Дваесет и првиот

Дваесет и првиот

– Он сакал овде да се врати. Димитрија сто посто тогаш сакал да ја збрише, као ти сега – му дофрли железничарот и фати да се смее на своја сметка, па се закашла од силното смеење и се обиде да го испере грлото со нова голтка ракија.
Гордан почна да го стрела со погледот.
– Никако не обрнувајте му внимание. Не гледате ли дека тоа го сака – му шепна жената со цветниот летен фустан и продолжи гласно – Баш ме интересира… Америка, рековте…
– Ја реков Америка! – не се даваше типчето.
– Да – го прифати нејзиното интересирање Гордан – Сум ја запознал само од филмови, од интернет, од цедеа. Цел живот сум сакал да шпартам по Њујорк, ноќе.
– А, како во шлагер… – рече жената, со изменет глас, како првпат да комуницира со Гордан.
– Молам? – не ја разбра Гордан.
– Мислам на онаа мелодија, „Стрејнџерс ин д’најт“. Беше популарна во мое време. Ние, знаете, мечтаевме со неа. Шетавме во мислите под облакодерите на Њујорк… – рече жената – Таа слика постојано ми се враќа… Наоколу летаат долги црни лимузини, жолти таксија, испарува од шахтите на подземната железница, неонот свети по влажниот асфалт, а од некаде се слуша саксофон. Во близина, некој, со душа свири џез …
– Реп. Денес таму се свири Ист коуст хип-хоп – се обиде да објасни Годан, но таа не го слушна и продолжи:
– … А ти, ти гледаш, збунет од светлините што блескаат на сите страни. Се капеш во светлина. Неонот ти игра по лицето, а градот околу тебе блеска. Шеташ по Бродвеј и, наеднаш, некој те вика… – и се сврте кон Гордан – Како Ви беше името, младичу?
– Гордан.
– Ете – продолжува таа – Некој Ви довикнува: „Гордон!, Гордон!“. Вие се вртите. Не Ви се верува. Само два чекора зад Вас, со цигара во раката, со една ноншалантна, мангупска насмевка, стои тој…
– Кој, ма? – бупна неочекувано човечето со железничарското капче.
– Френк. Френк Синатра – му вели таа на Гордан не обрнувајќи внимание кон типчето.
– Бед Бо, госпоѓо. Да Гангста’. Така го викаат. Он е мој омилен рапер. Прави жестока музика. Немојте да ме разберете погрешно, но Синатра е одамна мртов.
– Како за кого, младичу, како за кого! – не се даваше, таа со насмевка на лицето, и во истиот дух продолжи: – Но сеедно, нека е и тој Вашиот… Важно, тој стои во маглата од пареа и од асфалтните испарувања на светнатата улица, и додека Вие останувате изненаден, Ве повикува, на чашка, во барот, тука, во соседство, во некое тивко уличе зад аголот… Така е, нели?“
– Можда. Од кај знаете? – погледна зачудено Гордан во неа.
– Од искуство, младичу – се насмевна возрасната госпоѓа – Тој сон го сонувала и мојата генерација. Јас сум, знаете, учителка… Втора генерација по војната. Во оваа земја сите исто фантазираат. Се менуваат само имињата на ѕвездите и на местата. Мојата генерација фантазираше за Хари Џејмс, Естер Вилијамс и за Калифорнија. Наредните генерации за Битлси и за Лондон. Вие, ете, за овој Њујорк и за тој, гангстерот. Јас за она време и Синатра. Моделот е ист. Нема ништо ново, младичу.
– Ништо ново – повтори одненадеж, но овој пат подзамислено, типчето под железничарската капа: – И мие така сме се занесуеле. Исто по амерички ганстери. Не само ја, сите у маало… Као божем сме у Чикаго, знаеш у оноа време – Елиот Нес и прохибиција на алкохол… А бе мали, сигурно не сакаш од ракиичкава? Земи бе, дете, ќе се каеш.
– Не сакам! – остро му одврати Гордан.
– Ајде престанете да ни додевате со Вашите упаѓања – наеднаш грубо му се обрати и жената.
– Опа, и ти тетке почна оштро. Сте се сојузиле со емигрантов, свака час’! – одмазднички ѝ одврати старчето – А тоа сонот, да знаеш, ептен ти е бајат!
– … Инаку, исто било и пред тоа, тогаш Париз бил во мода… – го засили гласот и продолжи таа, обидувајќи се да не му обрнува внимание на зајадливецот.
– И Ориент-експрес. Воз на линија Цариград-Париз-Лондон, и обратно. Алè-ретур – одново се јави типчето, дофрлајќи кон Гордан – Све е исто, бе, вие личите на нас. Нема бегање. Све ти е овде само едно – алè-ретур.
– Не личам ја на никого – му се зададе Гордан – На себе личам. Дури ни на татко ми. Ја поише личам на некој откачен хакер од Вајоминг, него на вас.
– Да де, а ја аутоматски личам на Хемфри Богарт од филмот „Афричка краљица“.
– Видете се какви сте, бе – експлодира Гордан – Као карикатури од прошли век.
Жената изненадено го погледна. Таа беше стаписана од реакцијата на Гордан.
– Тачно – фати да покажува нерви тврдоглавиот железничар, не можејќи да го скрие задоволството што конечно го извади од колосек младиот соговорник – И сме се дружеле со анумки, со револуционери, со паши и со бегови. Ја, лично, од табакерата на Гоце Делчев сум изгребал цигарче, а на Кемал Ататурк место стариот фес, новата шубара сум му ја продал. Ја набавив овде, кај скопските кожари. За Гоце и за Кемал си слушнал ли?
– И за Тито! – викна иритирано Гордан.
Старчето застана како почудено.
– Е, за него ја нејќу да чујам! – рече со пизма железничарот откако пред тоа направи збунета пауза.
– За него Словенците отворија специјален веб-сајт.
– Што отвориле Словенците за него? – потпраша каприциозното човече со еден воедно лут, но и љубопитен фалсет.
– Страница на интернет – нервозно се обиде да му објасни жената.
– Што страница бе. Книги олкаи нè терале да читаме за тоа говедо, не една страница…
– Залудно е, младичу – се јави жената со подучителен тон, обидувајќи се да го продолжи прекинатиот разговор со Гордан: – Нема повеќе фантазии. Ги немате особено во Вашата генерација. Сонувате, како што рече… човеков, бајати соништа за светот. Не гледате ли дека светот е сега овде. Денес светот е во принцип таму кајшто е најжестоко.

2018-08-21T17:20:59+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 75|