Девојката од Малеш

/, Блесок бр. 07, Литература/Девојката од Малеш

Девојката од Малеш

Знаеш, ми вели сега, кога требаше да се омажам? Туку ти не знаеш… или знаеш? Знам, ѝ велам, ти ми кажуваше. Не, вели, да ти докажам. Мене да ме лажат, нашле кого… Слушај, јас ќе се мажев. и мојава газдарица, старицава, ја зедов со себе на регистрација… оваа де, оваа моја старица, нејзина е визбава, демек ја зедов место мајка. И кога стигнавме до паркот, тој ми вели, остави ја старава, ние да прошетаме. Никако, му велам, какво шетање, будала ниеден! Поодевме уште некој чекор, демек се приближуваме кон општината за регистрација, а тој само подзастанува… грд како мене, се знае, груб, па и црн, некако некултурен. Едно време, ќе одам, вели, да купам цигари. Море какво мажење, сум си го лажела умот, ми избега. Ех, мори, какво плачење, а сега ништо, не сакам да се мажам, не сакам и не сакам. Не е во тоа работата… туку да имам така некој човек за разговор, душава ми изгоре за разговор, така да си го ладам умот, овде никој не влегува. На работа не одам, болна сум, на боловање, шеесет илјади земам, зошто ми се…
Почна да се задишува. Скупчените гради не ѝ задржуваа многу воздух и таа правеше напори често длабоко да вдишува. Се фаќаше некаде кај лажичката и сеедно велеше дека ѝ жежи, а не престануваше да зборува, кажуваше испрекинато. Едно време рече дека ѝ било жешко, ме пече, вели, чувствувам под косата главата ме пече, ќе изгорам, вели… Јас станав да го отворам прозорчето, едно мало правоаглесто, дупче, токму на нивото на површината на земјата ндвор. Го отворив, но воздух не влезе. Немаше од каде, а и надвор беше тешко, запарно лето. Зошто не одиш во селото, ѝ велам, си имала браќа. Таа не одговори, долго стоеше некаде отстутно загледана. Потоа со низок глас, како да си зборува самата на себе, рече: не ме сакаат. Да, зигледа, навистина мин за неа сеедно им беше. Никогаш не прашаа, ниту писмо ѝ напишаа. Кај нас пак, татко ми кога ќе се вратеше од пат ѝ донесуваш подароци, дури и навистина ја негуваше кога ќе се разболеше. И таа чувствуваше како ѝ се присакува да се предаде на таа нежност, а во истовреме знаеше дека не му припаѓа на нашиот дом. Повременото внимание на татко ми кон девојката, мајка ми не го одобруваше, иако тој тоа го правеше најмногу заради неа. И настануваа конфликти. Стануваа големи караници во домот. Но вистинската причина за кавгите не беше девојката. Вистинската причина беше во тоа што мајка ми сметаше оти не успеала во животот заради татко ми, кој пак успеал благодарение на нејзината поддршка. И ние децата, јас и брат ми, бевме завлекувани во тие кавги, а нашата девојка беше сведок. Мајка ми, која со презир гледаше на суштествата како што беше нашата помошничка, не можеше да ѝ го прости тоа сведочење. Со време, девојката како да стана сведок на нејзиниот неуспешен живот, нешто што ја потсетуваше и од кое не можеше да се ослободи. Беше тоа една чудна врска воспоставена во збунетата глава на мајка ми. Таа почна постојано да се жали на девојката и ја измачува де со ова, де со она. Ја измачуваше и со сметки. Ја обзеде мислата дека таа можела да ја краде, дека ѝ зема по некој динар кога ја праќаше во самопослугата. Затоа со часови ја држеше кај себе и ѝ правеше сметки. А девојката пак, навистина не крадеше, не чувствуваше таков поттик во себе.
Имаше во тоа време уште нешто што ја доведуваше мајка ми до лудило. Тоа беше слободата што почна поизразено да ја покажува девојката. Таа веќе сакаше да излегува и се грижеше за својот изглед. Мајка ми тоа не можеше да го поднесе, таа тоа го сметаше за дрско од еден човек како што беше нашата помошничка. И токму тогаш, кога почна најмногу да се грижи за своите желби, се паднаа и најголемите разочарувања за девојката. Таа, која досега беше способна некако да се брани, сега се збуни. Ах, како страдања беа тоа! Се случи тоа кога требаше самата да одбира што сака. А се случи така што не знаеше што да земе од оние скромни нешта што ѝ го нудеше животот. Имаше мажи што понекогаш се завлечкуваа по неа до влезот пред куќата. Но таа направо и грубо ги одбиваше како суштества недостојни за нејзината чесност, а потоа се препушташе на залудни мечтаења. Годините врвеа, а нејзината голема мечта да најде маж, гореше во неа и сигурно и постојано ја топеше нејзината душа. Си отиде од кај нас, веќе не беше помошничка, туку работничка во фабрика. Но нејзините очекувања останаа залудни и празни.
Некаде во тие денови пред да замине, падна едно откритие во врска со неа, што и денеска ме потресува. Во собата каде што спиеше во витрината што стоеше до зглавјето, најдовме две-три шишиња, едното сè уште недопиено. Полупразното беше со ракија, имаше и од вино. Значи, девојката веќе пиеше и не престанала сè досега.
Додека зборува, задишено и лакомо, го сеќавам нејзиниот здив на алкохол. Зошто ѝ велам пиеш, остави се од тоа зло. Ах, вели, та јас зарем би пиела… Знаеш како почна, само во мигови кога ми беше мачно, а потоа заради осаменоста. Се вртам низ мувлава, а разговорот сама со себе тешко ми оди. Сетне се напивам и се развеселувам, зборувам, си раскажувам и си прераскажувам… Да имам јас некого, не, не маж, пријателка да имам, некој човек, кој да е, да ме слуша, јас мислиш… мислиш ќе пијам… Леле, свикува одеднаш, не станувај, вели. Ама, не, не станувам, какво станување, ѝ велам. Ми се стори дека стануваш, вели. Гледај, вели, пофати, ќе ми излета срцето..гледаш како чука?
Јас навистина сакав да станам, да избегам. Та, ѓавола, си велев, зошто се залепив јас за ова суштество. Сакав да се откинам, дури и нешто изустив дека ми е доста, но тоа не помогна, тоа не беше доволно да бидам слободна од неволјата што ме снајде.
Ми се чини оттогаш ми остана вака зачукано, продолжуваше таа… откај бараките, вечерта… Што знам, можеби и шофер да беше… Ех, да имам детенце, да ми рече мамичке..Ми жежи, пофати, под косава ми жежи, како жар… Им реков, не се сеќавам, не го познавам… само сенката му ја видов кога заминуваше. Беше голем и груб… ме фати и ме стегна во оградата..
Се враќала од работа втора смена. Сама врвела крај бараките до фабриката на чевли. Некој голем и груб маж ѝ ја затнал устата, ја одвлекол во темницата. Сега вели, гледај, пофати овде, ми чука срцево, главата ми жежи, ќе изгорам..Ако ме оставиш сама, ќе умрам, вели. Одовде нема каде, ова е гроб, јас сум закопана..Ееееј, од кога ме закопаа. Ми фрлија земја, било поминало..Гледаш, ајде излези, излези де, ако можеш!..Слушај, вели, ни тоа не стана, еве гледај, да бев трудна ќе се познаваше… ми го гледаш мевов, нема ништо…
Уште кога поминав крај нејзината визба си веле: да влезам, или да не влезам? И како да ме намами долу нејзината несреќа што сега ја лепеше врз мене како краста. Зар не сум можела да го избегнам сетоа ова? Сега сакав да се истресам, да се ослободам од неа како од зло, но сеќавав како тоа стануваше невозможно, сè поневозможно; се фатив заробена во ужасот на нејзината разгромена душа.
Понекогаш се напивам, вели таа, и ми олеснува, ама доаѓаат сенки… Штом ќе се напијам, ете ги, сенки… по ѕидчињава одат, како мрши… Понекогаш слушам ууууј, уууј, тие, се чакарат, зинати… Ама ти слушај да не си дошла да ме подлажуваш, стројник да не си негов…
Таа го впери во мене прстот. Ми се чини целото лице сосе очите ѝ беше искривено. Усните веќе одамна ѝ беа суви и ѝ гореа како жив пламен. Се обидуваше да ги накваси со јазикот, но и тој беше свиен како скоба. Веќе не седнуваше, одеше по собата, застануваше и ужасната си ги пикаше прстите од двете раце во устата и ги стегаше со забите. Одново и одново бладајќи ја раскажуваше својата страшна приказна: неколу болести, навреди, капење на мртов татко, маж што исчезнал од венчавање, силување, глад и пиење. Но приказната веќе никако не можеше да биде целосна. Стануваше веќе неразбирлива. Само бладање, испрекинато и болно. И ужаснати широки очи кои бегаат од страшните раце на гонителите…

АвторДимитар Башевски
2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Проза, Блесок бр. 07, Литература|