Библијата и Куранот

/, Литература, Блесок бр. 36/Библијата и Куранот

Библијата и Куранот

Народите од Книгата

Зошто, тогаш, Куранот ги признава Eвреите и христијаните како сродни народи од Книгата и, како такви, ги разликува од неверниците? Спротивно на општото мислење, Книгата за која станува збор не е Библијата, туку таа е божествен текст, напишан од Бога, а Куранот е единствената негова совршена копија. Според Куранот, Бог милозливо, од време на време, ја откривал содржината на таа книга преку зборовите на поранешните библиски пророци и пренесувачи, како и на некои мрачни лица што не се спомнати во Библијата. Но, во секој случај, оние што ги добиле неговите откровенија, особено Eвреите и христијаните, било свесно или ненамерно, го расипале оригиналниот текст или многу погрешно го интерпретирале. Според ова сфаќање, Куранот не е нова верзија на она што се содржи во Библијата, туку е она што Џејн Меколиф го нарекува откровение што ги коригира грешките на хебрејските и христијанските ракописи. Читателите на Библијата, во Куранот ќе најдат познати лица, како Аврам, Мојсеј, Давид, Јован Крстителот, Исус, дури и Девицата Марија, која се појавува почесто отколку во Новиот завет и е единствената жена чие име е споменато во Куранот. Но, нивните приказни радикално се разликуваат од оние во Библијата. Во Куранот сите претходни пророци се муслимани.
Аврам (Ибраим), на пример, е прикажан како првиот муслиман, затоа што одбрал да му се предаде на Алах, наместо да ја прифати религијата на својот татко, кој не е споменат во Библијата. Ја нема и куранската приказна за тоа како Аврам ја изградил Каба во Мека, најсветиот храм на исламот. Аврамовата важност во Куранот е централна – како што хебрејците своето потекло го бараат од Аврам преку Исак, синот што го имал со Сара, во Куранот арапската генеалогија, и пророчкото потекло на Мухамед, се барани преку Исмаил, синот што Аврам го имал со Хагар.
Куранскиот Мојсеј (Муса) личи на оној што му соодветствува во Библијата. Тој му се спротивставува на фараонот, прави чуда и во пустината се качува по планина за да ги прими божјите заповеди. Но, во Куранот не се споменуваат ритуалите при пасха, а меѓу заповедите е отсутна една од најзначајните за Eвреите, да се празнува сабат. Постојано се нагласува покорноста спрема родителите, но како и во куранската приказна за Аврам, се бара непочитување кога родителите се политеисти.
Како пророк отфрлен од сопствениот народ, куранскиот Исус (Иса) многу личи на Мухамед, кој најнапред бил отфрлен од народите во Мека. Тој ја проповеда божјата реч, прави чуда, го судат и, како новост, прорекува кој ќе му биде наследник, тоа е Мухамед. Но, Куранот, христијанското тврдење дека тој е божјиот син го отфрла како богохулно и не ја признава доктрината за светото тројство, како политеистичка. Распнувањето на крст е површно спомнато, но според Куранот, Исус, на некој таинствен начин, не умира. Наместо тоа, Алах го спасува носејќи го на небесата, од каде што ќе се спушти во последните дни и, како и сите пророци, ќе щ биде сведок на групата верници при судниот ден.
Што знаел Мухамед за Библијата и пророците во неа и од каде ги добил информациите е чисто теориска дебата. Во Куранот се вели дека Мухамед сретнал еден еврејски клан во Медина. Тој дури и ги терал своите следбеници да се поклонуват во правец кон Ерусалим додека се молеле, сè додека Евреите не одбиле да го признаат за пророк. Некои теоретичари тврдат дека Мухамед имал сватови кои биле христијани, а дека постењето и другите аскетски постапки ги научил посматрајќи ги пустинските монаси. Но, муслиманите ги отфрлиле сите теоретичарски напори содржината на Куранот да се поврзе со човечките влијанија врз Пророкот. Тие го почитуваат традиционалното верување дека Мухамед не знаел ни да чита, ни да пишува, како доказ дека Куранот е чисто откровение. За нив е доволно тоа што исламот е совршена религија, а Куранот е совршен текст.
Нивното верување не ја спречило муслиманската традиција да ги трансформира многуте нејасни делови на Куранот во моќни митови. Најзначајна е приказната што се развила од еден краток стих: „Слава му на оној што својот слуга го пренел од Светата џамија во подалечната џамија, чие место го благословивме, за да можеме да му ги покажеме некои од нашите знаци“ (17-та сура). Од ова муслиманите ја раскажале приказната за мистичното ноќно патување на Мухамед од Мека во Ерусалим, каде што му се обраќа на собирот од сите поранешни пророци од Адам до Исус. А друга, пак, верзија на оваа приказна ни говори за неговото подоцнежно успение од Ерусалим до тронот на Алах, каде што, патем, добива почести од страна на оние што ги наследил. За суфиските мистици, Мухамедовото успение е парадигматска приказна за летот на душата кон Бога. Сепак, за многу муслимански традиционалисти, патувањево е физичко. Како и да е, не може да се игнорира неговото геополитичко значење, затоа што местото од каде што почнало успението е третото светилиште на исламот – Кубето на карпата на Планината на храмот во Ерусалим.
Во тековните исламски политички конфликти со Западот, најголемиот проблем не е муслиманската света книга, туку начинот на кој таа се интерпретира. Муслиманите насекаде се обземени од хендикепирачката криза на авторитетот. Во Куранот е замислена единствена муслиманска заедница, ума, но последователната историја покажува дека муслиманите никогаш не ја решиле тензијата меѓу религиозниот авторитет и исламските влади. Кога исламот бил голема средновековна цивилизација, правниците според Куранот одлучувале како да ги употребат божјите зборови во променетите историски околности. Нивните фатви, мислења, ги решавале расправиите. Но, во денешните исламски држави, авторитативните религиски гласови не се нашироко почитувани. Како бескрупулозните фундаменталисти од која било религија, секој муслиман со некаков план се чувствува слободен да го цитира Куранот како своја поддршка. Осама бин Ладен е само најопасниот и најочигледниот пример.

Одгатнување на значењата

Сепак, и Куранот има умерени интерпретатори. По 11-ти септември храбрите гласови распрснати по Средниот Исток ги осудија терористичките постапки на убивање цивили, а самоубиствените бомбардирања ги просудуваа како спротивни на куранските учења. Враќајќи му се на текстот, други теоретичари во него пронајдоа стихови што покажуваат дека Алах имал некаква цел при создавањето различни народи и култури, па, според тоа, намерата му била светот да биде религиски плуралистичен. „Куранот,“ вели муслиманскиот филозоф Џават Саид од институтот Ал Азар во Каиро, „им дава поддршка и храброст на пренесувачите на реформи кои се соочуваат со тешки пречки“.
И Америка има јадро од имигранти и муслимански теоретичари од втората генерација, кои од прва рака ги искусиле придобивките на демократијата, слободниот говор и Уредбата за правата. Тие сметаат дека Куранот е отворен за интерпретации што можат да ги опфатат и идеалите на исламските земји. Исламот дури има и феминистки, како Азиза Ал Хибри од Правниот факултет во Ричмонд, кои ја поставуваат легалната основа за правата на жените преку внимателно преиспитување на Куранот и на неговите класични коментатори.
Токму тука Библијата и Куранот ќе ја најдат својата вистинска сродност. Како божествено откровение, секоја од овие книги кажува повеќе отколку што буквалното читање може на досегне. Да се каже дека Бог е еден, како што тврдат и Куранот и Библијата, тоа значи да се каже дека божјата мудрост е немерлива. Како што тврдел и Пророкот, Господ се открива преку знаци чие значење треба да се одгатне. Тука, се чини, лежат ветувачките семиња на религиозното помирување. Понизноста, а не дрскоста, е универзалниот став на секој што ќе се осмели да се обиде да го долови божјиот ум и на секој што сака да дејствува според божјата волја.

Превод од англиски: Василка Пемова

АвторКенет Вудворд
2018-08-21T17:21:37+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 36|