Едгар Алан По и џубоксот

/, Литература, Блесок бр. 53/Едгар Алан По и џубоксот

Едгар Алан По и џубоксот

Тес Тејлор, Атлантик

Во текот на нејзиниот живот, Елизабет Бишоп (1911-1979) била позната по својот перфекционизам. Џон Ешбери со симпатии ја има прогласено за „писател за писателот за писателите“, а таа ги чувала своите песни со строго внимание, често оставајќи речиси завршени верзии да стојат со години во исчекување на вистинскиот збор. Една песна, „Лос“, почната во средината на четириесеттите, е легендарна по тоа што чекала речиси триесет години пред да го добие нејзиниот жиг на одобрување. Па и покрај – или можеби поради – овој таинствен перфекционизам, творештвото на Бишоп предизвикува љубопитност кај читателите. Во 1955, Кетрин Вајт, тогашната уредничка на поезија во Њујоркер, ѝ напишала: „Како и обично, ова писмо е молба да ни дозволите да видиме некои од ракописите на Елизабет Бишоп што сум сигурна дека се наоѓаат на вашата работна маса, сосема завршени – кога само би можеле да се разделите од нив“. Бишоп не можела многу често да се разделува. До крајот на животот, имала одобрено релативно мал творечки опус за објавување – 300 страници, тенок том во споредба со монструозните 1500 страници на „Собраните песни“ на нејзиниот пријател Роберт Лоул.
(…) Невозможно е да се знае како да се сфатат артифактите од чиј било живот, а особено од животот на писателка затворена како Бишоп. Сепак, дваесет и шест години по смртта на Бишоп, Алис Квин, сегашната уредничка на поезија во Њујоркер и приврзаничка на Бишоп, ги собра и подреди овие фрагменти за светот да може да влезе во просторите што Бишоп ги остава зад себе.

Керол Бир, Контемпорари Поетри Ривју

„Камо да имав напишано многу повеќе. Понекогаш мислам дека да бев маж, веројатно ќе имав напишано повеќе. Ќе се осмелував повеќе, или ќе можев да посветам повеќе време на пишувањето. Залудно потрошив многу време,“ Елизабет Бишоп коментира во едно интервју со Џорџ Старбак (Плоушерс, Пролет 1977). Па сепак, Бишоп на својот сопствен начин се осмелуваше да опфати еден цел свет во рамките на секоја песна; нејзините песни се претежно истражувачки, во потрага по вистината, различни во најдобрата смисла на зборот, без повторувања, и поткрепени со совршено владеење на формата. Поезијата на Бишоп можеби изобилува со описни детали на секојдневието, но таа е преокупирана и со сништа, мистерии, и необичноста на постоењето. Сите тие елементи може да се најдат во различни количества – и на повремено изненадувачки начини – во „Едгар Алан По и џубоксот“, квалитетно изработената збирка на Алис Квин од несобраните песни, скици и фрагменти на Елизабет Бишоп. Томот можеби не успева да ја претстави Елизабет Бишоп „во живо“, но пружа добредојдена можност да се разгледа нејзиниот креативен процес…

Керол Руменс, Гардијан

Иако не ги мапираат фазите на пишување, овие верзии ни ги покажуваат скиците и импровизациите на кои работела Бишоп. Дознаваме дека имала навика да запише алтернативен збор или реченица во десната маргина, и како го разгледувала својот необработен материјал од нови аспекти. Секако е можно дека Бишоп не ќе сакала да ги види објавени своите недовршени записи, но уредничката на книгата, Алис Квин, не ги претставува творбите никако поинаку одошто недовршени. Песните се врамени во коментар, речиси исто како што се врамени од нивните кутии и полици во архивата на Васар. Штом Бишоп не ги уништила своите документи туку ѝ ги дала на универзитетска библиотека, веројатно немала многу против стекнувањето поширок круг читатели, доколку читаме, како што нè охрабрува Квин, како истражувачи на процес наместо консументи на производ.

Шила Фар, Сиетл Тајмс

Делата во „Едгар Алан По и џубоксот“ не ги достигнуваат славно перфекционистичките норми на Бишоп. Многу од песните остануваат недовршени. Други се засрамувачки ситни или во толку почетен облик што не се повеќе од семки. (…) Квин дава краток вовед и обилни крајни белешки кон материјалот, но нејзините зборови се упатени кон најстудиозните проучувачи на Бишоп. За книгата да биде навистина пријателска кон читателот, има потреба од посеопфатно претставување на животот и делото на поетесата, наместо споменувања на други научни трудови. (…) Најразоткривачкиот дел од книгата за мене се низата факсимили од 15 одделни верзии што ѝ претходеле на објавената верзија на маестралната „Една уметност“ на Бишоп. Тука може да се види како една прекрасна песна се претвора од неповрзани мисли до чиста елеганција на изразот.

Вилијам Логан, Њу Крајтирион

По нејзината 35-та година, [Бишоп] довршувала помалку од две песни годишно; а нејзините документи содржат тетратки и тетратки и папки и папки со песни во фрагментарен или недовршен облик – некои само напуштени купчиња фрази, другите грубо залепени во некој облик, некои влечкани низ бројни фрустрирачки верзии, како и некои што делуваат како да не им фали ништо освен одобрението од поетот. (…) Својата ранливост, својата шармантна хаотичност (дури и кога се довршени, песните се чинат фрагментарни, како и нејзината личност), не ги беше надминала туку им се беше покорила – кај неа ја нема таа сериозност, таа претенциозност во поетскиот јазик што кај [Роберт] Лоул, [Рандал] Џарел, и [Џон] Бериман сега се чини оловна, сработена според синдикални правила за синдикална плата. Бишоп излегува од оваа книга како поинтимен поет, со песни чии обработени површини го сокриваат безредието од кое биле создадени.

Чарлс Симиќ, Њујорк Ривју оф Букс

Се прашувам што ја спречило Бишоп да го доврши тоа што често се чини како ветувачки почеток на песна. Во едно писмо до [Мериен] Мур од Ки Вест во 1937, таа пишува: „Повторно сум обземена од мојата неверојатна мрзеливост и неучтивост. Може ли те молам да ми простиш и да ми поверуваш дека всушност затоа што сакам навистина добро да направам нешто, не го правам воопшто?“ (…) Тоа што овие несобрани дела ми го покажуваат мене е колку многу чувства имало во песните на Бишоп на самиот почеток, за на крај да ги сокрие со нејзините бескрајни преработки. Ме натераа да ги читам нејзините објавени песни поинаку, откривајќи интимни елегии и љубовни песни каде што порано слушав само анонимен глас. „Огромната моќ на воздржаноста – тоа е лекцијата на поезијата на Елизабет Бишоп“, има кажано Октавио Паз за неа. Во право бил.

Сем Мунсон, Коментари магазин

Навистина, „Едгар Алан По“ содржи песни што уметник со пониски барања од Бишоп не само што би ги објавил туку би ги покажувал како триумфи. (…) Но томот не е без своите проблеми, што произлегува од природата на материјалите од кои е составен. Хелен Вендлер, во текст објавен во Њу Рипаблик, сугерира дека овие недовршени, напати многу фалични, и повремено банални песни никогаш не требало да бидат обелоденети. Ова е претерување. (…) Со оглед на количеството енергија вложена во макотрпното прекопување на делата и животите на понезначајни американски поети, секој читател на Бишоп, и секој почитувач на американската литература, има причина да биде благодарен за оваа книга.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 53|