Дваесет и првиот

Дваесет и првиот

(извадок од романот)

28.
Маја се смести во собата во еден стар приватен пансион во пределот на даунтаун, со десетина тесни соби што од прозорецот се издолжуваа во длабочината на зградата, кон вратите од тоалетот и од излезот на спротивната страна. На средина, исто така вдолж, беше поставен нејзиниот кревет со перницата положена поблизу до прозорецот. Маја ја постави обратно, кон влезот, зашто сметаше дека е подобро додека лежи да гледа кон прозорецот одошто кон тоалетот. Собата се наоѓаше на првиот кат и гледаше на малата улица со скромен дрворед, поточно на круните од едно проретчено дрво. Првото утро што осамна во нејзината долга и тесна соба ја разбуди играјќи ѝ со утринските сенки по лицето. Маја погледна преку прозорецот и забележа дека над крошните на кои се појавија првите пожолтени лисја, добар дел од небото го покриваа силуетите на двете грандиозни згради на Светскиот трговски центар. Низ главата ѝ помина мисла дека додека е тука нема да го види сонцето низ прозорец, што ја сневесели, но брзо се утеши дека и онака во Скопје акумулирала доста сонце за целата претстојна година во Њујорк.
Пансионот имаше телефон што висеше долу, покрај самата врата на влезот. Маја по втор пат уфрлаше паричка во апаратот вртејќи го бројот во Скопје.
– Ало? – се чу женски глас од далеку.
– Добар ден, тетка Станка – рече Маја донекаде збунето – се извинувам, може ли да го чујам Гордан?
– Маја, ти ли си? Па како си, дете? – го распозна, иако за првпат разнежен, гласот на мајка му.
– Јас се јавувам од Америка. Добро сум. Ве молам, дома ли е Гордан? Линијата скоро ќе ми прекине бидејќи се јавувам од јавен телефон… а немам повеќе ситни пари.
– Гордан само што ззз… – не го дочу одговорот од Скопје.
– Да не заминал?
– Да душо. Замина и тој. Сега треба да е на возот за Виена…
– Рече ли дали ќе ме побара кога ќе стигне?… – викна Маја во слушалката.
– Рече дека… – успеа само да чуе Маја и линијата се прекина.
Во слушалката ечеше само празниот сигнал.

29.
– Ние се бориме, бе! – викна човечето со железничкото капче на глава – Цел живот се тепаме. Што сме ние криви што имаме толку непријатели. Сите од надвор се против земјичево.
– А овие од внатре, сите се за него, така? – одврати Гордан без призвук на лутење, сепак решен тука да заврши со овој откачен разговор и конечно да излезе на перонот од кој допираа јулските воздишки од врел воздух.
Спокојниот одговор го остави лутото човече со подзината уста. Неговото предизвикувачко однесување претпоставуваше и силовита реакција, но до неа не дојде. Дали поради тоа или од наплив на пизма, тој додаде уште малку масло на сопствениот оган.
– Това сега не е битно – грмна типчето, ја тресна железничарската капа на клупата и фати да мавта со рацете – Сега се брани земјава, иднината на генерациите. И погледна во него, па со задоволство додаде: – Само не ја бранат сите. Син ми ја брани, а некои бегаат. Бегаат у Европа и у Марибор. Место бранители, поише сакаат коњушари да бидат – се навали на седиштето и ја натна железничарската капа преку очи како да сака да се исклучи од разговорот и да задреме.
– Извинете, млад господине – се јави одново жената и му даде знак да не обрнува внимание на напливот пизма – Ме интересира зошто заминувате за… тоа место. Како го рековте…
– Парамарибо – мирно рече Гордан.
– Тоа место… Пар… Постои ли навистина такво место, или е тоа некоја Ваша утопија?
Кирил ја тргна капата, се исправи на клупата и од зембиљот покрај него извади едно пагурче, го отшрафи и пивна од лутата пијачка гласно мласкајќи со устата, додека на испиените образи му се појавуваа дупки. Правејќи се дека не забележува ништо од тоа, жената во цветниот фустан продолжи мирно и заинтересирано да разговара со Гордан.
– Парамарибо? Постои. Се наоѓа на Карибите. На друг континент е и личи како да е на друга планета…
– И марсовци ќе станете, да му’бам мајката, само да не сте тука – мрмореше зајадливото старче преминувајќи со раката по посивената куса, остра и неуредна коса. Држејќи го пагурчето со ракија во другата рака, тој одново гласно се јави… – Ало, да не сака некој голтка?…
Гордан гледаше во невротичното старче не знаејќи што да преземе.
– Не обрнувајте внимание – му рече жената – Ме интересира, што барате таму? Младите обично заминуваат во развиените земји…
Железничарот одново ја накрена ракијата кон устата.
– Прво сакав да одам во Америка… – рече Гордан.
Старчето гласно ја исплука ракијата што само ја повлече од пагурчето.
– Е таму, таму! – рече со задушен глас Кирил – Баш таму и ти личи!
Жената одмавна кон натрапливиот железничар и го насочи сето внимание кон Гордан.
– … Потоа сменив план. Иако Америка сè уште ме влече – дообјасни Гордан и пак се направи дека не го слушна каприциозното чиче.
– Што не му текне бе на некој да иде за Русија? – стариот гласно го стави пагурчето на клупата покрај шапката и се сврте кон нив: – Земја на наука и техника. Сите запнале само „Америка, па Америка“!… Со генерации е така. Место по знаење, ние на печалба идеме. Затоа и дојдовме до овде. Еден Миладинов што отиде у Русија, и толку.
– Двајца – му дофрли Гордан.
– Што? – луто праша старчето.
– Димитрија и Константин Миладинови – дообјасни младичот.
Жената направи израз како да се исчудува.
– Ја мислев само на Константин. Он ја напиша онаа наша песма – „Туга по Југа“.
– Господе боже! – извика нервозно жената, скандализирана не толку од незнаењето колку од настојчивоста на човечето.

2018-08-21T17:20:59+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 75|