Деца на соништата

/, Литература, Блесок бр. 95/Деца на соништата

Деца на соништата

Децата многу сакаат да читаат приказни за постарите, кога тие биле деца; да ја прошират својата фантазија до концептот на нивниот прадедо, прабаба кои никогаш не ги виделе. Токму во овој дух, моите малечки пред некоја вечер дојдоа кај мене за да слушнат за нивната прабаба Филд, која живеела во голема куќа во Норфолк (стопати поголема од онаа во која живеат тие со мене, нивниот татко) каде што – барем како што општо се веруваше во тој дел од земјата – се случиле трагични инциденти за кои тие слушнале од баладите на Децата на шумата. Како што разбравме, целата оваа приказна за децата и нивниот суров чичко била издлабена врз дрвена подлога над каминот на големиот ѕид – целата приказна сè до Робин Редбрест, сè додека некој богат будала не ја тргнал за да си стави мермерна плоча по најнова мода, на која немало приказна. Овде Алис ме погледна исто како мајка ѝ, пренежно за да не ја искарам. Потоа продолжив да им раскажувам колку религиозна и добра била нивната прабаба Филд, колку сакана и почитувана од сите, иако не била господарка на оваа голема куќа, туку само раководела со неа (а, сепак, во некој поглед, може да се рече дека била и нејзина господарка), за што ја задолжил сопственикот, којшто, пак, сакал да живее во понова и помодерна куќа, купена некаде во близина; но таа живеела таму небаре е нејзина куќата, и притоа го одржувала угледот на големата куќа, што подоцна се распаднала и речиси се урнала, а сите стари украси биле земени и однесени во куќата на сопственикот, каде што биле поставени и изгледале многу чудно, исто како некој да ги зел старите гробови од Опатијата и да ги залепил во дневната соба на лејди К. Овде Џон се насмевна, како да сакаше да рече, „е, тоа навистина би било глупаво“. А потоа им раскажав како, кога умре, на нејзиниот погреб дојде цела редица сиромашни луѓе, но и некои благородници, од сите околни гратчиња, за да оддадат чест во нејзин спомен, зашто беше толку добра и религиозна жена; всушност, толку беше добра што сите псалми ги знаеше на памет, а и големи делови од Стариот и од Новиот Завет. На ова место од раскажувањето, малата Алис ги рашири рацете. Потоа им кажав колку нивната прабаба Филд беше висока, исправена, грациозна личност, и како во нејзината младост ја сметале за најдобрата танчарка – тој час десното стапало на малата Алис заигра инстинктивно, сè додека не ја запре мојот сериозен изглед – најдобрата танчарка, како што реков, во целата парохија, сè додека една сурова болест, што се вика рак, не дојде и не ја турна во кревет од болки; но никогаш не можеше да го скрши нејзиниот жив дух или да ја натера да падне со расположението, ами таа постојано беше весела, токму затоа што беше добра. Потоа раскажав како таа спиеше сама во осамена соба во големата осамена куќа; и како веруваше дека можеле да се видат привиденија од две дечиња на полноќ како се качуваат и слегуваат по големите скалила во близина на собата каде што спиеше, но додаде и дека „тие невини душички нема да ѝ наштетат“; а им раскажав и колку јас се плашев, иако во тие денови со мене спиеше и жената што ме чуваше, зашто јас не бев ни половина толку добар и религиозен колку што беше таа – а сепак, никогаш не ги видов дечињата. Притоа, Џон ги крена веѓите и се обиде да изгледа храбро. Потоа им кажав колку таа беше добра со сите нејзини внуци и како нè канеше на гости во големата куќа за време на празниците, каде што особено јас поминував многу часови сам, гледајќи во старата статуа на Дванаесетте кралеви, односно кралевите на Рим, сè додека старите мермерни глави не ми изгледаа како повторно да оживуваат или пак додека не ми се причинеше дека јас сум се претворил во мермерна статуа заедно со нив; им раскажував како никогаш не се уморив од трчање низ големата куќа, со огромните празни соби, со нивните изветвени ѕидови, стари таписерии и издлабени букови плочи, на кои позлатениот слој речиси им беше изваден – некогаш во широките старомодни градини, кои ги имав само за себе, освен ако понекогаш некој осамен градинар не се најдеше таму – и како праските висеа закачени на ѕидовите, а јас не ги земав зашто беа забрането овошје, освен ако, повремено – и поради тоа што уживав да си шетам и низ старите навидум меланхолични тисови дрва, или елки, и берејќи црвени плодови и шишарки со кои ништо не можеше да се прави освен што можеа да се гледаат – или лежејќи на свежата трева, со преубавите мириси насекаде околу мене – или сончајќи се во оранжеријата, додека не замислив дека и јас самиот зреам како плод заедно со портокалите и лимоните во пријатната топлина – или гледајќи ги црвеноперките што пливаа во рибникот, на крајот од градината, со по некоја голема мрачна штука што стоеше тивко во водата без да се помрдне, небаре му се потсмеваше на нивното весело и живо пливање – повремено не го доживеев задоволството да уживам повеќе во овие немирни звуци и движења околу себе отколку да ги пробав сите праски, портокали и слични мамки за деца. Тој миг Џон итро стави на чинијата неколку плодови кои, иако Алис не ги забележа, планираше да ги подели со неа, а сега и двајцата изгледаше како да се спремни да се откажат од нив како да не им се важни. Потоа, малку погласно, им кажав како, иако нивната прабаба Филд ги сакаше сите нејзини внуци, сепак може да се рече дека најмногу од сите го сакаше нивниот чичко Џон Л––, затоа што тој беше толку убав и палав младич што за нас другите беше како крал; и, место да се пика во некои осамени агли, како ние другите, се качуваше на најнемирниот коњ што можеше да го најде, и јаваше низ полињата цело утро и им се придружуваше на ловците кога беа на лов – а, сепак, ја сакаше и големата куќа и градините, но имаше премногу жив дух за да може секогаш да седи ограничен во дворот – а им раскажав и како чичко им израсна во човек кој беше исто толку храбар колку што беше убав, на восхит од сите, а особено на восхит од прабаба им Филд; и како ме носеше на грб кога ми беше повредена ногата – зашто беше доста постар од мене – и тоа многу километри кога не можев да одам од болка; – и како подоцна во животот и тој имаше проблеми со стапалото, а јас (за жал) не бев доволно толерантен со него кога се жалеше и кога имаше болки, како да не памтев колку внимателен тој беше со мене кога јас имав проблеми со моите стапала; и како, кога умре, иако не беше мртов ни еден час, мене ми се чинеше дека уште одамна умрел, такво е растојанието меѓу животот и смртта; и како најпрво се обидов храбро да ја доживеам неговата смрт, но подоцна ме опседнуваше постојано; и иако не плачев и не го земав тоа при срце како многумина други, и како што мислам дека тој ќе се однесуваше ако јас умрев, сепак ми недостигаше многу и дотогаш не знаев колку сум го сакал. Ми недостигаше и неговата љубезност и неговата лутина, и посакував повторно да е жив, да се карам со него (зашто некогаш се расправавме), и ми беше тешко без него, како што нему, на нивниот кутар чичко, сигурно му било кога докторот му ја отсече ногата. Овде, децата почнаа да плачат и ме погледнаа, замолувајќи ме и молејќи се да не продолжам да им раскажувам за нивниот чичко, туку да им кажам некои приказни за нивната убава, мртва мајка. Тогаш им раскажав како седум долги години, некогаш со надеж, некогаш со очај, но секогаш упорен, се обидував да ја освојам убавата Алис В––; и, колку што можат децата да разберат, им објаснував што за младите жени значи срамежливост и тешкотии и одбивања – кога одеднаш, штом се свртев кон Алис, душата на првата Алис ме погледна низ нејзините очи со таков впечаток на реалност што се посомневав која стои пред мене и чија е таа светла коса; и додека стоев и ја набљудував, двете деца постепено пребледуваа додека ги гледав, и почнаа да се повлекуваат додека ништо освен две тажни силуети не се забележуваа во далечината, во која, без ништо да се изговори, имав необичен впечаток како да ги слушам овие зборови: „Ние не сме од Алис, ниту од тебе, ниту сме воопшто деца. Децата на Алис го викаат Бартрум – тато. Ние не сме ништо; помалку од ништо, соништа сме. Ние сме само она што можело да биде и мора да чекаме на заморните брегови на Лета милиони години пред да почнеме да постоиме и пред да добиеме имиња“ – и во тој момент се разбудив и видов дека сум заспал седнат во мојот ергенски стол, со верниот Бриџет крај мене – но Џон Л. (или Џејмс Елија) засекогаш го снема.

Превод од англиски: Калина Малеска

АвторЧарлс Лем
2018-08-21T17:20:44+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 95|