Естетиката во постпандемиско време

/, Литература, Блесок бр. 136/Естетиката во постпандемиско време

Естетиката во постпандемиско време

Во симулацијата вирусот КАПС – кој тој го опишува како роднина на САРС, „но, на некој начин многу попренослив како грип или нешто посмртоносно“ – е претставен како отпорен на секоја постојна вакцина. Сценариото продолжува да се развива на следниов начин: Научниците бргу трагаат по вакцина, но во меѓувреме, граѓаните се бунтуваат.

„Тоа сценарио е исклучително реалистично“ – рече др. Ерик Тонер од Универзитетот Хопкинс – „Немаме вакцини против САРС, МЕРС или различните видови вируси на птичји грип кои се појавија во последната деценија. Тоа е така затоа што развојот на вакцините е бавен и комплициран ако не постои непосреден пазар за нив.“ – рече Ерик Тонер.

Во симулацијата, измислениот коронавирус резултира со смрт на 65 милиони луѓе за 18 месеци – со што ја надминува најсмртоносната пандемија во историјата, шпанскиот грип од 1918 година.

До денеска, 10 месеци по избивањето на пандемијата, имаме околу 60 милиони заразени и околу милион и пол починати.

Дозволете да се навратам на моето почетно прашање: Дали има профит во креирањето катастрофа? Кога нема профит во превенцијата на катастрофа? Овој пат – погледнете ги скорешните уметнички интервенции и перформанси.

Естетиката во пандемичниот свет нужно е етика на нов вид ангажман кој оди од „карантински дневник“ до уличен протест, а главната тема е како да се внесе зборот во медиумскиот простор на постпандемискиот свет и како да се води борба за слобода на говорот?

Се прашуваме: Што е она што ги вади луѓето од изолација да излезат на плоштадот? Дали сведочиме на крваво враќање на „старите“ теми за класната, расната и родовата борба?

Московското метро побара од полицијата да истражи инцидент што вклучува „пранкстери“ кои снимија „пранк“ (скриена камера) за тоа како реагираат патниците на болни Азијци и луѓе во заштитни одела.

Избивањето на коронавирусот поттикна бран „општествени експерименти“, како што руските блогери сакаат да ги нарекуваат нивните „пранк“ видеа. Пранкстерите, се разбира, предизвикаа контроверзии во јавната сфера: некои сметаа дека видеата се глупав начин да се користи една несреќна ситуација, додека други сметаа дека се забавни. Речиси никој не се досети да размисли дали во пранкот има порака; поттик за оние кои земаат сè здраво за готово конечно да почнат да размислуваат.

Предкорпоративната мрежа ја снема, а механизмите на субверзија се променија заедно со алтернативните стилови на култура, како и практиките на вклучување на публиката во пореметувањето на институционалниот и хегемонистичкиот поредок. Парадоксот е во фактот што перцепцијата на јавноста за (х)активистите сè уште во голема мерка зависи од наративите во вестите кои се конструирани од гласилата кои се во сопственост на големите медиумски корпорации. Има неколку стратегии кои се обидуваат да го минимизираат дејството на контрахегемонистичкиот дискурс кои се движат од повторно присвојување на изворно субверзивните идеи од страна на масовните медиуми до етикетирање на (х)активистите како вандали и терористи оти тие комуницираат со својата публика преку „инсценирано вознемирување“.

Сузбивачите на културата во времето на „пост-вистината“ (оние кои одолеале на финансиската примамливост на светот на виралниот маркетинг) се сметаат за претставници на „токсичната пранк култура“, но што е уште попоразително, тие повеќе не можат да сметаат на минимум граѓанска интелигенција неопходна за еден просечен граѓанин да ја разбере шегата. Најголемиот непријател на (х)активизмот не е фактот што интернетот повеќе не е слободен како што беше; тоа повеќе го гледаме во оние „измами за позитивно чувствување“ поврзани со концептот на Инфо-забава што го промовираат мејнстрим медиумите, но и од субвенционираните од владата телевизии.

Директната демократија, самоорганизацијата, културните „контра-проекти“ во постиндустрискиот свет, влијанието на контра-јавната сфера врз практикувањето на демократијата – сето тоа се некои индикатори за промената. Од друга страна, имаме различна симптоматологија: неполитички форми на вмрежување кои резултираат со безбројни групи концентрирани само и исклучиво на прашања од нивен примарен интерес.

Парадоксално, концептот на унитарен Свет, станува илузорен со поголемиот онлајн пристап до информациите. Нашиот свет – како што вели Липман – ни бега од дофат, подалеку од очите и подалеку од умот.

Се вели дека трипати повторена лага станува вистина. Тогаш како е можно илјадапати повторена Непријатна Вистина, по некое чудо, никогаш да не биде прифатена во вакво општество како нашево?

Сибила Петлевски
Загреб, 27 ноември 2020

 

Превод од англиски: Анета Пауновска

АвторСибила Петлевски
2021-04-03T19:11:29+00:00 март 31st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 136|