Едгар Алан По и џубоксот

/, Литература, Блесок бр. 53/Едгар Алан По и џубоксот

Едгар Алан По и џубоксот

Питер Кемпион, Бостон Глоуб

Во неколку од овие претходно несобрани песни, Бишоп обработува тешки теми. Во песни како „Ки Вест“ и „Нешто за што мислам да пишувам веќе 30 години“, се осврнува на расната напнатост во модерна Америка. Во „Пијаница“, пишува за алкохолизмот. Во песни како „На потокот“ и „Песна за доручек“, пишува, и тоа прекрасно, за еротската љубов меѓу две жени. Ваквите песни ни овозможуваат да им се навратиме на големите „Собрани песни“ со обновено сфаќање за личните грижи и мечти од кои произлегуваат тие дела. (…) Благодарение на оваа нова збирка, Бишоп ќе го има признанието што го заслужува, а нејзините читатели ќе добијат обновено разбирање за интересните, и честопати болни, тензии зад нејзината генијалност.

Адам Кирш, Тајмс Литерари Саплемент

Читајќи ги ваквите песни, разбирливо е ако се запрашаме дали воздржаноста на Бишоп во врска со сексот е всушност воздржаност во врска со хомосексуалноста – дали, да се родела малку подоцна, ќе ја искористела отвореноста достапна на Адриен Рич и Џејмс Мерил.
Верзиите во „Едгар Алан По и џубоксот“ не можат да го одговорат тоа прашање, но го разјаснуваат. Во неколку од овие незавршливи песни, Бишоп го поврзува сексот со срамот, но не тој срам од општествена предрасуда или табу, туку срам од ранливост, разоткривање, потчинување – предавање на својата контрола, најценетото нешто што го поседувала Бишоп, на еден телесен инстинкт, или, уште пострашно, на друга личност. Страста како порив е предмет на песната според која е насловена книгата, чие дејство се случува во мрачен бар:

Лесно како што музиката паѓа,
паричките паѓаат во дупките,
пијалаците како осамени водопади во ноќта
се спуштаат во поединечните грла,
и рацете паѓаат една врз друга
[долж] помрачен мрак под
чаршафите на масите и сè се спушта,
се спушта, паѓа …

По вели дека поезијата е точна.
Но задоволствата се механички
и знаат однапред што сакаат
и знаат точно што сакаат.

Ова сексуално „паѓање“ (како ехо на самоубиствено настојчивото повторување на „долу“ во „На рибарското пристаниште“) може да се забележи во неколку скици. Меѓутоа, уште позастрашувачка е емотивната потчинетост што Бишоп ја поврзува со љубовта. Тука има неколку среќни љубовни песни – во „Блиску, блиску цела ноќ“, љубовниците се „блиску како две страници / од книга / што се читаат една со друга / во мракот“ – но тие се поситни и понезапаметливи од несреќните. Кога Бишоп најинтензивно ја разгледува љубовта, не може да ја раздели од заканата на напуштањето – лекција брутално наметната од трагедиите на нејзиниот живот…

Џилијан Вајт, Лондон Ривју оф Букс

Бишоп живеела во Бразил најдолго отколку на кое било друго место; се селела многупати во текот на животот, и му напишала на [Роберт] Лоул при крајот на 1940-тите: „Кога ќе ми го пишуваш епитафот, мора да кажеш дека бев најосамената личност на светот“.
Но Бишоп не се сожалувала себеси. Нејзините омилени стихови од сопствената поезија се од крајот на „Заливот“ (1949): „Сета неуредна активност продолжува / ужасна но ведра“. Овој епиграм не е само лична стратегија на опстанок – повеќе е нешто како поглед на светот. Во писмо до Ен Стивенсон во 1960-тите (коешто Квин го цитира), Бишоп пишува: „Мојот став е песимистички. Мислам дека сè уште сме варвари, варвари кои прават стотици непристојни и сурови нешта секој ден од нашите животи, што можеби ќе го видат идните генерации.“ Потоа ја спомнува „Љубов непозната“ на Џорџ Херберт, пренесувајќи ја неговата слика за животот допрен од Бога во световни рамки: „Но мислам дека треба да сме весели и покрај тоа, понекогаш дури и зашеметени – за животот да ни биде поподнослив и да се зачуваме себеси ‘нови, нежни, брзи’.“
(…) Некаде меѓу нашата желба Бишоп да била помал перфекционист, па така поплодна како автор, и желбата да го видиме само нејзиното совршено творештво (по цена да ја загубиме оваа ризница нов материјал), се наоѓа ставот на идеално отворениот ум кон оваа збирка. Извонредниот архивски и уреднички дострел на Алис Квин заслужува ваква отвореност.

Ен Стивенсон, Ready Steady Book

Самата Бишоп, во есејот насловен „Пишувањето поезија е неприроден чин“ (обелоденет во неодамна објавената „Едгар Алан По и џубоксот“), ги дефинира трите одлики што најмногу ги цени во поезијата што ѝ се допаѓа: прецизност, спонтаност и мистериозност. (…)
Не верувам дека Елизабет Бишоп секогаш пишуваше ‘одлична’ поезија. Дел од нејзината привлечност е што често не успева да ја најде вистинската нота, својот апсолутно точен глас, дури и во дел од објавените песни (претежно од раниот период). Според ова, таа беше поет на поетите, и главната предност што ни се достапни нејзините скици и незавршени песни на увид во неодамнешната збирка на Алис Квин е што сфаќаме колку често се колебала и колку тешко ѝ било да ги напише песните како што сакала.
Нејзината цел е висока, речиси недостижна, што се надевам ќе постави критериуми за прецизност и спонтаност во поезијата денес повеќе од што било научено на курсевите по креативно пишување или преземено заради идна универзитетска кариера. А за мистериозноста, таа одлика што не се учи, и која е тешко достижна, тоа е нешто што музата сè уште го резервира како лична дарба. Веројатно Елизабет Бишоп најдобро може да нè научи на доблестите на стрпливост, досетливост, перспектива, истрајност и – да се осмелам ли да спомнам? – амбициозност не толку заради слава или успех колку заради внатрешното чувство дека пишува исправно и одлично.

Меган О’Рурк, Слејт

Елизабет Бишоп беше славно педантна писателка. Во една песна што Роберт Лоул ја има напишано за неа, ја прашува, „Дали / сè уште ги чуваш своите зборови во воздух, десет години / незавршени, закачени на огласната табла, со дупки / или празнини за незамисливиот израз – / безгрешна музо што го прави обичното совршено?“ Не е ништо чудно, тогаш, што неодамнешното објавување на досега несобраните песни, скици и фрагменти на Елизабет Бишоп во „Едгар Алан По и џубоксот“, приредена од Алис Квин, наиде на голем отпор и дебата околу вредноста на објавувањето на овие дела. (…)
Како поет од средината на минатиот век, Бишоп пишуваше во време кога едниот тренд беше академската студиозност (Ален Тејт, Рандал Џарел), а вториот тренд беше себеразоткривањето (Роберт Лоул, Ен Секстон). Не следејќи ниеден од нив, таа за себе издлаби оригинална ниша, поетика на суптилни опсервации. Бишоп пишува за нешта: бензински пумпи, радио антени, миење нечија коса, лос на патот. Нејзиното творештво, како што вели Вендлер, е значително доследно на прецизноста, а нејзиниот примарен модус е опишувањето. (…)
Вендлер тврди дека разноликоста на творбите тука ќе ги збуни младите поети и читатели на поезија, наведувајќи ги да ги побркаат тукашните сентиментални скици со совршено брилијантните песни како „Крусо во Англија“. Напротив, овие неправилни почетоци нè предупредуваат дека е потребно многу повеќе од трагичен живот за да се направи песна – всушност, дека некои напори едноставно не резултираат со песни. А кога резултираат, потребно е огромно количество алхемија. Бишоп можеби навистина би била смртно посрамотена од оваа книга (а кој поет не би бил засрамен од идејата да се објават нивните остатоци), но тоа не значи дека објавувањето е неправедно. „Едгар Алан По“ е извонреден потсетник дека силните чувства и впечатливите забелешки не се уметност додека не се трансформираат преку вложување внимание во нив.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 53|