Еден во Парот

Еден во Парот

***

Во романот „Орландо“6F (1928) на Вирџинија Вулф постои љубов со странецот и во тоа, овој роман е сличен со паровите кај Ман и Бронте. Но за разлика од нив, во Орландо се случува мешање на половите/родовите во парот, и со тоа се отвора простор за анализа на перформативноста на родот и неговите влијанија врз структурата на парот и динамиката на субјектите во него.
Првата реченица од романот на Вулф, гласи: „Тој – бидејќи немаше сомнеж во неговиот пол, иако модата на тоа време работеше околу неговото маскирање…“ (He, for there should be no doubth of his sex, thought the fashion of time did something to disquise it… ) помага да се влезе во суштината на романот во кој половите позиции се зависни од облеката што љубовниците ја носат. На почетокот на романот има една сцена, индикативна за знакот на полот. Се случува големата Зима, и Орландо кој има 16 години и живее на дворецот на кралицата Елизабета се среќава со принцезата од Москва. Зимата е сурова, сè е замрзнато, бродот на руската амбасада останува заглавен на Темза, и Кралицата организира дочек за членовите на руската амбасада. Руската мода, вели нараторката на Вулф, е таква што служела да го поништи/порази/десигнификува полот; нивните широки туники и панталони, за кои не можело да се каже дали се направени за мажи или жени, го привлекувале Орландо. Првата средба со принцезата од Москва е на забавата на лизгалки, каде Орландо здогледува фигура за која не е сигурен дали е момче или девојче, но од која необично го привлекува. Во моментот кога фигурата на лизгачот минува блиску до Орландо, тој сфаќа дека стнува збор за жена. Така е опишана првата љубовна авантура на младиот Орландо со принцезата од Москва, Марушка.
Сакам да ја изнесам мојата дефиниција за Орландо на Вулф, како роман без гравитација! Мојата појдовна интуиција за отсуството на гравитација во „Орландо“ на Вулф не произлегува само од таму што Орландо живее 400 години и слободно патува низ вековите, како за него да не важи земјината тежа, туку произлегува и од најтемелниот опис и определба на Орландо како субјект кој има „лебдечко срце“. Нараторката на Вулф вели: „Под целата летна ефемерност сакаше да ја почувствува земјината оска под себе“, затоа што „чувствуваше потреба за нешто да го врзе своето лебдечко срце“ (12) Отсуството на гравитација е состојба која се повторува во сите клучни сцени во романот. На првата родова забуна во романот – кога Орландо се вљубува во принцезата– никој не чекори и сите се лизгаат на лизгалки, отиводата на Темза е замрзната, чекорењето невозможно, а со тоа наместо време – има безвременска состојба. Лебдењето, лизгањето не е само надворешен сигнал за немањето фиксен идентитет, туку потемелна онтолошка состојба на возможниот пар. Парот имено може да постои само како вонвременски пар. Во моментот кога Темза одмрзнува, гравитацијата се враќа и љубовта на Орландо и принцезата од Москва испарува.
Орландо станува жена по еден долг сон, кога се наоѓа на амбасадорска работа на Ориентот. Не случајно, раѓањето на женската субјективност е ориентализирано. Тоа е Вулфовата критика не само до цврстиот, фиксен западно-европски идентитет, кој не дозволува игра со флуктуирачките идентитети, особено со родови идентитети, туку е критика на логоцентричниот, во крајна линија секогаш фалоцентричен став за однапред дислоцираната женска сексуалност, дислоцираната женска идентитетност. Женскоста со други зборови се наоѓа секогаш онаму каде што никој не може да ја лоцира. Женскоста е во делот на неимеливото, непостоечкото, нефиксното, надвор од Јазикот, Поредокот.
Се вели дека Орландо е роман за андрогиноста. За нас пак, Орландо може да се дефинира не како роман за Едниот во Парот, туку роман за Парот во Едниот! Оти како Субјект, Орландо е секогаш привлечен од андрогини квалитети, а самиот во средина од романот станува жена, која ги задржува сите капацитети да се сеќава на своите машки особини. Андрогиноста во романот не е само одбивање да се направи избор, туку и унификација на идентитетите, оти за Орландо не се случува слобода од тиранијата на полот, туку само слобода од тиранијата на реферирањето, на знакот на полот, на облеката на полот. Внатрешно Орландо не престанува да биде една иста личност. Романот игра на картата на означителите – не само руската, туку и Елизабетанската мода служи да го поништи полот, разликите кои ја претвораат темелната бинарност: маж– жена во мултиполарност, со крајна инстанца да се поништи уште потемелната опозиција на индоевропската граматологија– живоста и неживоста, во која смисла, едниот никогаш не е само еден, како што и мртвиот не е само мртов. Во романот Кралицата Елизабета му остава аманет на Орландо– тој да остане засекогаш млад. Тоа е чин на размена на добра – Кралицата Елизабета му одредува на Орландо највисоки почести и имоти од Дворот, а тој има задача никогаш да не остари: „Тој мораше да биде син на нејзината старост, рака на нејзината слабост; даб на кој ќе го потпре своето опаѓање“. Во филмот на Сали Потер – екранизирана верзија на романот на Вулф – Елизабета бара од Орландо конкретна задача – да остане засекогаш нејзин Син. Не е во прашање овде само сонот на Големата Кралица за иморталноста, сон за немање гравитација, туку сон за вонвременоста на парот: парот Мајка – Син (Кралицата-Орландо), парот на љубовници (Орландо-Марушка). Вулф дава можен одговор на прашањето кога парот од невозможен станува возможен – тој е тоа кога динамиката на идентитетите во фокусот на парот замира, кога идентитетна нестабилност на субјектот станува негова онтолошка позиција во структурата, и кога економијата на љубовта веќе не е сила кога ги израмнува разликите на идентитетите, туку таква која ги потврдува во феноменот на Едното.

#b
6. Virginia Woolf: Orlando, 1928, од срп. превод IP Svetovi, Novi Sad, 1991.

2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 29|