Дионизискиот феномен и метаморфозите во македонската народна литература

/, Литература, Блесок бр. 10-11/Дионизискиот феномен и метаморфозите во македонската народна литература

Дионизискиот феномен и метаморфозите во македонската народна литература

За неправедно казнета девојка-сестра пее и лирско-епската песна-балада од зборникот на Антон П. Стоилов. Драмски изведените метаморфози се слични на претходните, само што овде дејството е збогатено со уште една митско-поетска слика: „дето ѝ се косата разнесла, / тамо никна зелено борченце“12F.
Надежта и вербата во нов есхатолошки живот, карактеристичен по бесмртноста и нејзините разнообразни форми на спас и премин од една состојба во друга, ги предаваме и низ баладата од зборникот на Коста Црнушанов, која претставува варијанта на претходните, испеана од една пејачка од с. Дивле – скопско:

„Куд ќе паднев мои цqрни очи,
Да излезев два бистра кладенца;
Куд ќе падне мо/ рамна снага,
Да се стори то големо бафче,
Да изникне тоj бели босилек;
Куд ќе паднев моj бели руки,
Да изникнев две бели лозници;
Куд ќе паднев моj бели ноги,
Да изникнев две бели тополи –
Коj jе жеден, вода нека пие;
Коj jе младо, китка нека носи;
Коj jе гладно, гроjзе нека бере;
Коj jе морно, под сенка да седи!“13F

Оваа дионизиска тајна на антиката, предадена најнапред низ крвавото распарчување, по што следи нова промена на енергијата, анонимниот пејач ја допотврдува искажувајќи ја сопствената волја за „веројатноста“ на метаморфозата, низ стихот: „Како рекла, така и станало“14F. Досега изнесеново го наметнува прашањето за поврзаноста на метаморфозата со неправедното страдање на човекот и неговата немоќ да се спротивстави на злото. Заколнувањето во невиноста од страна на повредениот е тема и на една народна песна од зборникот на Јастребов. Во неа обвинетата девојка својот спас, и доказ дека не е виновна, ќе го побара во заштитата на посилниот од неа и низ преминот во флоралната форма како своевиден начин да се избегне човечката условеност:

„Мома зборвет со бела Дунава
А, Дунаве, а бели Вардаре!
Да се фрла по тебе да плива.
Ак’ су криво, ти да ме удавиш,
Ак’ су право, ти да ме испливаш,
Да м’ испливаш во Солунско поле,
В’ она поле, во рамни ливаѓе,
Да израста секакви цветиња,
Да ме берет девојки, невести“15F

Во македонската усна литература, често пати наидуваме на обид за контаминација на дионизиските религиозни идеи со христијанските. Овој синкретизам се огледа првенствено низ дионизиската посветеност и обредната смрт при иницијацијата, за кои е карактеристична симболиката на обредната обнова и митското чудо. Имено, христијанството кое е можно само во апсолутното раздвојување на сетилниот и надсетилниот свет, уште на самиот почеток се заснова врз чудото. Зборувајќи за конструкцијата на строежот на уметноста, Шелинг чудото го третира како:
„апсолутност видена од емпириско стојалиште, која паѓа во конечност а заради тоа нема однос со времето. Тоа чудесното во историска смисла е единствена митолошка граѓа на христијанството. Тоа се шири од историјата на Христос и апостолите преку легендите, историјата на мачениците и на светците до романтичната чудесност која се распламтила во допирот на христијанството со храброста (…) Само воопшто треба да се забележи дека таа митологија на христијанството во потполност почива на сфаќањето на универзимот како Божје царство. Историите на светците се истовремено и истории на самото небо, па дури и историите на кралевите се вплетени во таа општа историја на Божјото царство. Единствено на таа страна христијанството се издвоило како митологија“.16F
Шелинг, инсистирајќи на тоа дека модерната епоха мора да има свој еп, го втемелува богот исус не во историјата ами во природата како своевидна космогониска моќ, а не само како божествена личност или историска индивидуа каква што го оцртува ортодоксната теологија. Или попрецизно, тој во својата „Филозофија на митологијата“ Исуса, во ликот на Дионис, го именува како „вистински подвижник на целиот процес“.17F Една синтеза на препознатлив континуитет на дионизиската традиција, од грчкиот митолошки свет и пошироко со индивидуалното и универзалното во ликот на христијанскиот бог како Диониз, препознаваме повторно во народната песна, забележана од страна на рускиот конзул Јастребов. Низ неа и низ претходно наведените примери, меѓу другото, како да ја следиме идејата дека уметноста е „помирување на конечното и бесконечното, објективизација на идејата“.18F Низ мотивот на верната сестра, која ниту по цена на својот живот, не сака да го предаде ближниот свој, на непријателот, го следиме процесот на „титанскиот злочин“ и натамошниот нејзин спас. За него е потребно тврдо да се издржи во болката, а тоа беше и императив од дионизиска природа. Наспроти ова пак, и самото чудо како што вели Ниче е ретко и големо.19F

„Немам брата, нѝ мам што да кажа,
Нѝ мам што да кажа.
Извртеје нози од колена,
Нози од колена.
Извртеје роци од рамена
Роци од рамена.
… … … … … … … … … … … … … … … … … … … … ….
Кога писна теја да ми пишчит
Теја да ми пишчит.
… … … … … … … … … … … … … … … … … … … … … …
Немам нози по тебе да трча
По тебе да трча.
Немам роци, брате, да се тепа,
Брате да се тепа.
Немам очи, брате, да се пула.
Брате да се пула.
Бог је даде нози да ми трчат,
Нози да ми трчат.
И је даде роци да се тепат
Роци да се тепат.
И је даде очи да се пулит,
Очи да се пулит.
Го откина своја мила брата.“20F

#b
12. Антон П. Стоилов, Македонски народни песни, Институт за фолклор Марко Цепенков – Скопје, посебни изданија, книга 14, Скопје, 1990, песна бр. 1, стр. 21. Варијанта: Димитрија и Константин Миладиновци, Зборник на народни песни, Скопје, 1983, песна бр. 56.
13. Македонски народни песни, Б’лгарска академија на науките. Етнографски институт с музеј. Софија, 1956, песна бр. 398, стр. 212.
14. Исто
15. Објчаи и пјесни Турецких/ Сербов, второ изданје, С. Петербург, 1889, 236.
16. Fridrih Vilhelm Jozef Sheling, Filozofija umetnosti, Beograd, 1989, 141, 142.
17. Исто, 35.
18. Исто, 50.
19. F. Niche, Knjiga o filozofu, Beograd, 1987, 29.
20. Објчаи и пјесни Турецких/ Сербов, второ изданје, С. Петербург, 1889, 231, 232.

АвторЛенка Татаровска
2018-08-21T17:22:08+00:00 октомври 1st, 1999|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 10-11|