Во дијалог со претходниците

/, Литература, Блесок бр. 63/Во дијалог со претходниците

Во дијалог со претходниците

Претходниве примери некако ја потврдуваат тезата на Елејн Шоуволтер, која вели дека „… жените, наспроти раширените митови за амазонските утопии, никогаш не живееле во различна замја од мажите, и никогаш не можат да израснат како литературни и едуцирани суштества без да прочитаат дела од мажи.“ Делата на машките претходници се оние на кои писателките најчесто се навраќаат, нивните книжевни татковци се оние на кои тие им оддаваат почит и оние кои ги пре-прочитуваат. Меѓутоа, една силна струја на американската феминистичка мисла со истражувачка страст се впушта во потрага по (малкуте) книжевни мајки, барајќи ги претходничките, прамајките на женското писмо не само во она што е „официјална книжевност“, туку и во сферата на она што е „приватно писмо“, како преписките и дневниците. Токму во духот на оваа струја е романот на Оливера Ќорвезироска „Заклученото тело на Лу“. Преку постмодернистички колаж од (лажни и вистински) цитати, (лажни и вистински) историско-документарни записи, фотографии и (писателски реконструкции на) делови од дневнички записи и преписка на својот главен лик, Оливера Ќорвезировска својот роман ѝ го посветува на една од своите книжевни и интелектуални претходнички, Лу Саломе.
Поставена наспроти познатите мажи на своето време со кои доаѓала во контакт, како Ниче, Фројд, Рилке, Лу Саломе во овој роман излегува од својата, заради полот историски наметната епизодна улога и станува главен лик не само во својот живот, туку и во филозофските и книжевните трактати и размислувања кои во романот се преплетуваат со фактите од нејзиниот живот. Токму во ваквите теоретски дискусии кои некако се надоврзуваат на начинот на живот кој Лу Саломе го одбрала се прекршуваат суштинските феминистички дефиниции за женското наспроти машкото писмо. Француската теоретичарка Елен Сиксо во својот познат есеј Смеењето на медузата (1975), сместувајќи го женското писмо во телесното, биолошкото, ги повикува жените да пишуваат: „Пишувајте! Пишувањето е за вас, вие сте за вас, вашето тело е ваше, земете го!… Јас пишувам [како] жена; жената мора да пишува [како] жена. А мажот [како] маж.“ Меѓутоа, токму ова, женското, телесното, е она што Лу Саломе го потиснува и го негира за (осветољубиво) да доминира пред себе и во светот на мажите: „Насочувајќи им ги телесните течности на своите соговорници кон умот, Лу всушност им се одмаздува на сите машки тела…“ А сепак, во тој свет, иако Лу пишува и под машки псевдоним, зашто неа „ѝ беше најважно да не биде жена“, нејзиното пишување се смета за лошо, а Ниче, кому „можеби малку му пречи“ ваквото недостатокот на писателски талент кај Лу, ѝ вели дека нејзиниот трактат нема никаков ритам. И сосема во согласност со повикот на Елен Сиксо до жените да бидат свои кога пишуваат, Оливера Ќорвезироска вели дека нејзината хероина „колку што е просечна во своите книжевни дела, толку е несфатливо добра и талентирана во приватната преписка.“ Оттаму и заклучокот кој можам да го изведам од овој роман: оттуѓувањето на жената автор од „женското“ во себе (со телото како негов центар и извор) со цел да освои признаено место во системот на своите претходници нема неминовно да доведе и до креативност. Напротив, креативноста на авторката вистински се манифестира само кога таа останува верна на исконската природа на својот писателски порив.
Последното дело кое сакам овде да го споменам повторно задира во креативноста на нашите претходнички, особено во она што Гилберт и Губар го нарекле „страв од креативност“ кај авторките. Романот „Куклите на Росица“ на Оливера Николова, за разлика од сите погоре споменати, ги бара (а донекаде и ги наоѓа) нашите прамајки во нашата сопствена, македонска историја. Токму во минатите, „темни векови“ кои „не се вклопуваат во западните струи“ Оливера Николова ја наоѓа Росица, нашата претходничка-раскажувач. Како што животот на Лу Саломе се испреплетува со животите на „големите мажи“ на Европа во девестнаесеттиот век, животот на Росица го допираат и го менуваат животите на „големите мажи“ на македонската историја – Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, Марко Цепенко, Григор Прличев. Зборувајќи за бурните времиња на расколи, заговори, разледби и недоразбирања, за Македонија, за Македонците, но и во Македонија и од Македонците, Оливера Николова симболично ја прикажува вистинската улога која жената ја имала, т.е. ја немала во нив, и решава Росица, нашата претходничка, раскажувачка, да биде – нема. Но, нејзината безгласност не ја спречува да биде хроничар на своето време, да биде креативна на еден поинаков начин, правејќи кукли според ликовите на луѓето со кои се среќава. Немоста (немоќта да се зборува) и куклите Росица ја сместуваат и во она што Лакан во нарекува „пред-едиповска фаза“ – кога јазикот не постои, кај субјектот не постои ни свеста за себе, и тој сè уште се наоѓа во раното детство. Така и Росица, иако на крајот на романот е зрела жена од триесет и седум година, сепак, наивно како и секое дете, греши во изборот на мажот кого го љуби, и несвесно, од интимна љубов (или потреба за љубов), го предава Гоце Делчев, а со него ги предава и своите национали идеали.
Со смртта на Росица на крајот на романот умира и нејзиното неродено дете, а нејзините кукли остануваат распрснати насекаде, ликови останати без своите приказни, парталчиња кои ќе исчезнат како што ги нагризува времето. Затоа, Росица во романот не е само симбол на нашата заборавена македонска раскажувачка. Таа има и една поширока димензија: онаа на македонскиот самозаборав, онака како што го дефинира Мисирков, кој вели дека Македонците го потиснуваат сопственото културно паметење за сметка на туѓите традиции и модели. Елејн Шоуволтер вели: „… жените, како и мажите, ги формира земјата што ја населуваат, нивниот национален јазик, историја, литературни канони, културни митологии, идеологии и идеали.“ За да бидеме покреативни, подобри, повеќе свои, мораме постојано да се присеќаваме на тоа кои сме биле, и кои биле оние пред нас. Или, како што би рекол Т.С. Елиот: „Традицијата… не може да се наследи, и ако ја сакате, морате да ја добиете со голем труд. Таа на прво место вклучува чувство за историја… а чувството за историја вклучува перцепција, не само за минатоста на минатото, туку и за неговата присутност.“

2018-08-21T17:21:09+00:00 декември 29th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 63|