За Игор Исаковски

/, Литература, Блесок бр. 100/За Игор Исаковски

За Игор Исаковски

Безброј книги и воздишки за овој ебен свет и тринаесет …


Сакав, многу сакав да преведувам книги од германски на македонски и барав, долго барав издавач во Скопје со кој ќе можам да соработувам на едно поинакво професионално ниво од она што им беше вообичаено на тамошните издавачки куќи. Тоа беше во 2007-2008 година, кога наидов на Блесок, на Игор Исаковски – кого го познавав уште од времињата на Ван Гог и Нипон, но не го знаев лично. Го исконтактирав и уште на првиот пијалак во Џетро Тал со која ја заливме својата идна соработка имав чувство дека со нашата полетност и љубов кон книжевноста, со нашата глад за книги и литература, со идејата дека ќе правиме нешто големо, нешто значајно, ќе го разубавиме светот… Колку убав почеток на една плодна соработка што полека прераснува во пријателство, а потоа и во семејство.

И, навистина, како и во секое семејство и ние си имавме повремени конфликти и несогласувања за ова или она, имавме повремени бурни реакции на лутина, но и чувство на болка за можната загуба, кое, за среќа, водеше до искрен и разумен разговор, решавање на конфликтот и неизбежно зајакнување на постоечката меѓусебност.

И повторно и повторно човек има чувство дека сето тоа ќе трае и ќе трае, бидејќи ние сме млади, а светот е гладен за добри книги и добра мисла, за извесен квалитет на кажаното, замисленото, измисленото… дека некој ќе мора уште многу и уште долго да издава книжевна храна во оваа наша вкочанета и автоматизирана реалност и дека ти, и ние, ете, на светот ќе можеме да му подаруваме дел од убавината што сметаме дека ја заслужил…. надвор од медиокритетското, надвор од извештаченото и наметнатото, надвор од квази-интелектуалното и од масата која себеси се смета за подобра и која ја диктира таа ебена реалност… и која и бездруго не купува книги, не од нашите, но, ете, сепак, тие би биле присутни и би донеле некаква вредност во светот. Сакавме една поинаква убавина, па кој ја види ја види, кој не, не мора, ама дури и за тие малкумина сепак таа мора, мора, мора да постои…

Игор стана ненаситен, работеше небаре е тоа дишење, небаре ако престане да работи, веќе нема да може да земе воздух, а со тоа и светот и реалноста веќе нема да опстојуваат, зашто нема да им се вдахне убавината што им треба, небаре ако неговата работа сопре за момент, светот и сè во него ќе се задуши… Твореше и создаваше прекумерно… сè до последниот здив, кој настапи прерано.

Не сум суеверна, ама неоспорно е дека светот е преполн со некакви си знаци и сигнали кои не мора да значат нешто негативно, ако ние не им го придадеме тоа значење. Јас и Игор издадовме точно 13 книги во мој превод. За корицата на последната, тринаесеттата – Клеменс Ј. Зец “Љубовта за време на Детето од Малштет”- и двајцата бевме согласни дека фотографијата ќе одговара на насловот и содржината на книгата. Игор уште одамна спомна дека таа фотографија е дефинитивно за некоја корица — на неа јас ја прегрнувам статуата на момче од една гробница во Дрезден, а направена е на крајот на 1999 година, непосредно пред новиот век и новиот милениум….

Не сум суеверна, ама кога некаде почеток на октомври 2014 испратив свои текстови за берлинското списание Пролог и неговиот актуелен број 13 не очекував ништо особено, освен дека конечно ќе бидат објавени мои песни на германски – па макар и експериментални. Се случи многу повеќе од тоа: во тринаесеттото издание излегоа мои текстови, а на изложбата и промоцијата по повод Пролог број X3 имав изложено три свои уметнички дела, од кои едно посветено на Игор Исаковски.

Не сум суеверна, ама на 14.12.2014 седнав и започнав да изработувам еден колаж – една моја неизбежна наклоност кон визуелната уметност, за да се дистанцирам од текстот кој ми е секојдневна преокупација. По два дена сортирање и лепење слики, ноќта меѓу 15 и 16.12.2014 веќе беше залепена основата на колажот. Бев истоштена и отспав солидно, а кога станав, ја примив стравотната вест за разделбата со Игор… Одејќи наоколу низ станот и барајќи начин да останам присебна во оваа ебена реалност, констатирав дека залепената основа на колажот со која преку слики цитирам некои драги уметници и дела е самиот мотив на смртта. Колажот сам му се посвети на Игор, а јас за вкупно 13 дена, од 14.-27.12.2014 го изработив ова дело кое се нарече “Ванитас”.

Дали уште тринаесет месеци, тринаесет години или уште тринаесет векови, не знам, никој не знае, но сепак, јас со другите негови блиски луѓе ќе продолжам да го работам она што јас и Игор го планиравме за иднината на нашата соработка. Тоа се сигурно уште многу книги за овој ебен свет и оваа негова сурова реалност која вреска по убав збор и по убавини од секој вид; како и да е, ќе гледам притоа да не го загубам здивот прерано, а, којзнае, можеби сите тие книги, веќе создадени и во создавање, се и ќе бидат безвременски и наменети за некој друг поубав свет и за некоја друга заедничка реалност која и овде и некаде нè очекува.

2018-12-19T13:11:47+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 100|