Епизодист

Епизодист

* * *

Според вообичаеното, Епизодист почна да живее со својата нова улога. Пробаше со часови, работеше деноноќно, а чуварот попушти на неговите молби и го оставаше сам по цели ноќи на мрачната сцена. „Последната улога“, мислеше Епизодист. „Морам да ја одиграм совршено“.
Го ослушнуваше ехото на зборовите, сопствениот глас во празната сала и сето тоа ја создаваше визијата на Призракот, онаква каква што во свеста веќе си ја создаде стариот артист. Како што се ближеше премиерата така ги засилуваше пробите. Ослабе, се слина, но беше пресреќен зашто некогаш откриваше и совладуваше некој нов детаљ што го надоградуваше ликот и го движеше кон идеалниот.
Меѓутоа, кога режисерот ја поставуваше сцената, дојде на идеја што го порази Епизодист. Тој замисли на сцената, на нејзиниот горен дел да постави механизам за кој со јаже ќе биде прикачен Призракот. Така, лебдејќи над штиците ќе биде поверодостоен, На крајот, кога Призракот ќе ги изговара зборовите со кој Хамлет ќе бара да се заколне дека ќе ја изврши одмаздата, средишниот дел од сцената ќе се отвори, Призракот ќе пропадне и последните зборови ќе бидат изречени од подземјето.
За Епизодист настапи најголемо измачување.
Немаше веќе можност сам да ја вежба улогата, зашто по завршувањето на пробите заминуваше и сценскиот работник што раководеше со механизмот. Бараше од него да останува и по пробите, но тој му удоволи само еднаш. Почна да го фаќа очај. Стоеше на сцената, погледот му беше вперен нагоре, тамо од каде што врзан со јажето и нишајќи се како да лета требаше да ги изговара репликите. Очајот му се зголемуваше со наближувањето на премиерата. Постојано го копкаше помислата дека мора да најде начин да полета, дека единствено така ќе го оствари она за кое толку долго копнееше, да создаде дотогаш невидена улога. Еднаш чуварот го затекна како качен на декорот, на терасата од тврдината, се обидува да полета. Замавта низ воздухот, ја започна реченицата, но гласот му се стопи во тресокот што при падот одекна во празната сала.
„Што направи?“, свика чуварот и потрча да му помогне да стане. Епизодист ги стегна забите и низ нив, наместо офкање заради болките што го штрекаа во убиената нога се цедеа зборовите:
„Пред тебе стои на татко ти духот,
во ноќно време осуден да лута…“
„Слушај ти будаличиште“, сега викаше чуварот. „Ќе се отепаш и ќе ми донесеш некоја беља.“
Викаше и го туркаше кон излезот, додека Епизодист се опираше. Не смееше да ја напушти сцената. Не. Треба да се обиде уште еднаш, уште илјада пати. Сега кога му се причини дека е на прагот да полета и улогата да ја доведе до совршенство. Навистина, падна, но сепак само еден миг, еден значаен миг, дел од секунда, успеа да се задржи во воздухот и да му се спротивстави на слободното паѓање.
Кога по него се затвори вратата од театарот и го чу немилосрдното вртење на клучот во бравата, звук што дефинитивно го оддели од сцената, тој се потпре на ѕидот и полека се лизгаше надвор додека не седна. Свежината на ноќниот воздух му го стресе телото, но тоа како да не беше неговото тело. Повторуваше:
„Без света причест, без исповед трајна,
Со сите мои престапи на вратот
Ме прати така пред страшниот суд.“

* * *

Дојде денот на премиерата.
Видливо возбуден Епизодист прв го облече костумот. Бела наметка премачкана со фосфоресцентна материја што осветлена од рефлекторот кој го следеше при летот низ воздухот одблеснуваше со магична светлина. Долго се гледаше во огледалото. Лицето му беше бледо. Кога ја стави пудрата тоа доби призрачен изглед. Седна пред огледалото и полека чекајќи го часот кога ќе го повикаат на сцената, го повторуваше текстот.
На сцената стапна Призракот на Хамлетовиот татко.
Појавата на призракот ја вџаши публиката. Застана на терасата од тврдината и полека, со нестварен лет се спушти на подот.
„Но кај ме водиш? Ќе застанам овде“, рече Хамлет.
„Чуј ме“, изговори Призракот со чудесен, неовоземен глас и се крена. Направи еден круг околу Хамлет, за миг се изгуби над кулисите, се врати и остана да лебди лесно треперејќи.
„… се наближи часот –
Јас морам да се вратам пак
Во огнот темен на мојата мака“ продолжи духот и пак направи круг околу Хамлет, долета до работ на сцената и како стрела се вивна нагоре.
Публиката го запре здивот. Таква илузија досега не беше видел во театарот. Претпоставуваа дека станува збор за некаков технички трик, но Призракот изгледаше толку вистинито што гледачите зинаа од изненадување. Се збуни и режисерот. На пробите не беше постигнат ваков ефект. Навистина. Епизодистот лебдеше над сцената закачен со јаже, но најмногу што можеше да се направи, тоа беше само праволиниско нишање, подигање и спуштање. А ова. Ова сега претставуваше чудо, совршенство…
Но, ако некој имаше можност да го види лицето на сценскиот работник кој горе, над сцената го раководеше механизмот и јажето на кое требаше да виси Епизодистот, ќе сфатеше дека се случува нешто необично.
Најпрвин тој се разбесни кога Епизодистот, штом стапна на сцената, не се закачи на јажето. Нишајќи го лево десно, се обиде да го предупреди, но Епизодистот не му обрнуваше внимание на тој знак. „Што прави стариот будала“, помисли. „Ќе ја упропасти претставата“. Но, големо беше неговото чудење веднаш потоа кога Епизодистот без помош на јажето, полета. Полета, надвор од сите закони на физиката и на само тоа. Се искачи горе, меѓу чигите, дојде до него и лебдејќи му го покажа јазикот. Работникот ако не беше цврсто обезбеден во седалото, сигурно ќе се струполеше одозгора среде сцената.
Очигледно се збуни и младиот артист во улогата на Хамлет. Продолжи да говори, но тоа повеќе беше нејасно, престрашено пелтечење. Призракот продолжи:
„Но јас сум спречен пред тебе да зборам
За мојот затвор, за маката судна.
Во таков расказ и од таков збор
Ќе ти вивне умот, ќе замрзне крвта,
А двете очи ќе паднат ко ѕвезди“.
„Боже“, извика Хамлет. Но, тоа не беше репликата што следуваше, туку крик на страв, по кој младиот артист падна на сцената.
Но, него веќе никој не го гледаше.
Призракот на Хамлетовиот татко што дотогаш лебдеше или леташе над сцената, наеднаш се најде над партерот. Осветлителот што го следеше со рефлекторот, го изгуби, но сега облеката од Епизодистот блештеше сама од себе. Прелета ниско над главите на публиката и притоа како некое благо ветре да ги допре косите на вчудовидените гледачи.
„Но како што нема добродетел жива
Што оди преграб на лажните чари,
И блудот така од блаженство сит,
Па макар цутел во ангелски раце,
Ќе почне мрши најбргу да гнете…“
Одлета до галеријата, потоа до таванот и оттаму уште појасно ечеше неговиот кристален глас. Луѓето ги вртеа главите како маѓепсани од глетката, пленети во восхитот низ кој им се мешаше нејасен страв, некое неовоземно чувство.
„Иако некој ме насамарил“, мислеше режисерот, „треба да му се оддаде признание.“ Тој претпоставуваше, некој од техниката, во договор со Епизодистот за кој отсекогаш сметаше дека е малку удрен, а без негово знаење и надвор од неговата контрола, го подготвиле ова изненадување.
Најпосле, Епизодистот слета на сцената. Хамлет кој беше дошол на себе, го продолжи дијалогот. Наближуваше часот кога Призракот требаше да се изгуби во подземјето и сцената веќе се отвораше. Епизодистот лебдеше над тоа место и ги изговараше последните зборови од својата улога.
„А сега, збогум! Во пречек на денот –
Го гаси сјајот светулката бледа.
О збогум, збогум и помни ме ти –“
Место да пропадне меѓу штиците, Епизодистот како да се премисли, уште еднаш се вивна нагоре. Прелета над партерот и со неколку кругови се искачуваше се повисоко кон таванот од театарската зграда. Најгоре се запре, направи неколку реверанси во воздухот, неколку поклони на длабоко почитување и исчезна низ таванот.
Најпрвин тишина, а потоа извици на чудење се разнесоа низ салата кога Призракот на Хамлетовиот татко, обичниот театарски епизодист, полека, како не материјален, се провна низ таванот. Бавно, чудесно лесно и без шум. Најпрвин главата, потоа рамениците, телото, босите нозе.
Некој заплеска. Потоа сите во салата го прифатија ракоплескањето што се претвори во долгорочен бран. Пет минути, десет минути, можеби и подолго. Ракоплескањето на престануваше.

* * *

Режисерот едвај се приближуваше низ зашеметената публика во преполното фоаје. Луѓето беа збунети. Бараа објаснување, толкување на настанот. Тој брзаше кон гримиорните. Артистите и другите театарски работници зад сцената беа збркани. Со ширум отворени очи и зинати усти одмавнуваа со главите кога ги прашуваше за Епизодистот. Никој не го видел. Беа вчудовидени и препалени, како свидетели на неземна глетка.
Во ходникот, една чистачка му рече дека Епизодистот е во својата гримиорна.
„Таму е“, рече чистачката. „Неколку пати сакав да влезам и да исчистам, но тој веќе цел час седи пред огледалото и не се поместува.“
Режисерот потрча до гримиорната. Навистина, Епизодистот облечен во костум на Призракот на Хамлетовиот татко, седеше пред огледалото. Лицето во одразот на стаклото му беше спокојно. Режисерот му пријде и го ослови. Тој не се помрдна.
„Направивте чудо“, рече режисерот. „Вакво нешто досега се нема случено во ниеден театар во светот. Ниту пак некој ќе може да го повтори.”
Епизодистот се така спокојно, без да трепне, гледаше во мазноста на стаклената површина. Лицето сепак како да не е од мртовец, озарено блескаше, како кај човек овенчан со конечна слава.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 39|