Доаѓање до свесност за јазикот

/, Литература, Блесок бр. 21/Доаѓање до свесност за јазикот

Доаѓање до свесност за јазикот

Предговор

Малколм Икс (Malcolm X, 1925-1965) бил еден од водачите на движењето за човечки права во САД. Неговата животна приказна е пример за тоа како личноста може да се издигне над ситуацијата во која се нашла и да направи многу полезни нешта со себе.
Од сиромашен сирак, станал криминалец, по што завршил во затвор. Во затворот се приклучил на организацијата Black Muslims, водена од Елајџа Мухамед (Elijah Muhammad) која се залагала за одвојување на црнците од белците. Благодарение на способностите кои самиот ги развил, по излегувањето од затвор се издигнал како еден најефективните проповедници на организацијата. Но, не за долго: ја напуштил кога увидел дека неговиот сакан водач е корумпиран.
Господинот Икс (името си го дал самиот, како симбол на незнаењето на неговиот народ за себе) на своја рака ја продолжил својата мисија. Основна цел му била да го врати достоинството на обесправениот и обесхрабрен црн човек („Не може ни да помислиме дека некој друг ќе нè прифати се додека не си станеме прифатливи самите на себеси.“), промовирајќи го правото на самоодбрана („Бидете мирољубиви, бидете пристојни, почитувајте го законот, почитувајте ги сите луѓе. Но, ако некој се обиде да ве повреди, сместете го в гроб.“). Американските медиуми го сатанизирале како милитантна верзија на гандиевски ориентираниот др. Мартин Лутер Кинг.
Во тој период настапила и клучната промена во личната еволуција на Малколм Икс: од расист („црн националист“) станал активист кој се залага за соработка меѓу сите луѓе. Кратко време пред смртта (атентат во Харлем, Њујорк) со помош на писателот Алекс Хејли (познат по книгата „Корени“) Малколм Икс напишал автобиографија, од која е изваден текстот што следи.

Филип Стојановски

Никогаш не сум бил неактивен. Секогаш сум се трудел да преземам нешто во врска со работите кои сум ги сметал за важни. Изгледа дека поради тоа, додека бев во затвор и не можев да правам нешто друго, почнав да им пишувам писма на луѓето од подземјето, како Семи Макрото, сопственикот на коцкарница Џон Хјуз, крадецот Џампстеди и неколку ситни дилери на дрога. На сите нив им пишував за Алах и Исламот како и за господинот Елајџа Мухамед. Бидејќи не знаев каде живеат, писмата ги адресирав до баровите и клубовите во Харлем или Роксбари каде ги имав запознаено.
#1 Не добив ниту еден одговор. Просечниот рекетар или криминалец не беше способен да напише обично писмо. Познавав криминалци кои изгледаа остроумно и елегантно, за кои би помислиле дека се инвеститори на берзата, но кои приватно би натерале некој друг да им го прочита писмото што го добиле. Дури и јас, кога би бил на нивно место, не би одговорил на некој кој би ми напишал лудости од типот „белиот човек е Ѓаволот“.
Гласините што струеја низ Харлем и Роксбари велеа дека или Детроит Ред (прекарот на Малком Икс во криминалните кругови) полудел, или дека прави некаква ујдурма за да ја размрда канцеларијата на управникот.
Во текот на мојот неколкугодишен престој во Затворска Колонија Нортфолк, никој од управата директно не ми ги спомена тие писма, иако нивното минување низ затворската цензура беше неминовно. Како и да е, сигурен сум дека се што пишував беше набљудувано и додавано во досиејата за црните затвореници поврзани со учењата на господинот Елајџа Мухамед кои ги има во секој државен или федерален затвор.
Во тоа време веќе бев на мислење дека вистинската причина за таквите постапки е тоа што белиот човек знаеше дека тој е ѓаволот.
Подоцна, им пишав дури и на градоначалникот на Бостон, гувернерот на Масачусетс и на (претседателот на САД) Хари С. Труман. Од никој од нив не добив одговор. Тие веројатно и не ги прочитале моите писма. Им пишував за тоа како општеството на белиот човек е одговорно за состојбите во кои се наоѓа црниот човек во оваа дивина наречена Северна Америка.
Моите писма беа причината поради која ненамерно почнав да се здобивам со еден вид на самоуко образование.
Станував премногу фрустриран поради својата неможност да го изразам она што сакав со писмата што ги пишував, особено во оние кои му ги испраќав на господинот Елајџа Мухамед. На улица, бев еден од најслаткоречивите криминалци и кога ќе кажев нешто, привлекував внимание. Но кога се обидов да пишувам на едноставен Англиски јазик не само што не бев слаткоречив, туку и не бев разбирлив. Како би звучело кога би пишувал на сленг, буквално како што зборував тогаш: ”Чуј, стари, да ти плеснам една финта за овој фраеров, Илајџа Мухамед…”
Многу од луѓето кои денеска ме слушаат во живо, или ме гледаат на телевизија, или оние кои читаат нешто што сум рекол ќе помислат дека имам повисоко образование од осмо одделение. Тој впечаток е резултат на моите затворски студии.
Со тоа навистина почнав во Затворот Чарлстаун, кога Бимби ме натера да почувствувам завист поради неговиот фонд на знаења. Бимби секогаш го преземаше водството во разговорите, а јас се обидував да имитирам во тоа. Но, во секоја книга што ќе ја земев имаше неколку реченици со зборови кои мене ми личеа на кинески. Скокајќи ги тие зборови, кога ќе ја прочитав книгата, таа ми остануваше делумно или потполно несфатена. Кога пристигнав во Затворската Колонија Нортфолк сè уште ги читав книгите на тој непродуктивен начин. Веројатно набргу потполно ќе се откажев од читањето, да не ја добиев мотивацијата што ја добив.
Увидов дека најдобрата работа што можам да ја направам е да земам речник и да научам што значат непознатите зборови. Ја имав таа среќа да се вразумам и да си го подобрам ракописот. Ракописот на почетокот ми беше беден, не можев да пишувам во права линија. Со цел да ги остварам овие две замисли, побарав речник, моливи и тетратки од училиштето на Затворската Колонија Нортфолк.
Поминав два дена несигурно прелистувајќи ги страниците на речникот. Немав претстава дека постојат толку многу зборови! Не знаев кои зборови требав да ги научам. Конечно, само колку да не седам попусто, почнав да ги препишувам страниците.
Со мојот бавен, внимателен, парталав ракопис, препишав во тетратката се што имаше на првата страница, вклучувајќи ги и интерпукциските знаци.
Мислам дека за тоа ми требаше цел еден ден. Потоа на глас, го препрочитував напишаното. Повторно и повторно, на глас, себеси си читав нешто напишано на својот ракопис.
Следното утро се разбудив мислејќи на тие зборови – многу горд – бидејќи сфаќав дека не само што сум напишал толку многу од еднаш, туку и дека сум напишал зборови за не знаев дека воопшто постојат. Покрај тоа, со мал напор можев да се сетам што значеа повеќето од зборовите. Зборовите на чие значење не се сеќавав повторно ги прегледав. Чудно е како во моментов, од првата страна на речникот во моите мисли скока зборот “аардварк”. Во речникот имаше слика на овој африкански цицач со долга опашка и долги уши, кој се закопува во земја и јаде термити на начин сличен на оној со кој мравојадот лови мравки – со тоа што дозволува да му се залепат на јазикот.
Бев толку фасциниран што продолжив и ја препишав следната страница на речникот. Истото искуство го доживеав кога ја учев и неа. Со секоја помината страница дознавав и за личности, места и историски настани. Речникот всушност е некој вид на минијатурна енциклопедија. Конечно пополнив цела тетратка со зборовите од речникот кои почнуваат на буквата А, па преминав на оние на Б. На тој начин го препишав целиот речник. Работата одеше многу побрзо бидејќи со вежбањето ми се поправи и брзината на пишување. Ми се чини дека во текот на мојот понатамошен престој во затворот, во моите тетратки и писма напишав околу милион зборови.
Како неизбежна последица на проширувањето на мојот фонд на зборови, можев за првпат да можам да ја земам било која книга и да разберам за што точно се работи во неа. Секој се разбира во читање може да го замисли новиот свет што ми се отвори. Да ви кажам нешто: од тогаш, па се додека не го напуштив затворот, во секој слободен миг читав, во библиотеката или на мојот кревет. Не можевте да ме тргнете од книгите ни со хебла. Времето толку ми беше исполнето со учењата на господинот Мухамед, мојата коресподенција, моите посетители… и моето читање книги, што месеци поминуваа да помислам дека сум затворен. Всушност, во текот на целиот мој живот, до тој момент се немав почувствувано толку вистински слободен.

Превод од англиски: Иван Стојановски

Наслов на оригиналот: Malcolm X: Coming to an Awareness of Language, објавен во антологијата Language Awareness (St. Martin’s Press, New York, 1978) уредена од Paul A. Eschholz, Alfred Rosa, Virginia Clark и Paul Escholz.

АвторМалком Икс
2018-08-21T17:21:55+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 21|