Влијанието на онтологијата врз филозофијата на политиката во Античка Кина

/, Литература, Блесок бр. 29/Влијанието на онтологијата врз филозофијата на политиката во Античка Кина

Влијанието на онтологијата врз филозофијата на политиката во Античка Кина

Заклучок

На крајот ни преостанува да укажеме на сличностите и разликите кај овие три школи во однос на погоре разработуваната тема.
Според трите школи, државата, освен тоа што подлежи на етички норми, исто така се раководи според онтолошкиот принцип. Конфучијанизмот цврсто се држи за Книгата на промените каде разните појави во светот имаат своја улога и функција. Поради тоа, тие се наоѓаат во постојан однос една со друга. Од сите нив Небото се издвојува како врховен владетел и почеток на сè. Бидејќи постојат многу појави во светот, односите меѓу нив стануваат сложени. Сложеноста сама по себе не е лоша сè додека го следи Небото и неговите заповеди. Така, во државата, овие односи треба да се доведат во склад, што значи целосно владеење на Небото со државата.
Таоизмот, пак, се залага токму за спротивното од конфучијанизмот. Тао делува спонтано и поради тоа не се развиваат сложени односи меѓу стварите. Човекот треба да ја прифати оваа едноставност и да не навлегува во сложени односи со другите луѓе. Според тоа, во државата луѓето треба да се раководат според едноставноста што би значело дека Тао совршено се практикува.
Моизмот стои на гледиште дека Небото ги сака сите ствари подеднакво и со тоа сочинува единство со нив. Човекот, како производ на Небото, треба да ја прифати сеопфатната љубов од него. Тоа значи дека тој треба да ги сака сите луѓе подеднакво и да се чувствува како едно со целото човештво. Доколку ова се стори во државата тоа значи дека Небото успева да ја практикува сеопфатната љубов.
Трите филозофски школи се согласуваат дека совршен начин на владеење е монархијата. Владетелот мора да биде еден, како што изворот на светот е еден. За секоја од овие школи владетелот е лика и прилика на создавачот на светот. Преку владетелот, онтолошкиот принцип ја врши својата функција во областа на човештвото. Но, во овој сегмент кај трите школи постојат следниве разлики.
Прво, може да се говори за разлика меѓу конфучијанизмот и моизмот заедно наспроти таоизмот. Првите две сметаат дека владетелот го добива својот мандат од Небото и го нарекуваат Син на Небото. Со тоа владетелот е непосредно одговорен за своите постапки пред Небото. Владетелот, според таоизмот, не добива мандат од Тао. Тој е само човек кој ја достигнал врвната мудрост да ја знае функцијата на Тао. Знаејќи ја тој само постапува според неа, така што не се работи за тоа дека тој треба да сноси одговорност пред Тао. Тао не повикува на никаква одговорност, додека Небото кај конфучијанизмот и моизмот повикува.
Второ, постои разлика меѓу конфучијанизмот и таоизмот од една страна и моизмот од друга. Моизмот гледа на Небото на еден порелигиозен начин за разлика од конфучијанизмот, кај кој Небото претставува повеќе космички принцип (идеја која произлегува од Книгата на промените) и таоизмот кој исто така на Тао гледа како на космички принцип. Со тоа, според моизмот, владетелот треба безрезервно да му се покорува на Небото и да прима наредби од него. Владетелот е само посредник меѓу Небото и луѓето. Иако конфучијанизмот понекогаш оддава знаци на религиозност од типот на моизмот, сепак се разликува од него затоа што смета дека примањето наредби од Небото не е битен момент во владеењето. Владетелот ги сфатил законите и односите кои произлегуваат од Небото и со своето владеење се обидува да ги спроведе, исто како што и кај таоизмот владетелот ги сфатил истите кои произлегуваат од Тао и се обидува да ги спроведе во својата држава.
Трето, ни останува да кажеме нешто за разликата меѓу таоизмот и моизмот од една страна и конфучијанизмот од друга. Во своите етички учења конфучијанизмот и моизмот се големи соперници. Првиот тврди дека од близината на односите што ги имаме со луѓето зависи и нашата љубов спрема нив. На пример, најмногу ја сакам својата фамилија, па поблиските роднини, потоа поблиските пријатели, подалечните роднини итн. Меѓутоа, моизмот смета дека сите луѓе треба да се сакаат подеднакво без разлика колку ни се блиски. Овие гледишта како такви се пропишани од Небото. Може да се каже дека таоизмот тука стои на страната на моизмот затоа што Тао, создавајќи го светот, не прави разлики меѓу стварите и луѓето. Така конфучијанскиот владетел треба да развие односи од разновиден тип, додека таоистичкиот и моистичкиот се интересираат само за еден вид однос, подеднакво третирање на сите луѓе.
На почетокот дадовме оценка дека кинеската филозофија е повеќе насочена кон практичната филозофија отколку кон теоретската. Меѓутоа, како што можеме да видиме, практичната филозофија во Кина не може да се развива без поткрепата од теоретската филозофија. Со онтологијата започнува филозофијата во Кина (како што со онтологијата започнува и филозофијата во стара Грција), но таа претставува основа на понатамошните размислувања од областа на практичната филозофија.

АвторАлександар Стаматов
2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 29|