Дваесет и првиот

Дваесет и првиот

– Светот е на друго место – ѝ рече Гордан остро – Овде се само нивните телевизии. Сакаат да нè гледаат на вести. Ко телевизиска сапуница у продолженија. По дневните соби, за релакс, во „брејкинг њуз“. Во приватните куќи со задни дворови, дур’ им се лади експрес вечерата купена на попуст во блискиот супермаркет, тукушто извадена од микробранови печки. Нејќам бе да ме гледаат на CNN и на BBC, ко да сум ѕверка од афричко сафари. Сакам да имам свој живот. Нејќам да сум статиста од нивните вести. А и од вакви ко вас ми е преку глава. Остарени разлошени, за нигде никаде!
– Што нејќеш бе. Као да може да се бира! – почна да вика типчето по него – Така е створен овој свет. Као циркус. Едните да скротуеме мечки, рисови и вуци, другите да сеират, да грицкаат семки и да ни се смеат.
– Не се согласувам – се јави жената – Нема забава во туѓата несреќа. И ним може повторно да им заигра мечката во дворот.
– Па еве ти ја, не ли игра сега? – рече железничарот.
– Уште не – остро возврати таа – Ако заигра, кај ќе ни е крајот. Слушајте јас што ви велам.
Старчето остана немо да гледа во неа. Гордан стана и ги стави двете рачки од ранецот на едното рамо.
– Поарно да не игра, тетке – ѝ одврати зајадливото старче – Коа играла мечката кај нив, па’ мие, со опроштење, сме наебуеле.
Гордан ги остави зад себе и со решителен чекор тргна кон скалите за железничката платформа.
– Простак! – ја слушна Гордан зад себе жената во цветен фустан и конечно излезе на врелиот перон.

31.
Гордан фрли поглед врз својот дипломски часовник. Забележа дека стрелката за секунди од една на друга позиција се поместува тромаво, како човек исцрпен од спарина. Возот доцнеше веќе цел час. Надвор дувкаше топол ветер, кога вниманието му го привлекоа чекори на скалилата од перонот. Еден по друг, таа со кариран куфер што го држеше со двете, тој со зембиљот од кој ѕиркаа и ѕвечеа шишињата ракија во едната рака, по скалите се искачуваа жената со сламената шапка и железничарот. Застанаа да ја разгледаат платформата и седнаа на две одделни клупи наспроти Гордан.
– Ве молам – му рече жената на старчето – колку е точно часот? Железничкиот часовник изгледа не работи.
– Не знам – одговори тој – Не носам саат откако отидов у пензија. А и што ќе ми е. Овде и онака времето стои.
– Стоиме ние – рече со извесна нервоза во гласот жената – Времето се меша. Чудно како овде се враќа минатото.
Насетувајќи ја старата тема околу која и се поткараа во чекалната, Гордан се сврте и погледна во далечината која трепереше на врелиот воздух. Пред очите му досаѓаше мува, на перонот не се појави ниту еден железничар, а од возот немаше ни трага, ни глас.
– Прашавте ли дали возот воопшто доаѓа? – не издржа да праша Гордан.
– Нема кого… – одговори неволно жената.
– Да знам дали да останам… – нервозно искоментира Гордан и брзо стана и замавна со раката, уловувајќи ја мувата во затворената дланка.
– Се гледа, многу си наоштрен да му ја летнеш, бе братче – пак почна да се задева железничарот, вадејќи цигара од мека кутија и мераклиски подготвувајќи ја за пушење – Интересантно, госпожа, дека младиве уопште не маштаат некако за оваја земја. Све нешто за странство, за у бели свет…
– Што знаеш, бе, ти за тоа. Ја знаеш само пругата од Скопје до Куманово и назад, а цело време ни се пењавиш тука – нервозно рече Гордан и силно замавна удирајќи ја мувата од работ на клупата.
– Е, море, дете, сум путуел ја, колку ти низ Скопје што не си се возел, така да знаеш!
– Да, де, од Блаце до Прдејци, со повратна карата.
– Со слободна карта, дечко. И тоа низ онаа земја. Цел живот у железница сум работел и тоа у време коа железницата беше за пример, симбол на организираната држава, а не ваков растур. И у тој твој Марибор сум бил, само колку да знаеш.
– Смирете се малку – му рече на Гордан жената вадејќи ја сламената шапка од глава и ладејќи се со неа како со прирачно ладало – Сепак не личи така да зборувате со постар од себе…
– Сите, бе, уживате да држите лекции – не издржа веќе Гордан – Татко ми дома, од парламент оние, овде вие… Сите нешто памет продавате. Од кај до кај, покрај толку многу памет, вака глупо заглавивме? Сте виделе десет филма, сте научиле пет светски града и три имиња, а со години ни држите лекции од светска мода и географија.
– Од историја, младичу. Од историја… А историјата се повторува – рече студено жената со шапка.
– Се повторуе, дечко, али као фарса! – рече Киро и ги прекрсти слабите нозе покажувајќи ги старите и правливи летни чевли – Од Маркс е тоа, не е сасвим мое.
– Ништо не се повторува, вас ве учеа на репризи – одново се запали Гордан – Сè само еднаш се случува. Само еднаш се живее. Она што ти се случило тебе, не ми се случило мене. Секој, бе, треба да си го одработи својот дел. Вие сè што сте сработиле, сè и сте упропастиле. Не мрдаме од место, баш зашто вие така сакате. Сакате да се мењаме, а све да остане на исто. Затоа не личиме на вас. Поише личиме на нашата геренација у светот него на вас. Се допишуеме со цел свет на енглески. Сурфаме по цела планета. Махери сме, бе, за компјутери…
– Голема работа! – дувна чад старчето.
– … растураме на интернет. Што знаеш, бе, ти за интернет? Ништо. Не си пишувал ни домашна на времето, а камо ли еден алгоритам денес. Божем знаеш за војната, а барут не си помирисал. Ти си – се гледа – од онаа генерација заглавена у меѓувреме. Тогаш: рано да бидеш партизан; сеа: касно да бидеш резервист. Железничар, од оваа забраена станица, ете тоа си ти. Ја, бе Киро, на компјутер сум водел и војни, затоа сум одбрал да си идам. Зашто знам дека во секоја војна некој друг те активира. Сум се изнапукал со џојстикот и сè си викам: ако виртуелните војни се така жестоки, какви ли се, тек, овие, стварниве?
– Одвратно! – рече жената неодредено и за миг ни Гордан ни Киро не знаеја го коментира ли таа стилот или содржината на исказот.

2018-08-21T17:20:59+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 75|