Душан Јовановиќ – Игра на судбината и на човечноста

/, Литература, Блесок бр. 55/Душан Јовановиќ – Игра на судбината и на човечноста

Душан Јовановиќ – Игра на судбината и на човечноста

#2 Безвредноста на содржината за Јовановиќ е ракавица која в лице ѝ се фрла на патетичната визија на иднината, а хуморот ѝ се спротивставува на стерилноста, на модерноста и на догмата. Стварноста се преплетува со театарот, конците на играта се замрсуваат, ликовите доживуваат пресврти, на авторот му е најважна побуната против рационализмот и нагласениот морализам на претходните генерации. Авторот мисли на сè што е околу него и многу пошироко, на свој начин си игра со театарот и користи долги наслови за текстовите и за претставите.
Подоцна, сè помалку го интересира формалната страна на театарот. Театарот за него станува возбудлив во неговиот човечки волумен: помалку како естетика, повеќе како игра на човечноста. За него театарот станува место за приказни во чиј центар се човечките судбини. Ги бара/истражува/реализира идеите, ликовите, телата и сето она што е човечко. Човечкиот материјал е негова неисцрпна ризница. Врз таа едноставна вистина го создава својот театар кој зборува само за човекот, како категоричен став кон фактот дека човечкиот материјал е единствената водилка на/во театарот и театарот за ништо друго не може да зборува освен за човекот. Ги напушта речиси апстрактните простори со непознати имиња и земји. Раскажува дејствија во конкретен контекст-локација-земја.
Тој пресврт, тоа свртување кон театар кој зборува за човекот во конкретно време и место, е и во содржината на книгата. Ослободувањето на Скопје се случува во 1943/44 во Скопје, говори за човечки судбини среде конкретна војна и град. Настаните во Карамазови во првиот дел се случуваат во Белград во 1948 и 1956 и зборуваат за човекот во времето и по Информбирото, а вториот дел е пак за човекот во бунтовната 1968 година. Воена тајна е напишана во 1983 година, како алегориска приказна или зоолингвистичка миракула за она што следува како игра и како судбина – за сеништата што се надвиснати и го најавуваат распадот на Југославија, а ликовите на сеништата се од животинско потекло. Во Ѕидот, езерото, напишана во 1989 година, дејствието се одвива четиринаесет години по настанот кој се случил на 8-ми март 1972 година, а местото на случувањето е дневната соба на една семејна куќа на Блед. Во Антигона, напишана во 1993 година, се судбините, луѓето и настаните од таа и претходната 1992 година при опсадата на Сараево, град на солзи и болка, кој авторот го споредува со опседнатата Теба, каде што живеела Антигона. Монодрамата Карајан Це, напишана во 1998 година, е комичен микс за глас и тело: Moderato / Scherzando ma non tropo / Adagio sostenuto, и со неа Јовановиќ исчекорува од сферата на јавните настани и влегува во малите лични судбини на своите јунаци кои низ убедлив хумор и чувствителност ги отсликува како депримирани луѓе од маргините на општеството. Егзибиционист е драма напишана во 2001 година, неа Јовановиќ ја потпишува со псевдонимот О. Ј. Травен (дури откако е изведена и потоа наградена се открива дека автор е Д. Јовановиќ), а повод за приказната е една вест од страниците на дневната црна хроника, за една необична врска помеѓу егзибиционист и социјална работничка во еден словенечки затвор.
Токму од таа конкретност – да се зборува за човекот и само човекот, е и изборот на драмите во книгата на/за Душан Јовановиќ на македонски јазик. Всушност, се работи за антологија/избор кој досега по бројот на објавените драми од Д. Јовановиќ во една книга е најголем; понатаму, дури тројца автори од различни агли го оценуваат тој огромен, разнороден и постојано атрактивен ракопис на Јовановиќ како драмски автор а потоа и како режисер, педагог, есеист, како човек кој постојано провоцира и постојано дише до полни гради, полемичар и циник кој се фаќа во костец со разни аномалии во светот во кој гледа, бележи и креира/создава со ширум отворени очи. Значи, живеел и живее со речиси непресушна енергија.
Од човечки материјал се и речиси сите драми на Јовановиќ, сите драматизации, голем дел од режиите, есеите, ТВ и радио продукцијата, начинот на кој ги учи/образува своите студенти. И сиот тој голем/огромен театарски опус, паралелно има најмалку три тека: писателски – режисерски – образовен.
Во таа паралелна и само негова долга и искрена театарска љубовна игра во која е сместена човековата судбина, писателот Душан Јовановиќ и режисерот Душан Јовановиќ се постојано во вителот на истата креативната страст. Играта и судбината течат паралелно. Се откриваат најтемните предели на човековиот свет кои, во принцип, не мора да му се достапни на здравиот разум. Тие водат кон човековата автономност и слобода.

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 55|