејствува како своевиден парадокс е фактот дека излезот од овој „заканувачки“ однос многумина го гледаат во „неотрадиционализмот“, бидејќи искуството (преданието, митот…) ги учи дека само традиционалните модели на идентитетот можат да понудат сигурност во време на криза. Тоа значи дека „желбата за корените и етнификацијата на светот“ во такви ситуации се покажуваат како единствено можно и разумно решение.
Во тој контекст може да се набљудува националната идентификација која станува посебно важна во време на поголеми општествени промени во кои доаѓа до менување на традиционалниот модел на идентитет и до потребата за формирање нов (мислам дека по деведесеттите години „македонскиот случај“ претставува парадигматски пример) и во такви времиња многумина решението го гледаат во враќање кон традицијата. Во такви немирни времиња етничкиот/националниот идентитет станува особено важен бидејќи може да пружи стабилна (природна) и непроменлива јатка на припадност.
Во современите теории за идентитетот се зборува главно за поимите несталност и променливост. Се смета дека идентитетот претставува само времена стабилизација на значењето. Затоа, кога се зборува за него, треба да бидеме свесни дека не е можно да се зборува за постојан идентитет, туку само за негово „постоење“ кое поради многу причини е подложно на различни трансформации и промени. Идентитетот е променлива категорија и како таква зависи од политичко-историските промени бидејќи секој нов животен/политички контекст (1) може да бара поместување во поинаков – понекогаш дури и противречен – идентитет од оној претходниот. Според тоа идентитетот треба да се сфати како процес, идентитетот не е нешто што е дадено еднаш засекогаш, истиот се менува во текот на живот, се изградува, влегува во односи со други идентитети, а интеракцијата со нив неопходно произведува и определени промени кај идентитетот. Токму затоа и К. Тејлор можел да заклучи дека „мојот идентитет битно зависи од моите дијалектички односи со другите“ (1991, 48); и како таков претставува договор помеѓу припишани и прифатени атрибути.
Би можеле да кажеме дека идентитетот е, поправо, јазичен опис, перформативна конструкција формирана во и низ дискурсот, а неговото значење се менува со оглед на промената на категориите место, време, околности… Не треба да се заборави дека околностите во кои се формира идентитетот се многу различни, културно и историски специфични, така што нашите идентитети често се формираат под влијание на колонијализмот, расната и сексуалната потчинетост и националните судири – политичките случувања во деведесеттите години на минатиот век на просторите на екс-Југославија, на најлош можен начин ја потврдуваат точноста на ова горка констатација.
Понатаму, не само дека констелациите на идентитетските категории постојано се менуваат, туку се оформуваат и нови, сосема различни категории на идентитет па затоа би било соодветно кога субјектот би се набљудувал како пресек на меѓусебно здружени родови, сексуални, расни, класни, религиски и други културни идентификации.
Од досега реченово произлегува дека идентитетот не е фиксен предмет или непроменлива суштина на единката, туку перформативно-дискурзивна конструкција – истото, на пример, важи и за „родот“ – родот не е стабилна категорија, туку општествена творба која се конституира во рамките на дискурсот и јазикот. Во книгата „Нација. Текст. Идентитет – интерпретација на црнилата на македонската историја“ ја разработувам тезата на Рут Водак дека во дискурсот и преку него се формираат и националните идентитети. Имено, авторката ја истражувала дискурзивната конструкција на национален идентитет во различни општествено-јазични и дискурсивно-аналитички форми. Во тие нејзини истражувања се потпирала на различни теоретски концепти – концептот на „замислена заедница“ на Б. Андерсон, концептот на „хабитус“ на П. Бурдје, концептот на „дискурсот“ на М. Фуко. Концептот на дискурс таа го презема во смисла на општествена активност на создавање значења преку јазикот, имено дека дискурсот ги формира општествените активности на создавање јазик преку јазикот, поточно дека дискурсот ги формира општествените и политичките пракси, а истовремено е формиран од нив; „од една страна, ситуацискиот, институционалниот и општествениот контекст го формираат дискурсот и влијаат врз него, а од друга страна, дискурсот дејствува врз општествената и политичката реалност“ (2006, 112).
Но, доколку нестабилноста, променливоста, пластичноста темелно го определува поимот „идентитет“, тогаш логично се наметнува прашањето дали во сите периоди на нивното траење може на индивидуата/државата да се реферира со исто име. Со ова прашање ја отвораме релацијата помеѓу името и идентитетот!
И во ова предавање „За името и за идентитетот“ ќе го истражувам односот помеѓу името и идентитетот и тоа во смисла дека преку чинот на именувањето се изразува јазичен ангажман кој обезбедува лични, културни, родови, национални и други идентитети. Во самиот чин на именувањето е содржана врската помеѓу оној кој именува/именувачот и оној кој се именува/именуваниот, но исто така, се изразува и однос кон сродството, културата и историјата, при што во секој чин на именување се воведува и етичко-политичка релација (2). Исто така може да се каже дека чинот кој го создава субјект не е раѓањето, туку именувањето. А бидејќи чинот на именувањето е втемелен во определен контекст и во определено време, значи дека би можел да се материјализира и малку поинаку!

2023-06-07T22:10:00+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 75|