Дионизискиот феномен и метаморфозите во македонската народна литература

/, Литература, Блесок бр. 10-11/Дионизискиот феномен и метаморфозите во македонската народна литература

Дионизискиот феномен и метаморфозите во македонската народна литература

Дионизиски мотиви непосредно врзани со топосот – божественото дете, или во фолклорот препознатливо како детето кое страда, и низ кои е претставен уште еден дел од процесот на иницијациската симболика, содржи и баладата во која мајката си го „уништува“ сопственото „машко детенце“, оставено од страна на таткото како „годиначе“ пред да замине на печалба. В очи на доаѓањето на родителот, мајката се одлучува на обреден дионизиски „злочин“…

„Послуша Анѓа комшии,
стави го Анѓа нови потани
И го заклала машко дете
И го ставила Анѓа во шарен зелник“.21F

Оваа семејна драма, во својата основа мошне трагична, многу потсетува на постапката на лидискиот крал Тантал кој си го убива својот мал син Пелоп, а телото го распарчува и го подготвува за гозба пред боговите. поканетите оваа намера ја презреле воздржувајќи се од јадењето. Со цел да го вратат невиното момче во живот, боговите парчосаните делови ги варат во котел. Недостигало само рамото кое од невнимание го изела Деметра, но Хермес, тој дел го заменил со слонова коска.22F Во таа смисла, интересно е што во македонската народна песна, во улога на поканетиет се јавува случајно таткото, кој љубопитно ќе запраша: „Камо ми Анѓе мој Михаилчо?“, на што следи лажен одговор: „Оно е, Стојан у комшиите“. Меѓутоа, во оваа печалбарска песна, детето-жртва наоѓа сила да прозбори и да ја каже вистината: „Проговори у тој шарен зелник: / Јазе сум тате, во шерен зелник“. Ова е само уште еден пример на „уништувачка“ енергија од дионизиска природа, за која, во истражувањево, посочуваме уште една варијанта. Примеров се однесува на машкото дете кое „што да види сè кажува“. Оваа карактерна особина е непожелна за саканикот (незаконит маж) на неговата мајка, па затоа тој ја советува кон следнава постапка:

„ – Ој, ти Маро крчмарице,
заколи си машко дете,
извади му џигерчето,
да ми месиш, зелен зелник,
а цревцата да ‘и свариш,
да ‘и свариш слатка чорба“.23F

Освен во баладите, дионизискиот мотив се препознава и во чисто лирските форми, во кои владее судир на бесконечното и конечното.24F Притоа, присуството на дијалогот е уште еден доказ дека можеби нивниот еволутивен пат, води кон изворите на обредното. Имено, стравот на девојката, предизвикан од сознанието дека браќата ќе ја дознаат нејзината љубовна врска, е повод за следниов разговор:

„Моите девет браќа
Мошне се лоши, лудо море,
Бог да ги убие,
Ако те чu/т лудо море,
Глава ќе ти земат.
Ќе те изсечат, лудо море,
Мxрфка, по мxрфка
Наj-голема мxрфка лудо
Ко мрава носи“.25F

На слична дионизиска опојност, наидуваме и во стиховите:

„ако те фатат, – ќе те посечат,
ќе те посечат, –, залак по залак
… … … … … … … … … … … … … … … … … …
– Ако ме фатат, девојче, да ме посечат,
да ме посежат, –, залак по залак,
најголем залак, –, шчо мрава носит;
да ме собериш, –, во скутината,
да ме посеиш, –, во градината.
Јас ќе изникнам, –, секакфо цфетќе,
секакво цфетќе, –, бело, црвено;
бело, црвено, – сино зелено“.26F

Лирско и потајно шепотење на младите во овој стил, наидуваме и во стиховите:

„Гори лудо, гори, сосем да изгориш,
сосем да изгориш, пепел да се стореш,
јас ќе те соберам во модро кавраче
ќе те посејам в росна градина,
да ми изникнеш бело џунџуле“.27F

Меѓутоа, во зборникот на струшките браќа Миладиновци, среќаваме лирска песна низ чии стихови, избива несовладливоста на духот, чија егзистенција се јавува во најразлични форми на бесмртноста. Со цел да се победи човечката подреденост на судбата, анонимниот творец во мигот на разделбата се залага за дионизиски однос кон постоењето – според кој нема целосно и вистинско умирање, ами само потенции (форми) на бесмртен премин. Токму затоа, на саканата ѝ се препорачува: „Да не жаљаш, да не плачиш“, бидејќи овде бесмртноста е вечно движење, сфатена космички како „време кое не запира, мандала која, слично на небото, вечно кружи“28F. Оваа своевидна поема за победата на животот, за победата на човечкото сакање над смртта, на многу непомирлив и недостоинствен начин ја презентира преобразбата низ времето и просторот. Во неа воодушевуваат динамичноста на духот и синергичниот стремеж на волјата, жедта по множество форми, изразени низ големата игра и изобилие од метаморфози. Зад сево ова се притајува и неопходната дионизиска уметност, која сака да нè убеди во вечната наслада на постоењето29F:

„Ако умрам да не жаљаш
Да не жаљаш, да не плачиш;
Да ме зеиш во скутеи,
Да м’ однесиш на гемија,
Да ме фрлиш по морето.
Ќе се сторам морска риба,
Ќе ме фатат влакарите,
Влакарите, рибарите,
Ќе м’ истает на нов пазар;
Ти д’ излезиш да ме купиш,
Да ме вариш, да ме печиш.
Ќе се сторам прав и пепел,
Да ме збериш в ал шамија,
Та да појдиш в градина,
Тамо да ме испосеиш.
Ќе излезам рамн’ босиљок,
Шчо го носет девојките,
Девојките в пазуите;
Ќе излезам бело цвеќе,
Шчо го носат јунаците,
Јунаците под фесои“.30F

Цитиранава во целост лирска творба, со препознатливи дионизиски елементи од чувства и страсти, во својата структура зачувала проекција на четириформна метаморфоза (еден мртовец – риба – пепел – цвет). Веднаш паѓа во очи подземниот свет со кој се поврзува починатиот што, според посочената постапка, ќе се претвори во морска риба. Овој симбол на елементот вода има хтонски карактер и како таков се доведува во врска со раѓањето и кружното обновување. Неговата чудна способност за размножување, го определува како симбол на животот и плодноста, фалички симбол кој се сретнувал на резбите од коски уште во раниот палеолит.31F Понатамошната метаморфоза во песната продолжува да се изведува со помош на топлина „да ме вариш, да ме печиш“, со што обредно се распаднува и пресоздава една форма во друга низ огинот, кој симболизира проистување и повторно преродување.32F Пепелта добиена од тој процес, посеана во градината ќе го даде и последниот, четврти вид од нанизот метаморфози, овој пат од областа на флората – босилек со бел цвет.
Овој вид метаморфоза, изведена со посредство на оган, ја сретнуваме и во кратките лирски песни, торза, секако редуцирана во својата обредна постапка. Таа, на пример, може да биде резултат на тригодишниот мерак по саканата, одраз на невозвратена љубов која јунакот го прави „суо дрео јаороо“, за што самиот тој вели:

„Да го фрлиш в силен оган,
Да се сторит дробна пепел,
Да го сеиш во градина,
Да израстит рамн’ босиљок,
Босиљок, киска цвеќе“.33F

Овие лирски медалјони или специфични песни – фрагменти, наверојатно создадени од поголеми целини преку осамостојување, ги карактеризира згуснатото изразување. Нивното лирско јадро, едновремено, може да биде сфаќано како поетска слика, но и како реликт од еден рудиментарен митски слој за распарчениот и изгорениот јунак:

„Ме изгоре, ме попари, бела червена.
Дур’ ме стори суво дрво, –
Дојде брат ти ме посече, –
Да ме кладе на силен оган, –
Па ме направи бела пепел, –
Ме раздаде на сапунџии, –
Да ме праве раки-сапун, –
Да се мијат девојките, –
Да мијат бели образи. –“34F

#b
21. Македонски народни печалбарски песни, Скопје, 1979, песна бр. 182, стр. 198.
22. Rechnik grchke I rimske mitologije, Beograd, 1979, 329.
23. Македонските мелографи од крајот на 19 век, Институт за фолклор, Скопје, 1962; песна бр. 333, стр. 267.
24. Fridrih Vilhelm Jozef Sheling, Filozofija umetnosti, Beograd, 1989, 304.
25. Македонски народни песни. Текст и мелодии записал Коста Ц’рнушанов… песна бр. 112, стр. 73.
26. К. А. Шапкарев, Избрани дела III, Скопје, 1976, песна бр. 527, стр. 210.
27. Двогласни македонски народни песни, Институт за фолклор Марко Цепенков, Скопје, 1988, песна бр. 20, стр. 23.
28. Carl Gustav Jung, Psihologija I alkemija, Zagreb, 1984, 191.
29. Fridrih Niče, Rođenje tragedije. Beograd, 1983, 103.
30. Димитрија и Константин Миладиновци, Зборник на народни песни, Скопје, 1983, песна бр. 505, стр. 426.
31. J. Chevalier – A. Cheerbrant, Rijechnik simbola, Zagreb, 1983, 558.
32. Исто, 740.
33. Миладиновци, песна бр. 290, стр. 344.
34. Исто, песна бр. 318, стр. 356.

АвторЛенка Татаровска
2018-08-21T17:22:08+00:00 октомври 1st, 1999|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 10-11|