Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

/, Литература, Блесок бр. 118/Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

Ерос/Танатос – Фрида/Славенка


Откако Фрида ќе го напушти еднаш својот Адам, му се враќа како втората Адамова жена – Ева. Љубовта е една емоција на душата предизивикана од движењето на духовите, која ја потикнува душата доброволно да се соедини со објектите што ѝ се чинат добри за неа (Декарт, 2004: 68). Такво соединување се случи кога првпат се сретнаа Диего и Фрида. Диего е најголемата причина за тој помеѓу простор во кој се наоѓаше Фрида. Помеѓу, е зона на сигурност, но несигурност во својот идентитет. Трите жени, Лилит, Ева и Фрида ги поврзува болката и интензитетот на болката. Лилит канибалистички ги јадеше своите деца. Ева, поради љубопитноста направи грев. Фрида, поради самотијата и големата љубов. Но таа болка ги направи свесни за себеси, од болката почнаа да се чувствуваат и да се спознаваат. Лилит, стана свесна за својот идентиет и свесна дека болката е неразделива супстанца од животот, затоа почна да си ги јаде децата. Ева, стана свесна за срамот и почна да го покрива телото со листови. Фрида, стана свесна за својата моќ на медиум и почна преку слики да ја пренесува болката. Рајот е преполнет со убавина и хармонија, кој не им дозволува да се спознаат себеси. Затоа, трите ќе го напуштат и преку болката ќе спознаваат. Помеѓу, претставува една оптегната ортома, над две јами, по која Фрида се движи и секое свртување и непромислен чекор ја носеа во една од јамите. Првата беше триаголникот во кој се најде со Диего и Кристина. Втората, со Троцки и Наталија.

Во првиот брак ќе се препушти на сладострастието, како што стори и Лилит кога беше протерана од рајот (кој за неа и не беше рај), докажувајќи ја својата неинфериорност. А во вториот брак, ќе биде послушна и тивка сопруга што ќе ѝ овозможи да ја постигне својата цел. Ќе ја придобие неговата љубов само за себе, покрај сите негови жени – само таа ќе му биде љубов.
Темата за канибализмот е исто така доста присутна. Причината поради која го споменувам канибализмот е поради присуството на Лилит, а ако е таа првата жена – од неа почнува канибализмот. Тој метафорички канибализам е присутен и во сликите и животот на Фрида. Ако Лилит ги јадеше своите деца, Фрида ја јадеа нејзините деца кои останаа внатре во неа, кои не успеа да ги роди. Мислата за детето во нејзината утроба, ја јадеше. На почетокот срцето, душата и дел по дел ја осакати. Тие нејзини демонски (фетуси) деца колку што се хранеа од неа, се хранеа и од нејзината болка. А таа ги роди на слики, за да можат и однадвор, видливо да ја јадат, за да забележат луѓето дека ги има, дека не е сама. И речиси да ја изедат до крај, Диего ги избрка и ѝ стана единствен послушен син, обидувајќи се да ги залечи раните од непослушните деца, кои не сакаа да се родат.

Врската со Троцки, ќе биде на некој начин пресудна за напуштањето на комфорната зона, односно напуштање на тој простор помеѓу Лилит и Ева. Од Наталија, покорната и покрај Троцки невидлива жена, ќе научи како со трпение и разбирање да ја одржува љубовта. Во триаголникот Троцки – Фрида – Наталија, таа доживува трансформација на ликот, под влијание на Наталија, со која ја поврзуваат многу работи, како најглавна – губењето на децата. Претходно се најде во љубовен триаголник, Диего – Кристина – Фрида, во кој Кристина го проба забранетото јаболко. И Фрида поради бесот предизвикан од нејзиното прогонување, наместо своите деца, се јадеше себеси, одвнатре, со големи но речиси незабележливи загризувања на нејзината душа, кои понекогаш само се забележеуваа на нејзиното лице. Во овој триаголник, со Троцки и Наталија реши да се храни само од мајчинската љубов, која ќе биде насочена кон Диего. Нејзинато прво напуштање на просторот помеѓу, беше токму во тој прв љубовен триаголник со Диего и Кристина, каде што премина во ликот на Лилит и болката ја ублжуваше со секс и прогонство и докажувајќи ја својата неинферорност, спиеше со најубавите жени. Второто напуштање на просторот помеѓу е токму во таа релација со Наталија и Троцки. Овде се доближува до ликот на Ева и нејзината болка ја задоволува со негување на грижа и трпение кон Диего.

АвторДијана Петрова
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T09:53:13+00:00 март 27th, 2018|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 118|