Во тесните одаи на розовото гето

/, Литература, Блесок бр. 56/Во тесните одаи на розовото гето

Во тесните одаи на розовото гето

Некаде кон крајот на 2006 и почетокот на 2007 година, во нашата јавност се појави еден проблесок на дискусија за ова прашање, кој замре и пред воопшто да се развие во некаква дебата. Сè започна со едно интервју на Елизабета Шелева за хрватскиот портал Искон, во кое таа се надоврза на една изјава на Дубравка Угрешиќ дека постои книжевност со големо К, и, паралелно со неа, гетоизирана женска книжевност. „Во недостиг на стратегиски однос кон ваквите фундаментални прашања, во доминантно патријархалниот ментален склоп многу често се случува авторките да се споменуваат, но пристапот кон медиумите да не е така праволиниски ниту следен со такво внимание и соодветен одек како кога станува збор за машките писатели.“ вели Елизабета Шелева. Оваа теза срамежливо ја пренесоа културните рубрики на македонските дневни весници (истите оние кои совесно и неуморно нè известуваат за секој нов ред од новиот роман кој го пишува некој наш „голем, познат и признат“ писател (маж), на кои сè меѓународни фестивали се подготвува да учествува, и на кој нов јазик е преведено неговото последно големо дело). На истата тема, Време (бр. 947, 5 јануари 2007) заклучува и дека „неофицијално, во писателските кругови за зборува дека гето на жени литерати и професори постои на Филолошкиот факултет, за разлика, пак, од Друштвото на писатели на Македонија, каде што во најголем дел се мажи.“ И, би додала, по некоја жена која случајно се нашла таму, во улога на почесен маж.
Навраќајќи се кон привичното прашање, сакам да констатирам – розовото гето во македонската книжевност е факт. Жените кои пишуваат (проза) често остануваат незабележани – критиката, која и покрај сите свои трансформации, останува примарен промотор на книжевноста, малку се занимава со делата напишани од жени. Дури и тогаш кога тие жени ќе добијат некое од познатите признанија (Рациново признание, Стале Попов, роман на годината на Утрински весник), современиците им обрнуваат малку внимание. Некакво систематско следење и изучување на македонското женско писмо (овде сфатено во најтесна смисла, како книжевност напишана од жени) не вреди ни да се споменува. За авторките најчесто пишуваат други авторки или критичарки, и тоа спорадично, ретко и краткотрајно, а ги читаат малкумина. Дали причините за оваа состојба се вон доменот на книжевното творештво, т.е. дали лежат во „нашата православна ортодоксија… машка оска, во која живеат истовремено сите чукундедовци, прадедовци, дедовци, татковци и синови“, како што вели Горан Стефановски (Форум, 13 март 1999), па, „во таквиот свет нема ниту простор, ниту потреба од женски права, толеранција и демократија“ (ibid). Или пак причините се внатре, во самите дела на авторките, т.е. во она што Гилберт и Губар го нарекуваат „анксиозност (страв) од авторство“, или неможност за целосно креативно изразување на писателката, која заради комплексни и често едвај свесни стравови од авторитети (или класична автоцензура) не успева да напише дела кои по своите вредности и уметничка сила би биле еднакви на оние напишани од нејзините машки колеги.
Вклучувајќи се во кратката дискусија кога погоре ја споменав, една од нашите (ретки) етаблирани прозаистки Оливера Николова (1936) ќе рече „Има делумна вистина во тезата дека женската книжевност е некако запоставена. Но, главната причина за тоа лежи во жените. Нивната агилност не е секогаш на висина. Самите авторки се повлекуваат од теренот за борба. И, што е најважно, мислам дека очекуваат посебен однос, некој привилегиран однос, не поради тоа што се послаб пол, туку поради фактот што се преоптоварени со многубројни секојдневни обврски.“ Со сета должна почит кон Оливера Николова (за која верувам дека е еден од најдобрите современи македонски прозаисти), и кон нејзиното книжевно искуство, не мислам дека е сосема во право. Жените прозаисти заслужуваат исто толку посебен однос како што заслужува и секој друг автор кој заради една или друга причина го сместуваат во некоја група: посмодернисти, хаику-поети, урбана книжевност, итн. За многубројните секојдневни обврски дегутантно е и да се зборува, но ќе прокоментирам уште нешто за тоа дека подолу во истиот текст (Време бр. 947, 5 јануари 2007), Оливера Николова вели дека таа си ја тера својата работа во тишина и посветеност на тоа што го сака, а другото самото ќе си дојде. Но, факт е дека ако во текот на човечката историја жените само „си ја тераа својата работа“ и чекаа „другото самото да дојде“, ние сè уште ќе бевме без сопствени соби за пишување. Вака, од овој простор во кој твориме, штом го имаме, имаме право и да излеземе.
Генерациски блиска до Оливера Николова, но сосема различна по сфаќањата, во еден скорешен есеј, (Ghetto (Not) Fabulous, 28 мај, 2006), Ерика Јонг (1942) вели: „Феминизмот не ги измени длабоко всадените приоритети за тоа што, или кој, е важен. Гледам длабоко намалени очекувања кај младите писателки… не се обидуваат да дигнат врева бидејќи се плашат дека воопшто нема да ги објават… Мојата генерација очекуваше повеќе…“ Во овој есеј, таа предрасудите кон писателките ги лоцира во темите, т.е. во самата суштина на женското писмо: „Војната е важна, љубовта не е. Жените се осудени да бидат потценувани сè додека пишуваме за љубовта.“ Меѓутоа, понатаму додава и дека „стравот од читање може да биде суштината на проблемот. Во земјите каде што не читаат туку бараат вест… предрасудите кон писателките се потешки да се избришат.“ Така, доаѓам и до срцето на проблемот – македонското розово гето ќе стане составен дел од севкупната македонска книжевност на овој миг единствено доколку сфаќањето за тоа што претставува оваа втората се измени. Проблемот, многу поширок од границите на розовото гето, е недостатокот на свесно читање од една страна (па читателите се хипнотизирани од бомбастичните препораки на книжарите, и ги голтаат т.н. бестселери наместо самите да оформат свој книжевен вкус), и отсуството на критичката свест од друга страна (па критичарите кои најчесто се и писатели пишуваат пофалби кои тежат од накитени епитети за своите пријатели, а ги игнорираат сите други кои не ги познаваат). Токму со оваа килава практика треба да се справиме сите ние кои сакаме да излеземе од розовото гето наместо да продолжиме да живееме во блажена изолација во него.

2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 56|