Балканот е на некое друго место

/, Литература, Блесок бр. 40/Балканот е на некое друго место

Балканот е на некое друго место

Неодамна неколкумина мои пријатели од поранешна Југославија основаа бенд и сега доста успешно свират ‘музика на Циганите од Балканот’ низ париските локали и клубови. Не треба ни да се спомене дека никој од нив не е вистински Ром, дека не разбираат ниту збор на ромски јазик, дека музиката што ја свират е главно босанска, македонска и српска, со некои придодадени цигански хитови кои ги чинат легитимни името и успешната реклама како изворно ‘циганскѝ. Ми се насмеаја в лице неговите членови кога им приговорив за неавтентичност и ми препорачаа да ги оставам таквите ситници. Впрочем, како што велат, кој овде знае што ние навистина свириме, никој не забележува кога ги менуваме јазиците и, ако луѓето повеќе сакаат да веруваат дека слушаат изворни цигански песни од Балканот, а се работи, всушност, за босански севдалинки, кој има право да им го наруши задоволството со некакви вистини и факти?! Да се толкува, сега, чија музика е таа, кој од кого позајмил, кој кому влијаел, и кој е овде всушност балкански Циган, after all, на моите пријатели им се чини дека е обично губење време а тоа е, како што заклучуваат, и прашање без дефинитивен одговор. Овде сите ние сме Балканци, драг мој, а ако притоа треба да бидеме и Цигани, западната фантазија работи како луда и сето тоа во обострана полза. Впрочем, зарем не виде колку луѓе доаѓаат на нашите концерти?! Или очилата ти се замаглиле среде турканицата околу бината, некој, можеби, ти стапнал на чевелот или ти збрцал лакт в ребро, па сега ни ситничариш и ни морализираш?!
Да, да, ми дадоа убава лекција, мора да признаам. Но, не се откажував од тврдењето дека консументите не може долго време да се залажуваат со балканските измислици и подметнувања. Така, решив на нивниот концерт да ја повикам Жилиет, доволно интелигентна и шармантна француска пријателка, за да го потврдам својот став и да им докажам на моите пријатели дека западната наивност, сепак, има свои граници. Така, една вечер се втурнавме на концерт на тие ‘балкански Циганѝ и се сместивме на шанкот, подалеку од самата бина, каде што бучавата не беше толку силна за да ги надгласи моите подготвени едукативни коментари и каде што непречено можевме да го следиме развојот на ситуацијата. Секако, дидактички ѝ допуштив на девојката да заземе сопствен став кон спектаклот кој штотуку почнуваше пред нејзините очи. Меѓутоа, спротивно на мојата цврста вера во наследството од француското просветителство, веднаш по воведната песна, Жилиет не можеше да најде зборови да го пофали мојот избор за вечерашното излегување. Така падна уште во првата замка, но великодушно ѝ пружив уште една шанса. Бендот отсвири некоја популарна песна од Горан Бреговиќ, а таа воскликна дека ја обожава циганската музика особено ако доаѓа од Балканот и дека овие момци навистина си ја знаат работата. Од каде се овие Цигани? Од Романија? Од Бугарија?, праша. Главно од Босна и некои околни републики, ѝ одговорив зајадливо. Сјајно!, заклучи таа. После тоа, сепак, решив да интервенирам и да се обидам да ја изведам на вистинскиот пат. Ѝ реков да ги погледне двајцата русокоси момци на гитарата и зад микрофонот, па сама да изведе заклучок. Ги погледна и ми рече ‘Еј! Белолики Цигани од Балкан! Па тоа е генијално!’ Во својот бес ѝ објаснував дека тие воопшто не се Роми, дека го украле циганското име на бендот, дека свират музика од сите краеви на Балканот и дека им го продаваат на Французите она што Французите сакаат да го чујат при здрави уши и очи. Тоа е измама!, извикав, на што Жилиет, во забележливо полошо расположение, прекорувачки ми рече:
– Па тоа и не е така страшно. Зошто се возбудуваш? Како да е навистина важно дали музиката е македонска, бугарска или грчка? Тоа е толку комплицирано кај вас на Балканот, што воопшто не сакам да се впуштам во решавање на прашањето кој што прв направил, кој од кого го позајмил ова или она, и кој кому што му украл на Балканот? Впрочем, зарем не мислиш дека претеруваш?! И на крајот, што сакаш со тоа да докажеш? Измама?! Ама немој!
Нејзиното прашање беше на место. За момент застанав, не знаејќи како да продолжам понатаму. Навистина, што сакам да докажам? Па можеби само тоа, почнав пелтечејќи, дека, дека… дека е важно да знаеме што слушаме, ете. Важно е, како не е важно, драга моја, чија музика е оваа. Еве, јас морам да напишам статија за врвен книжевен фестивал и тоа на тема, што е она што го сакам во својата култура а е позајмено од некоја од другите балкански култури. А како, кажи ми сега, да го напишам тоа, ако не знам што е чие, кој е кој, што би било тоа ‘мое’ а што ‘нивно’. Се вртам во круг, лошо спијам веќе со денови, доцнам со текстот, и тогаш гледам како овие неранимајковци сè живо испокрале и сето тоа го натрупале во ист кош со натпис ‘Цигани од Балканот’, па на крајот уште и бесрамно се обидуваат да го продадат тоа подметнување, а клиентите плаќаат со насмевка на лицето. Сè што сакам да кажам – продолжив посмирено, гледајќи дека мојата порака се губи некаде меѓу нас двајцата измешана со апокалиптичките стихови –
Nema više sunca, nema više meseca…
Nema tebe, nema mene
Ničeg više nema, jooooj…

– конечно, е дека Балканот станува навистина Балкан дури кога сме надвор од Балканот. Тоа е работа на перспективата. За сета таа сложеност доволно е да се рече дека Балканот и нештата изгледаат веќе поедноставно, па дури и попривлечно, турнати под тој егзотичен чадор, кој токму сега и ти го носиш драга, и кој е можен единствено тогаш кога ќе пречекориш вон Балканот. Зашто таму долу, очигледно, Балканот не може никаде да се најде. Прашај ги сите тие Словенци, Хрвати, Босанци, Срби, Македонци, Црногорци, Бугари, Романци, Грци, Албанци и Турци, колку веќе ги има, и секој од нив со прст ќе ти покаже на другиот. Балкан, тоа се другите! Сартровата поука тука најде одлично тло, мила. Балканот, така, не е сместен на Балканот, тој напросто се наоѓа на некое друго место. Можеби токму овде во Париз. Долу на Балканот само уште оние, малцинските народи, кои се вплетоа во балканската историја без право на глас, остануваат Балканци. Да, токму Ромите, Власите, Цинцарите или Сефардите не можеа да го префрлат Балканот преку своите ѕидини во туѓиот двор, туку напросто го живееја по сите негови делови, не прашувајќи се за припадноста или неприпадноста на полуостровот. Дури, понекогаш, ми се чини дека Балканот и би се распаднал кога би исчезнале врските што тие ги исплеле во неговата внатрешност, меѓу неговите народи и натаму кон светот. Тоа се тие конци што го држат Балканот кон евроазискиот континент. Инаку, тоа одамна ќе беше остров, кој, можеби, понатаму би се поделил на мноштво помали острови, чинејќи така еден чуден архипелаг. Тоа, ако баш сакаш, и е вистинската слика на Балканот, таа растрошеност на архипелагот со заведлива и страшна цивилизација, која се вкотвила во имагинацијата на другите. Многу од нејзините жители денес во сè поголем број пристигнуваат на бреговите на Западот како бродоломници од ист брод, казнети со неброени јазици и меѓусебно неразбирање како и со погледот на другите кој сите тие Балканци, на своето тло, ги препознава токму како еднакви, неодвоиви, како припадници на еден ист балкански народ кој се измешал до непрепознатливост и сега се движи на својот освојувачки пат!
Мојата пријателка ме слуша со отворени уши, сега веќе наполно збунета, а одвреме навреме погледот го насочува кон пејачот, кој овој пат го пее прочуениот цигански хит – Prokleta je A-me-rika! i zlato što sjaaaa… – и кон луѓето што задоволно танцуваат. Моето стушено расположение, сепак, ме тера да продолжам во иста насока. За вас, за тебе конкретно, Балканот е егзотичен enfant terrible на Европа, ma chérie, но и покрај сето тоа и неодолив какви што и се таквите деца, но исто така тоа е и извориште на сите неволји, регија што ја растргнуваат мистичните сили на неисцрпливата омраза ширејќи ги своите пипала. Балканот е ‘несвесното на Европа’, во кое можеш да потиснеш сè што е неугодно во тебе и околу тебе, а да го земеш само најдоброто. Тоа е ѕверка која веќе ја препознаваат околу железничките станици во главните европски градови, таа почнува, како што тврдат во Виена, од Südbahnhof, но многумина го наоѓаат и во некои квартови на Хамбург и Осло каде што му предизвикува тегобност на домашното население. Нејзиниот никогаш утврден limes ги зафаќа еднакво и Трст, Виена и Будимпешта, потем јужноиталијанскиот залив Бриндизи, балканска колонија во Италија каде што се собира толпа очајници на пат преку Јадран кон Албанија, Црна Гора, Грција и Турција и каде што владее перманентна состојба на опсада. Од таа перспектива, Кипар е многу поблиску одошто се мисли, драга Жилиет. Sine! Vrati se iz daljineee… – гласот на мојот пријател, наспроти мене, и понатаму ја воодушевува публиката.
И јас земам уште една голтка вино, зашто грлото веќе ми се засуши од оваа говоранција, а не гледам поместување во нашиот разговор и самиот себеси повремено си изгледам, во најмала рака, нејасен. Таа и понатаму ме гледа и во чудење врти со главата. Добро, што е твојот проблем?, конечно ме прашува. Си противречиш самиот на себе. Од една страна, ги обвинуваш своите пријатели за измама, тврдиш дека не е чесно тоа што сè ставаат во ист кош, а од друга страна со симпатии раскажуваш за тоа како сите вие сте исти, ‘архипелаг Балкан’ и слично. Мислам дека твојот проблем е што не знаеш како ќе ја напишеш статијата, ја удираш главата в ѕид, ја проколнуваш зададената тема, и макар што зборуваш за разлики, никако не наоѓаш начин хируршки да ги одвоиш балканските култури кои очигледно функционираат како споени садови. И за сето тоа го обвинуваш целиот свет, а меѓу останатите и мене. Повеќе ништо не ми е јасно. Потем мојата пријателка исто така зема голтка вино, па како тоа да ја орасположи или барем ѝ ги сврте мислите кон повесели нешта, ми се смее и ме повикува да ѝ се приближам. Вели дека ѝ е доста од расправање, но дека сепак не би сакала да ја затвориме дискусијата за Балканот пред да разјасниме еден важен проблем. За што се работи, душо? Е па, вели Жилиет, се зборува дека Балканците се многу моќни во една одредена смисла. Во која?, прашувам студено и отсечно. Пааа… – одолговлекува, пакосно се насмевнува, ми ја мести јаката –… во смисла… сексуална. Дали е тоа вистина?, би сакала да знае. Го проучи ли и тоа прашање, вели, и дали важи тоа за сите или само за поединечни народи на Балканот, професоре…, чекај како беше твоето презиме, не можам да се сетам сега, нешто со Ш… , зарем не? – пауза, се обидува да се присети, но не оди. На крајот се откажува: Прости, заборавив, знам дека почнува некако со Ш или Шт… зарем не? Не се лутиш.
Ете, го заборавила моето презиме. Непријатно ѝ е. Мислеше дека е Stiglitz, не знае како ѝ се измешало. Нема врска, велам, сфатив сè. Ништо не е случајно. Не, не. Впрочем не е ли нашето трнарче на германски Stiglitz. Не знам како се вели на француски и дали има слична конотација, но драго ми е што, сепак, вечерва по малку напредуваме. Барам соодветен одговор што не би ја поткопал целосно сериозноста на сè што реков вечерва, а изгледа дека веќе и премногу се изнадрдорев. Веќе испразнивме две шишиња вино, па нарачуваме уште едно, а за тоа време, наеднаш, од сите луѓе на светот јас мислам токму на доктор Фројд. Бендот ја води публиката во меланхолично расположение со убавата севдалинка:
Lijepi li su mostarski dućani…
al’ još su ljepši mladi bazerdžani…

На самиот почеток на Психопатологија на секојдневниот живот Фројд говори за една интересна ситуација во која се нашол во Херцеговина. Патувајќи низ Балканот, се упатил од Дубровник кон Босна во друштво, како што наведува, на еден туѓинец. Се возат така тој и туѓинецот низ мојата татковина, а темата на нивниот разговор е далеку од суровиот пејзаж што ги опкружува. Господата разговараат, имено, за Италија. И баш во тој момент доктор Фројд го прашува својот компањон дали бил во Орвиет и дали таму ги видел прочуените фрески на мајсторот С… , проклетство, како се викаше? И овде, токму овде, откажува меморијата, а нашиот доктор го заплискува бран на непријатност. Тој миг на заборавање на, инаку, познат факт ќе го натера прочуениот Виенчанец на целиот овој, навидум, неважен проблем да му посвети малку поголемо внимание и да ја разјасни таа непријатност што ненадејно ја почувствувал. Имено, возејќи се низ Херцеговина, нивниот разговор неколку пати бил свртен на обичаите на домашното население, како што подоцна толкува д-р Фројд. Туѓинецот, кој, инаку, подолго време престојувал во оваа земја, неодамна припоена кон Монархијата, го известил за една необична карактеристика на овдешните луѓе со кои се среќавал за време на својата докторска практика. Се чини дека Босанците, генерално, негуваат небрежен однос кон смртта, тврдел, додека, многу интересно, им придаваат изразита вредност на сексуалните уживања, така што во случај на сексуална немоќ запаѓаат во смртен очај, кој е во очигледен контраст, заклучува Фројдовиот колега, со општата рамнодушност спрема судбинското прашање на животот и смртта. Не знаеме што уште овој загадочен туѓинец му кажал на д-р Фројд. За тоа можеме само да погодуваме. Можеби токму самиот Зигмунд Фројд во тој миг го префрлил разговорот на Италија, која и онака буди само убави и миризливи спомени, за да ја отстрани, или, подобро речено, да ја потисне, непријатноста што се приближувала. Сепак, факт е дека некој ѓавол за целото време не му давал мир и во моментот кога требало да се сети на името на мајсторот на фрески од Орвиет, прочуениот Сињорели патем речено, целиот механизам на потиснувањето откажал. Имено, таа приказна за луѓето низ чија земја минувал го потсетила на лошата вест што неодамна ја примил: неговиот пациент извршил самоубиство, мачен од неизлечлива импотенција! Целиот овој сплет на околности, на доста комликуван начин, кој самата Фројдова интерпретација се обидува да го појасни, довел до заборав на името Сињорели и до генералниот заклучок дека покрај обичното заборавање на имињата и презимињата, постојат случаи во кои заборавот е во директна врска со потиснувањето, чин, како што знаеме, со изразено сексуален набој.
Сега Жилиет ме гледа вознемирено и право в очи, обидувајќи се, веројатно, така подобро да го сфати значењето на моите зборови. Нејзиното весело расположение, поттикнато од виното и од темата на разговорот, сега е заменето со парализирачка збунетост. На крајот очигледно се откажува од потрагата по посуптилни објаснувања:
– Чекај, чекај. Не разбирам… Дали со сето ова сакаш да кажеш дека го заборавив твоето презиме само затоа што сакам да спијам со тебе? Тоа сакаш да го кажеш? Нели?!
– Застани, застани, Смири се, драга.
– Така?! – извика таа.
– Не, тоа не е така едноставно, душо – се обѕрнувам, надевајќи се дека не привлекуваме внимание – но од научна гледна точка, мислам, не е исклучено.
Нејзиниот одговор на мојот одговор беше навистина многу едноставен и брз. Не стигнав ни да сфатам дека замавна со раката, кога нејзината дланка веќе се спушти на мојот образ со гласен трескот. Додека си доаѓав на себе, таа веќе ми го заврте грбот, придружувајќи ѝ се на веселата публика. Танцуваше токму пред пејачот, кој баш во тој момент стигна до рефренот:
Šta me je to preeevarilo
u pooogledu tvoom…

Штета што не знае ‘циганскѝ, помислив горко додека го гледав фронтменот како веќе танцува со мојата пријателка.
– Проклети Балканци! – гласно викнав на француски против целата таа бучава која, на радост на сите останати, продолжи да ја произведува одлично извежбаниот бенд. Келнерот што стоеше од другата страна на шанкот се наведна кон мене и танцувајќи ми довикна реченица која ми потврди дека овде навистина никој не ме разбира:
– Се согласувам, стари, Балканциве се одлични! Еј, знаеш дека баба ми е од Бугарија.
– Неверојатно! – реков доста налутен. – А замисли, и дедо ми исто така!
– Тогаш, пријател, кажи што пиеш. Јас плаќам – весело одговори келнерот, потврдувајќи ги моите најлоши сомнежи. – Секој ден не сретнуваме луѓе од својот крај, зарем не е така?!
– Благодарам, братко
– му одговорив на македонски.
– Што велиш! Извини, ама не знам бугарски – ми појасни – Јас сум ти трета генерација.
– Не е важно, пријателе – заклучив резигнирано. – Сè додека е Балканот со нас. Меѓу нас. Сега и овде.

Превод: Силвана Димитровска

2018-08-21T17:21:34+00:00 јануари 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 40|