Девојката од Малеш

/, Блесок бр. 07, Литература/Девојката од Малеш

Девојката од Малеш

Така помина тој појадок. Се надевавме дека кога ќе имаме помошничка сите полесно ќе заживееме. И навистина, некои знаци покажуваа дека очекувањето можеби ќе ни се исполни. Таа почна да се движи низ куќата, иако мошне бавно, завлечкувајќи го своето искривено стапало. Првата задача кај нас ѝ беше да гледа и да учи. А ние не можевме да бидеме сигурни како ја извршува оваа задача. Секогаш стоеше некако вкосо од предметот кон кој требаше да биде свртена и беше готова да го скрие своето љубопитство. Сепак, тоа љубопитство постоеше и можеше да биде откриено само со големо трпение. А зошто не се свртуваше целата, и со погледот и со телото, кон она што ѝ се покажуваше? Сигурно за да не се предаде брзо и лесно. Отпорот кај неа доаѓаше некако инстиктивно. Таа сè уште не знаеше што може да ја снајде ако се сврти со лице кон животот. Мајка ми мора да страдаше што наидовме на оваа девојка, на ова суштество скупчено во својата кутрост. Не ѝ беше нејзе криво заради тоа што помошничката беше мовтава, па малку грбава и со криво стапало. Всушност, мајка ми тоа би ѝ го простила, но не можеше да ѝ прости што девојката не можеше да прави разлика меѓу различните степени на височината од скалата на која се наредени луѓето. За девојката ти можеше да бидеш кој сакаш и што сакаш, можеше да стоиш ниско или високо, а таа тоа да не може да го види. Мајка ми се трудеше да биде забележана нејзината височина и кога ќе ја видеше рамнодушноста на девојката, се јадеше.
Есента таа година дојде мошне доцна. Летото не сакаше никако да отстапи, та нашата помошничка можеше да види неколку од топлите денови во нашиот град, кој страдаше од жештината во летните месеци, како што страдаат некои луѓе од ревматизам кога ќе настапат дождовите. Но, иако со извесно задоцнување, есента сепак дојде и од нашето оревче во дворот почнаа да капат кавтици, а брзо потоа и лисјата. Брезата чии гранки влегуваат во еден од западните прозорци на куќата, одеднаш доби боја на портокал и врвовите на гранчињата почнаа да се литат и најпосле остануваа само голи парчиња. Токму тие денови забележавме дека девојката ги збира лисјата паднати на скалите и по терасата и оти често се симнува и кон тревата во дворот. Тоа беше првата работа за која таа самостојно се зафати. За кусо време ние имавме најчист двор во околината. Таа не се чувствуваше удобно меѓу многуте деликатни и кршливи предмети во домот, туку во дворот, во кој сè досега, единствено уживаше Андро, човекот што го одржуваше. Ние пак, освен што се задоволувавме со чувството дека имаме двор, друго вистински ништо немавме од него.
Речиси во истите тие денови видовме дека кај нашата помошничка се случиле и други промени. Онаа подгореност и потемнестост што ја имаше на лицето порано, веќе исчезнуваше. Неколкуте црвени жички на образите сè уште беа тука, но сега беа поизразени на прочистеното лице. И очите ѝ станаа поголеми и посветли. Навистина, таа сè уште си беше грда, но на некој попитом начин. И движењата ѝ стануваа послободни, а кога беше сама, сосема се отпушташе. Тогаш сè почесто почна да влегува во бањата и да се гледа во огледалото. Очигледно, и самата ги забележуваше промените и беше задоволна. Таа свежина сега, пак ја беше изгубила. Мувлата во сопчето, како да ѝ беше влезена во кривите коски. И спокојството што по извесно време почна да го добива кај нас, сега одамна го немаше. Изгледаше ненахранета, сосема пропадната.
Зошто не се храниш, ѝ велам. Ако немаш, треба да побараш, јас можам да се снајдам и да ти помогнам. Доаѓај понекогаш кај нас, ѝ велам.
Срцево ми плаче за кај вас, ми вели таа, што сторив што отидов. Татко ти, вели, ме негуваше кога бев болна. Не знам, продолжува, јас ли отидов или мајка ти ме избрка, не можам да кажам, не можам да се заколнам.
Имаше ставено едно корче во устата и долго го џвакаше. На забите ѝ стоеја ситни трошки. Зборуваше и нервозно го пикаше прстот во устата и со него го истеруваше затестениот леб што ѝ се задржал на непцата.
Ти ништо не јадеш, ѝ велам, треба да се храниш. Јас мислиш не би јадела, вели таа. Да има некој да ми доаѓа, ех! Мене никој не ме посетува, вели. Го доенсоа татко ми и го оставија в болница… ми го оставија мене… Го капев како од мајка роден и го ставив в гроб..Двапати в болница лежев, еднаш ногата си ја изгорев во фабриката, еднаш затемнение имав во градиве… Гледам на сите им доаѓаат посети… си разговараат. Покрај сите кревети луѓе, кај мене никој… Зошто живеам, стара мома. Мислиш ми е што не се омажив? Ама, не, тоа е готово, порано душава ми плачеше, имав надеж, затоа и така лесно си заминав од кај вас, си мислев, повеќе сакаат работнички од слугинки, ама ништо! Дали сум виновна пред господа? Потоа си ја пика раката во лажичката и испушта испрекинати офкања. За миг пак скокнува, ме фаќа за рака и се впива до мене или почнува да се смее во испрекината и нервозна смеа.
Додека беше кај нас, често ја гледав во променливи расположенија. Уште оттогаш таа си ги носи овие промени, но тие се сега понаврапити и поболни. Кога беше весела во нашиот дом, се смееше со крикови, просто пиштеше. Еднаш ја сретнав во дворот, малку поразговаравме, а таа потоа, со скокови и извици, си замина. Во тие мигови чувствуваше покревање во своите гради, сеќаваше како ѝ се полнат со воздух кој се истиснуваше од неа во вид на радосни крикови. По ваквите напади на радост, ја наоѓав свиткана на некоја фотелја во силен плач. Ја погледнував и најчесто не ѝ зборував, зашто знаев дека одговор немаше да добијам. Најпосле, и не бев сигурен, болка ли беше тоа или не? Знам дека често, кога душата еден миг набабрува од силна возбуда, може веднаш потоа да се истури во солзи за да се ослободи од тешкиот товар на радоста. А тешко беше да се открие моментен, видлив повод, ни за оние крикови и потскокнувања, ни за оние солзи на девојката. Ако ја прашав тогаш зошто е тажна, најчесто не одговараше или само велеше: ами, зошто да ми е жал! А дома работеше веќе сè. не само што чистеше, туку и готвеше. Она што особено правеше впечаток, беше нејзиниот свеж ум. Таа со голема брзина учеше и ги совладуваше зборовите што ги изговаравме ние во куќата или што ги слушаше на телевизијата. Навечер, кога ќе се соберевме околу телевизорот и таа доаѓаше, и неа ја привлекуваше тој свет што личи на лага.

АвторДимитар Башевски
2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Проза, Блесок бр. 07, Литература|