Есеј за манипулацијата

/, Литература, Блесок бр. 76/Есеј за манипулацијата

Есеј за манипулацијата

Имено, на 30 октомври 1938 година тогаш 23-годишниот Велс успеал целата Америка буквално да ја извади од памет. Зошто? Не само заради веќе спомнатиот медиумски наивизам на тогашните Американци, туку (најмногу) затоа што неговата радио-адаптација на Војната на световите била втемелена врз најрадикалната можна комбинација на фикцијата и фактицитетот (секогаш добитна комбинација!), која не можела да не успее. Згора на тоа, оваа адаптацијата умеела и добро да го дозира, ама и вешто да го индуцира најсилниот од сите драматуршки ефекти – ефектот на изневереното очекување. Згромени од ваквата микстура на агресивната авторска инвенција, хируршки прецизните занаетчиски постапки преку кои таа се операционализирала, силниот медиумски притисок и апсолутно „неиздржливиот“ ефект на колективната психоза каков дотогаш не почувствувале, сиромашките Американци поверувале дека им нема спас. Тие, просто, не можеле да се посомневаат во она што радиото им го „кажувало“: дека Марсовците штотуку ги нападнале. И дека е сосема јасно оти векот завршува.
Финалниот резултат на манипулацијата со фактите, за која Велс тогаш се решил не само дрско но и авторски неодоливо (да не речам генијално), не можел да биде поинаков отколку што бил: вистинит, реален, такаречи опиплив. Според ефектот што го предизвикал – паничен. Паничен до бесвест!
Паниката што се кренала уште во текот на емитувањето на радио-адаптацијата била масовна. И жестока. Веста за нејзината големина молскавично се раширила низ светот. И се прераскажувала долго, неспоредливо подолго отколку што самиот Велс, тогаш млад и надежен гениј, можел да сонува.
Колкава станала нејзината моќ – или нејзината, фама, сеедно – покажува и необичниот настан што се случил неколку месеци подоцна. Кога еден од највештите манипулатори во историјата на медиумите и на масовната комуникација воопшто, дијаболичниот германски/нацистички министер за пропаганда Јозеф Гебелс (1897-1945), не без зависливост заради нејзината планетарна медиумска слава, решил малкунѕа да искористи и од нејзината блескава аура. Се осмелувам да претпоставам оти имено тој, Гебелс, бил фактотум кој решил да го посоветува оној свој антипатичен Шеф во еден од неговите хипертеатрални јавни настапи (кои редовно ги хипнотизирале германските маси, за потоа Шефот и компанијата непречено да манипулираат со масовната хистерија што на тој начин бидувала активирана) „попатно“ да го спомне и американскиот „случај“ со Велсовата инвазија на Марсовците. Се разбира, и Гебелс и неговиот антипатичен и хистеричен Шеф безочно ја злоупотребиле целата приказна, пренесувајќи им ја на германските граѓани како сказна за есхатолошки страв што кај Американците го предизвикуваат – кој ако не – токму Германците. Најголемите меѓу сите народи. Надлуѓе, чие што тевтонско потекло, всушност, не може да е од овој свет. Туку е, можеби, токму марсовско.
Ќе ве потсетам дека токму на оваа тема – дијаболична а мошне реална/вистинска тема на манипулацијата со манипулаторите – самиот Орсон Велс, нешто подоцна, го снимил и својот најважен филм „Граѓанинот Кејн“ (1941). Водечките светски филмолози и филмски критичари честопати токму него го атрибуираат како најважен филм во историјата на светската кинематографија.

* * *

Додека го пишувам овој текст, умот постојано ми забегува накај бизарната етимолошка манипулација која му е иманентна на поимот со кој се занимавам.
Имено, коренскиот морфем на зборот манипулација директно нè насочува кон нешто што би требало да се прави со рака. Дури и на самата рака (лат. = manus), несомнено најважниот алат кој ни е „природен“ или од природата даден/подарен. За тој круцијален наш алат пусти страници и страници блескава есеистика изнапишале и Фосијон (во „Пофалба на раката“), и Крлежа (во „Предговорот кон Подравските мотиви“, на пример), и Ранко Маринковиќ (во антологиските раскази здружени под заедничкиот наслов „Раце“)… Ама и толкумина други писатели од формат и од калибар. Оние што моите студенти милуваат да ги квалификуваат како капиталци.
Да, ама манипулациите за кои пишувам во овој текст сепак не се прават со раце. Ниту е самата рака таа што нив ги иницира или ги покренува. Нив, најверојатно, ги индуцираат и ги постваруваат некои потскриени и ситни жлездички, забаталени некаде во најдалечните длабочини од нашиот таинствен физикус. Оние ендокрини точки од нашата анатомија, кои – можеби – управуваат со нашето несвесно битие. Вклучително и она кое Фројд и Јунг го именуваат како колективно несвесно.
Во прашање ли е хипофизата? Или, можеби, гуштерестиот панкреас, за кој Крлежа онака пеколно есеизира во својот расказ Штурец под водопадот?

Скопје/Пула, октомври 2009

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 76|