Дваесет и првиот

Дваесет и првиот

– Кај ли згрешивме, ѓавол ќе го знае. Важно, војна не заслуживме – заклучи таа со растреперен глас, на работ на плач и седна на клупата.
Киро ја гледаше сочувствено.
– Заслуживме. Како не – почна да вика Гордан – Историјата казнува. Да бидеш во циркус. Да те сеират други. Да бидеш у фарса.
Киро потстана од местото.
– Конечно! – рече со блазиран израз на лицето.
Гордан и учителката го погледнаа со чудење.
– Возот, бе – им рече тој – Стигна возот!
Тие се свртеа и во далечината ја забележаа композицијата што се доближуваше кон нив. Од врелиот растреперен воздух, возот во движење личеше како да потскокнува лево-десно од шините, добивајќи необичен, речиси нестварен изглед.
Кирил се наведна и го зеде в раце зембиљот со ракијата и застана до шините, а жената ја намести рачната чанта на рамото, се наведна и го крена својот кариран куфер доближувајќи се до железничарот.
Возот со цвичење влезе во станицата и застана. Тоа беше знак и за Гордан да се наведне кон својот пластичен ранец, иако беше решен да не биде во исто купе со двајцата други сопатници. Онака, наведнат, Гордан слушна дека возот запре, дека со силен тресок се отворија неколку врати и дека од композицијата силно викајќи излетаа војници во маскирна униформа и под полна воена опрема, со долги автомати во рацете.
– Freeze! Nobody move! – викна еден од нив, со ознаки на наредник.
– Hands up! – викна вториот што носеше метална значка на каплар на градите и го насочи својот долг црн автомат кон нив.
– Up, up, up, up! – дисонантно почнаа да викаат војниците, со автоматите поставени на готовс.
Гордан скаменето гледаше во војниците, а потоа забележа дека учителката и Киро се однесуваат како воопшто да не ги слушаат, зашто спокојно поминаа покрај нив, таа влечејќи го својот кариран куфер во двете раце, а тој павтајќи со цигарата кон нив. На Гордан му се стори дека скопскиот железничар и учителката поминаа речиси низ самите фигури на штотуку растоварените американски војници што допатуваа како од нигде и никаде. Сакаше и тој да постапи така, па сепак, нивното опасно викање на Гордан му ѕвонеше в уши, па иако сè изгледаше нестварно, заканувачкото викање и мавтање со автоматите го натера Гордан да го спушти ранецот на земја и да ги крене рацете во вис. Освен тоа, тие му се обраќаа директно нему. Киро веќе беше качен на вагонот и ѝ помагаше на учителката прифаќајќи го најнапред нејзиниот куфер, а потоа повлекувајќи ја и неа самата.
– Hey – рече војникот со променет, речиси пријателски тон кон стаписаниот Гордан – Isn’t this Afghanistan?… Or… Or something?1F
Гордан остана збунет и без реакција.
– Platoon! As you were!2F – падна команда и Гордан ги виде како преминувајќи во една нова и релаксирана расположба, шегувајќи се, отворајќи пакувања со мастики, ги разџвакуваа, посегнуваа по војничките матарки за вода, некои запалуваа цигари додека другите ги дуеја мастиките и пукаа балони, па ведро и разџагорено слегуваа од платформата на железничката станица по скалите кон нејзиниот излез.
– Киро! – викна Гордан со растреперен глас – Чекајте бе, идам и јас!
Го крена ранецот од земја и побрза кон влезот токму во моментот кога композицијата се цимна на вжештените шини, остро зачкрипи и полека тргна од железничката станица во некое чудно пореметено Скопје.

#b
1. Еј, не е ли ова Авганистан?… Или… или така нешто?
2. Чета, волно!

2018-08-21T17:20:59+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 75|