Два куси раскази

Два куси раскази

Aјде да слушаме радио
Не е чудо

Сонцето грее, температурата се покачува, а во Виена тројца илегални работници градат куќа за шест евра на час. Градат брзо. Градат наутро, градат попладне, градат навечер. Ги плаќаат во петоците, понекогаш и подоцна, во зависност од расположението на господинот што ги најмил. Доколку сака куќата да му стигне до небесата, тие со задоволство ќе му ја направат толку висока. Но никој не сака толку да им плати. Господинот што ги најмил е скромен. Сака само два ката и базен. И би сакал да им плати малку подоцна.
И така тројцата си градат до вториот кат и Господарот во небесата си е спокоен што надниците се така ниски и што господарите на земјата се така скржави што никого веќе не го интересира да изгради кула што ќе стигне до небесата.
Тројцата работници се од Источна Европа. Првиот, главниот работник, е Чех. Видел 50 зими на овој свет, а ова му е петто лето во Виена. Се вика Карел Немец, лицето му е сè уште младо, очите мали и сини, главата ќелава, мислите во татковината, германскиот добар. Има работено и во Италија. Работел таму со татко му и синот. Береле јаболка. Работата била тешка. Морале да се качуваат по дрвја. На едно дрво неговиот 70-годишен татко, на друго неговиот 22-годишен син, во средината, тој, Карел. Од италијанските јаболкници не виселе само мажите од семејството Немец, туку и сите мажи од улицата „Победа“ во Брно. Ги бркале угоре-удолу по дрвјата за четири евра на час. Лошо. Многу лошо. Потоа Карел најде подобра работа во Австрија.
За жал татко му умре во меѓувреме, инаку ќе дојдеше тука. „Спокојно му е долу под земјата. Никој не може веќе да го брка, ни угоре ни удолу“, вели Карел како што градат.
Вториот работник е од Романија, се вика Дан, има 28 години, 7 години живее илегално во Виена, ослабел 7 килограми, секогаш дома им испраќа пари на своите 7 браќа, и иако добро се снаоѓа на германски, сè уште не знае што значи зборот Wahrheit. Сиве овие години ниеднаш не му затребал. Му затребала виза, потврда за престој, работа, но никогаш вистината. Пред неколку дена Карел раскажуваше нешто на германски и го употреби зборот. Дан не го знаеше. Карел едно време се обидуваше да му го објасни значењето на зборот, но наскоро се откажа. Не беше многу битно. На Дан му беше сосема добро и без зборот „вистина“.
Третиот работник сè уште не го знае значењето на многу зборови. Се вика Јури, има 33 години, од Молдавија е, пристигнал на брод во Италија пред една година со уште многу други луѓе и по шест месеци одеднаш се појавил во Виена. Не зборува многу германски. Главно користи две реченици, кои во меѓувреме се научи беспрекорно да ги кажува. И двете се прашални. „Доаѓа ли газдата денес?“ е првата, „Уште колку треба да чекаме да нè исплатат?“ е втората.
Сега тројцата градат куќа заедно. Градат наутро, попладне и навечер. Ги плаќаат само кога на газдата ќе му текне.
Едно утро рацете на Јури почнуваат да крварат. Раните на дланките се појавиле ноќта, додека спиел во вреќата за спиење на градилиштето. Бидејќи нема здравствено осигурување и бидејќи не се осмелува да ги покаже раните на лекар, народот е лишен од светец. „Од копање ти се“, вели Карел и оди во аптека по фластери. „Побрзај“, советува Дан, „и пази да не види газдата, или ќе најми некој друг“. Јури си ги врзува рацете и се враќа на работа.
Сонцето грее, температурата се покачува, а во Виена тројца илегални работници градат куќа за шест евра на час. Си зборуваат на германски. Првиот зборува многу, но е највесел кога зборува за фактот дека татко му веќе не може да го бркаат угоре по јаболкница или удолу по јаболкница. Вториот не зборува многу и сè уште не знае што значи зборот Wahrheit. Третиот слуша, понекогаш си ги погледнува колегите, и прашува „Доаѓа ли газдата денес?“ и „Уште колку треба да чекаме да нè исплатат?“ Вчера му се појавија рани на дланките. Но никој не смее да дознае, или ќе ја изгуби работата.

АвторДимитар Динев
2018-08-21T17:20:51+00:00 декември 16th, 2012|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 87|