Во тесните одаи на розовото гето

/, Литература, Блесок бр. 56/Во тесните одаи на розовото гето

Во тесните одаи на розовото гето

(или: Ние, нашите невидливи писателки)

Пред петнаесет години, на постдипломските студии по книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, влегов како и, претпоставувам, многумина околу мене: без идеја за тоа кон кој остров во бескрајното море на книжевноста (и сета критика и теорија поврзана со неа) сакам да одам, и, се разбира, без компас да ми помогне да го најдам тој мој остров. Од редовните студии носев некоја нејасна фасцинација со американската изгубената генерација: Хемингвеј и Фицџералд беа моите тогашни херои. „Толку многу е веќе напишано за изгубената генерација, земете нешто друго.“ рече мојата менторка. Така, сосема несвесно, како некоја резервна опција решив да пишувам за американските прозаистки, сигурна дека за нив, барем кај нас, не се пишувало скоро ништо.
Но тогаш кога мислев дека сум ја пронашла вистинската тема, во духот на компаративистиката која тивко завладеа со нашите постдипломски студии по книжевност, добив сугестија дека американските прозаистки треба да ги споредам со наши. Така, за првпат, на своја дваесет и три годишна возраст, јас, дипломираниот англист, почнав да ги читам македонските прозаистки, оние кои дотогаш ми беа непознати. Читањето повеќе личеше на потрага, оти прозаистките беа малку на број, а оние кои за нив кажале нешто уште помалку. По седум години трагање, пишување и препишување, густирање на добри книги и фрустрирање од лоши, се најдов како седам на одбраната пред комисија од три жени, додека во аудиториумот седеа уште две – Јадранка Владова и Гордана Михаилова Бошнакоска, македонските прозаистки кои ги одбрав за споредба со американските. Дури пред некоја година, по филтерот на времето што оттогаш измина, деридијански, го сфатив значењето на тој чин – без некоја намера или свест за своите постапки и дела, таа 2000 година јас му се придружив на македонското розово гето.
Розово гето е термин кој првично се однесувал на оној (ограничен) простор на живеење и дејствување на жените – спалната и кујната, на пример, се типични простории на розовото гето. Во овој тесен простор, одделен од дневната соба (т.е. од просторот на колективното живеење и интеракција во домот), жените можеле да раководат, да доминираат и сами да ги поставуваат условите на функционирање на секојдневниот живот. Подоцна, терминот розово гето почна да излегува од границите на домот, па во економијата и во развојните теории во осумдесеттите години на дваесеттиот век почна да се користи и за оној дел од економското производство поврзан со тн. женски професии. Така, воспитувачките, учителките и медицинските сестри станаа новите симболи на розовото гето. Во сферата на (така да го наречам) интелектуалното создавање – во уметноста и науката, розовото гето пред сè (барем така како што јас го сфаќам) се однесува на жените кои создаваат во таа област, вон традиционалните розови професии.
Принудена да читам сè повеќе за жените и од жените, и навлегувајќи по малку и во теоретските предлошки на книжевноста, некои прашања почнаа сами да ми наметнуваат. Феминистичките движења со своите залагања за подеднакви родови права, без сомнение, придонесоа жените да го најдат своето место и во сферата на мисловната креативност. Меѓутоа (како и во македонскиот случај) големото прашање е – дали феминизмот се избори за рамноправно место на жените-творци во „големата“ мисла на човештвото, или пак само им создаде ново розово гето. Со други зборови, дали жените се рамноправни сожители на дневните соби на творештвото, или пак остануваат затворени во своите кујни, мешајќи феминистички зачини во своите вообичаени манџи?
Во својот познат есеј Сопствена соба (1928), Вирџинија Вулф вели дека „жената мора да има пари и своја сопствена соба за да пишува проза“, и уште додава дека „интелектуалната слобода зависи од материјалните нешта.“ Со ова четиво, кое во феминистичките теории има задолжително место на еден буквар, таа ја дефинира основната причина за вековното отсуство на жените од книжевноста, или поконкретно, од прозата – економската нерамноправност меѓу мажите и жените. Но, само навидум, би рекла, бидејќи малку понатаму во истиот есеј, Вирџинија Вулф кажува дека „на полиците на кои стојат книгите на живите… има скоро исто толку книги напишани од жени колку и од мажи.“ Со други зборови, и во времето кога овој есеј е напишан, а уште повеќе сега, правната и фактичката еднаквост на жените со мажите (барем во овој западен и прозападен свет во кој живееме), скоро сосема да ги избришала економските ограничувања на женската креативност. Така и јас, како и сите мои современички, седам во својата соба и користејќи ги сите технички помагала кои ми ја олеснуваат работата, го пишувам овој текст. Економските права на сите ни донесоа нова слобода во однос на онаа од пред неколку века – меѓутоа, Вирџинија Вулф јасно вели дека „оваа слобода е само почеток – собата е ваша, но сè уште е празна…“
Кога се обидував за првпат во македонската проза да најдам кои сè авторки и на кој начин ги искористиле своите соби, во најстарата антологија на македонски раскази (Македонски раскази, 1972) што ја имав, најдов само една жена (Оливера Николова). Во Антологија на македонскиот постмодернистички расказ (1990), повторно имаше само една жена (Јадранка Владова). Но, затоа, во Тајна одаја: антологија на македонскиот расказ на XX век (2000), имаше дури шест авторки! Иако од една страна (хронолошки гледано) се чини дека за овие триесеттина година, од првата до последната антологија што ги споменувам, жените се распишале, постои и друга страна на приказната. Последнава антологија е единствената од трите за која изборот на раскази во направила жена (Катица Ќулавкова). Значи, погоре поставеното прашање за розовото гето останува отворено. Особено кога ќе се сетам дека за Кица Колбе и за Лидија Димковска како прозаисти пишувала Елизабета Шелева, дека само во еден македонски роман напишан од жена што го најдов имаше поговор, исто така напишан од друга жена (Заклученото тело на Лу), дека Оливера Ќорвезироска пишувала за Оливера Николова, а за Јадранка Владова и за Гордана Михаилова Бошнакоска сум пишувала јас. И така, веќе извесно време среќно си живееме во нашето македонско розово гето, за кое, се чини, многу малку од нашите машки современици воопшто се заинтересирале. Надоврзувајќи се на Вирџинија Вулф, можам да кажам дека ако влезете во која било наша книжарница денеска, за разлика од времето кога јас започнав да ги читам македонските писателки, ќе најдете скоро исто толку книги напишани од жени како и од мажи. Жените се присутни, постојано пишуваат од своите соби. Меѓутоа, иако на полиците стојат рамо до рамо со своите машки колеги, се чини дека се помалку видливи од нив.

2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 56|